Насловна / Вести / Целосна летаргичност во македонската архитектура

Целосна летаргичност во македонската архитектура

godisno_sobranie_aam_thumb.jpgЧленовите на ААМ го усвоија Правилникот за конкурси, и донесоа одлука да ја повикаат Комората
на овластени архитекти и инженери да свика Годишно собрание, со што се верува ќе се стави крај на
енормното незадоволство на струката, предизвикано од нејзината неактивност и незаинтересираност.
Во Македонија има 2.000 регистрирани архитекти, а само 60 од нив се регистрирани со членарина во ААМ.

Со усвојување на Правилникот
за конкурси, и одлуката да
ја повикаат Комората на
овластени архитекти и инженери
да свика Годишно собрание, со
што се верува ќе се стави крај
на енормното незадоволство на
струката, предизвикано од нејзината
неактивност и незаинтересираност,
заврши редовното Годишно
собрание на Асоцијацијата на
архитекти на Македонија. На него
присуствуваа 34 од вкупно 60
членови со платена членарина на
Асоцијацијата. Ова беше повод
за претседателот на ААМ, Даница
Павловска да констатира дека
бројот и структурата на присутни
членови е јасен показател дека и
во Асоцијацијата владее целосна
летаргична состојба, која е во
согласност со целата положба
на архитектонската струка во
Македонија. Згора на тоа не
беа присутни ни поканетите
претставници на Комората
на овластени архитекти и
инженери, ниту пак одговориле
на поканата, што предизвика
низа негативни коментари и
реакции меѓу присутните.
Како и што се очекуваше, две
мошне актуелни теми доминираа
на Собранието. Најголем интерес
од страна на присутните беше
разгледувањето и усвојувањето
на Правилникот за конкурси,
како и дискусијата за работењето
на Комората на овластени
архитекти и инженери.

 

Правилникот – Ургентна потреба

„Целта на донесување Правилник
за конкурси е давање форма
и нормативи за одвивање на
конкурсите. Досега не постоел
правилник според кој тие би се
спроведувале. Во некои земји,
ваквиот документ претставува
подзаконски акт, потпишуван од
министерот за урбанизам или
градежништво“, изјави архитектот
Радомир Лаловиќ, кој го изработил
овој документ. Инаку, според
изјавите, истиот Правилник бил
изработен според концептот на
хрватскиот правилник, кој пак бил
работен по теркот на германскиот…
„Овој правилник претставува
основа за правилна партнерска
соработка на сите сочинители
на конкурсот, и го поттикнува
развојот на културата на градење
во Македонија со остварување на
естетски, економски, социолошки,
еколошки и технолошки цели", стои
во преамбулата на Правилникот.
Истиот беше изгласан и усвоен
на ова Собрание, со што стапува
во сила од датумот на негово
одржување. Сега се очекува негово
потврдување и поддршка од КОАИ и
Министерство за транспорт и врски.

godisno_sobranie_aam_1.jpg 

Фиктивна комора
со сомнително
финансиско работење

Како што спомнавме, и на ова
Собрание на ААМ, како и на
претходните, немало никаква
реакција, одговор, ниту пак
присуство на претставници на
Комората на овластени архитекти
и инженери. Во дискусијата се
спомна дека Комората на овластени
архитекти и инженери е основана
во март 2006 година. Во нејзиниот
статут и во законот, за нејзино
делување стои дека е потребно
да одржуваат редовни годишни
собранија. Меѓутоа, од овој датум
до ден-денес КОАИ нема одржано
ниту едно собрание, или каква
било слична активност според
пропишаното делување. Од друга
страна, работата на Комисијата
за доделување на овластувања
на архитекти и инженери при
Комората, непречено се одвива.
Секој овластен архитект плаќа
годишна членарина во КОАИ во
висина од 80 евра. Во 2010 година,
КОАИ имала 4.547 членови, а во
2011 година 5.010 членови. Од нив
1.551 се регистрирани архитекти.
Според некои пресметки, по
овој основ на сметката на КОАИ влегувале околу 764.000 евра.
Вкупната сума со сите приливи,
според претпоставките, изнесува
околу 1,5 милиони евра. Бидејќи
Комората не евидентира дејствија
и активности, логично е да
нема расходи. Финансиското
работење е крајно сомнително,
беше истакнато во дискусијата..
Според самите архитекти, тие
се соочуваат со голем проблем
бидејќи единствениот државен
орган, кој според законот е
надлежен да ги застапува и да ги
заштитува нивните професионални
интереси и авторски права е
дисфункционален, а згора на тоа и
нелегален. Имено, на основачкото
собрание на КОАИ, делегацијата
на ААМ демонстративно го
напуштила состанокот, бидејќи
предложените амандмани за смена
на лицето одговорно за секторот
на архитектура во рок од 6 до
12 месеци, не биле прифатени.
Оттогаш, според ААМ, лицето кое
е поставено на оваа функција е
некомпетентно и со неограничен
мандат. Без итно одржување на
следно собрание ваквата состојба не
може да се корегира. Во контекст на
ова, спред присутните, очекувањата
од КОАИ не се исполнети, и затоа е
евидентно општото незадоволство
од нејзиното функционирање.
Затоа ААМ, повикувајќе се на една
од двете можности пропишани во
Статутот на КОАИ за свикување
на итно Собрание, се одлучи да
почне организирано собирање на
потписи од страна на архитектите
членови на КОАИ во текот на
летните месеци. Според нивните
предвидувања, штом ќе биде
собран потребниот број потписи
– една третина од членството,
ултимативно ќе се бара одржување
на Собрание на Комората на
овластени архитекти и инженери.
Доколку и оваа конечна мерка
која ААМ може да ја преземе не се
покаже успешна, архитектите ќе се
обратат правно и аргументирано
кај јавниот правобранител.
Во расправата се истакне дека КОАИ
е во ресорот на Министерство за
транспорт и врски на Република
Македонија. Па доколку се создаде
спор кој би довел до обраќање
на повисоките нивоа, многу е
веројатно дека Министерството ќе
ги преземе ингеренциите на КОАИ,
со што состојбите би се уназадиле и
десетгодишните напори за нејзино
создавање би „пропаднале во вода".

