Насловна / Архитектура / Социјални морфологии

Социјални морфологии

socijalni-morfologii-5.jpg

Овој текст се обидува да осознае релации во социјалниот реалм на општеството и е апстрактод социо-урбанистичка студија на тема "Социјална морфологија – област на изучување: Скопје". Односно методолошките и концептуалните предизвици, со кои социјалните науки се соочуваат поради промените на традиционалните простори и перцепции на општеството. 
Во овој контекст, тезата се обидува да изнајде релации помеѓу постсоцијалистичката архитектура и нивото на социјалното и интелектуалното однесување; гледано преку примерот на Скопје помеѓу 1963 – 2014 година.
Социо-технолошката природа на градот е растеглива. Помеѓу таа вискозност ги истражува импликациите од вмрежувањата на територијалните феномени, идентификувајќи хомеостази од урбанистички системи, додека во исто време ги открива аспирациите што конфигурираат некој урбанистички идеал. 

socijalni-morfologii-1.jpg

Градовите како алка во еден патерн, докажуваат дека во урбанистичкиот дискурс, знаењето е неделиво од акцијата. Во модерната ера каде градот се бори да добие некое си ниво на самоодржливост, битката на функцијализмот веќе заоѓа. Оттука, ако семиотски се преведе на јазикот на менталитетот, ќе се прочита дека на Скопје му недостасува знаење. Овој феномен на скорешните случувања (од 1980 па наваму) во урбанизмот на новото и старото Скопје, рефлектира различен приод кон изучување на градовите. Денешно Скопје репрезентира од една страна полигон за обучување на идни урбани планери, додека пак од друга музеј на скелети од ерата на метаболизмот замрзнати во својот моментум, а негирани од својот сопственик. Политичките натегања кои беа потикнати во "времето на земјотресот", беа кумулација на едно развиено сценарио од страна на Обединетите нации, од кое произлезе поканетиот конкурс на супер- ѕвездите.

Скопје требаше да прерасне во една блескава нова метропола, која требаше да ги рефлектира сите оние аспекти кои и недостасуваа на Југославија. Флуктуациите на политичкиот режим во регионот, менување на моќта како и амбицијата што спонтано почна да се распаѓа, го поведе Скопје по една скурилна патека на развиток (апстиненција?). 

socijalni-morfologii-2.jpg

Денешните аспекти се мистериозни ако не и сомнителни. Не е урбаниот дизајн за кој сум загрижен, туку за народот чија мисла почна интелектуално да тоне. Урбанистичкиот полигон може лесно да се престрои во социјолошки дискурс, кој нуди одговори на поединечни шеми на однесување. Со опсервација, се забележува специфична конекција помеѓу Градот и Корисникот. Ако го дисектираме низ периоди, урбанистичкиот процес ни открива поврзаности помеѓу промената на социјалните однесувања. Како се случуваат тие промени и како се интегрирани во биологијата на градот?

КОЛЕКТИВНА МЕМОРИЈА

Водичот Лонли Планет за Скопје вели: "Најмногу што не погодува за градот е тоа што сè уште се познава тешката шапа на комунизмот во својот дизајн. Најголемиот дел од градот е реизграден во 60-тите по земјотресот, во стилот на комунистичкиот бетон. За 50 години, можеби мудрите на долго и широко ќе го величаат овој супериорен ансамбл од бетонски станбени блокови, широки авении правени за тенковски паради, како и чудни футуристички објекти. Но на сегашното око, можеби градот личи малку грд". Дали тоа размислување е сегмент, односно реминисценција на светскиот глобализам, кој во тој аспект наметнува мислења, кои од хероите на модерната се обидува да створи банални личности од минатото? Во тој контекст, треба да се размислува за меморијата. Секоја индивидуа, социјален профил, носи со себе специфичности, кои во инстанци создаваат, односно имаат моќ да генерираат поширока слика и истата да ја наметнат. Значи меморијата. Во продолжение на тој контекст се наметнува размислувањето и кон брзината на информацијата. Преносот на информацијата во глобални рамки денеска е од најзначаен аспект, кој пак со својата брзина станува се понесигурен во улогата што ја носи. Не станува збор за сигурноста, туку најмногу за валидноста на аргументите, кои остануваат да висат некаде, провидни и лесни. 

socijalni-morfologii-4.jpg

Оттука се наметнува темата колективна меморија, за која Халбвакс елаборира низ теза која вели дека општество може да поседува своја колективна меморија и таа меморија е зависна од кадарот, односно од сегментот во кој одредена група на луѓе е позиционирана во тоа општество. Така што не постои само индивидуална меморија, туку и колективна која постои и живее надвор од индивидуалното. Консеквентно, индивидуалното разбирање на минатото ќе биде силно врзано кон групната свесност, односно кон колективната меморија. Инстанците што едно општество ги преживува во текот на еден свој циклус (промена на генерации) создава своја колективна меморија; ги препишува бајатите податоци останати како артефакти, заедно со скелетите од метаболистичката ера во музејот наречен град, осудена на дезинтеграција и интелектуална апстиненција. Го користам терминот "апстиненција" како знак на оптимизам за циклусот, кој со оваа теза го предвидувам: биолошкиот. Оваа непостојаност, оваа ритмика на живата материја и интелектуална мисла, секогаш е осудена на транзиција. Најверојатно, општото движење и инерција на космосот за кој се мисли дека е пулсирачки (со свој биоритам), на урбанистичко микро ниво е во фаза на собирање. Интелектуалната мисла е во фаза на смалување како неминовен дел од циклусот. Мора да го достигне својот минимум за оттаму да тргне кон освојување на нови максимуми. Но при овие транзициски периоди, полето на дејствување не е секогаш исто. Единицата мерка се менува и димензијата на трансформација е секогаш различна. Итало Калвино вели дека секој град зад својата видлива структура има свој невидлив град кој со интелегентни и прецизни потези го движи развитокот на оној видливиот. Исаура е град – слика, чии граници се протегаат до онаму до каде подземните бунари полни со вода се протегаат под неговиот физикус. 

АРХИТЕКТУРА ЗА ЧОВЕК

Главна спона помеѓу транзицијата на социјалната мисла и акцијата е градот. Тука мора да се елаборира терминот "град": што е физикусот на еден град? Аспектите што се земаат за релевантни во овој социо- архитектонски дискурс, се најверојатно тесно поврзани не со градежните науки, туку со оние социолошките. Генеричкиот град на Рем Колхас можеби е најрелевантен пример во оваа плејада терминологии кои новиот урбанизам ги кова. 

socijalni-morfologii-3.jpg

Терминот "генерички" е збор кој се обидува да објасни продукт (варирајќи од шише кока кола сè до ресторан или зграда) не е индивидуален сам по себе, туку инстанца во корпоративниот идентитет, на неговиот бренд, врста. Оттука не е специфичен, туку генерички, буквално припаѓа