 

ААМ работела со
полна пареа

Што се однесува до работата на
ААМ во периодот меѓу две собранија
беше истакнато дека постојано
биле следени случувањата врзани
за архитектонската пракса и
теорија, со активно учество на
Асоцијацијата секаде каде што
тоа било можно и финансиски
остварливо. Според искажувањата,
ААМ успеала да ги активира
архитектите (новооформената Група
за урбанизам) во презентациите
на урбанистичките планови, со
дискусии и коментари (искажани
и набележани во писмена форма),
а сето тоа добило и соодветни
рефлексии во јавните медиуми.
Се работи за активности во кои
стручната јавност се јавува во
функција на општите интереси
на граѓаните, за потикнување и
покренување на јавната свест како
фактор во одлучувањето, иако се
знае дека постои реална потреба
од нови системски решенија во
просторното и урбанистичкото
планирање. Според предложената
и усвоена програма за натамошно
делување на ААМ, намерата е
зголемување на присутноста
во стручната средина, подобро
позиционирање и зголемување
на влијанието на претставниците
на оваа професија, промоција на
самата Асоцијација на архитекти
на Македонија преку присуство во
јавноста и достапност за мислење,
изјава и критика во домен на
професијата, и подигнување
на самосвеста како клучна за
успешно функционирање.

godisno_sobranie_aam_2.jpg 

Омасовување на
членството

Она што беше интересно, но и
поразително да се слушне во
однос на самата Асоцијација, е
дека постои отсуство на младите
архитекти во работата на ААМ.
Така, дел од присутните имаа
забелешка за самата возрасна
структура на членовите на ААМ. И на
самото Собрание беше евидентно
отсуството на помлади претставници
на фелата, како во однос на нивното
присуство така и во однос на
членството и заинтересираноста за
настаните поврзани со професијата.
Се дојде до констатација дека
се работи за слаба и недоволна
анимација на „подмладокот".
„Има зошто да бидеме посрамени.
Имаме над 2.000 регистрирани
архитекти во Македонија, а само
60 од нив се регистрирани со
членарина во ААМ. Доколку не
се преземат мерки за пошироко
членство, може да се случи дури
и оваа цифра, која претставува
само три отсто од вкупниот број на
овластени архитекти во државава,
нагло да се намали или преполови“,
изјави професорот Михаил Токарев.
Од друга страна, членството во
Комората на овластени архитекти и
инженери (KOAИ) е задолжително,
со членарина во висина од 80 евра.
Членството во ААМ е изборно,
членарината е 1.000 денари,
а пак бројот на членството е
поразителен. „Членството во ААМ
би требало да биде синоним за
престиж, како што е членството
во Royal Institute of Brittish
Architects – RIBA“ рече Токарев.
Според одредени реакции на
присутните, во однос на медиумите,
архитектурата треба да има
поспецифично место и улога. Во
настани како што е Годишното
собрание, не е важен бројот на
присутните медиуми, туку медиуми
кои се релевантни на професијата,
бидејќи се обработуваат деликатни
теми за кои е важно исклучиво
стручно мислење, и затоа нема
потреба да бидат споделувани
со пошироката јавност. Од друга
страна, работењето на ААМ е
транспарентно, и токму затоа е
потребно активно информирање
и промовирање преку медиумите.
Па затоа, од присутните беа
предложени и заложби за
поагресивен настап и поголема
покриеност од страна на медиумите.
Архитектот Трајко Димитров на
колегите им предочи за потребата
да се води „битката“ на сопствен
терен, со што архитектите би
нижеле успеси и афирмации
во она во што се најдобри –
професијата. Според него, тоа
би било повидливо доколку се
воведат повеќе наградни конкурси,
како на пример признание за млад
архитект или награда „Златна
малина во архитектурата" и слично.

 

Леонида Пенка БАША

 

Испрати коментар

Scroll To Top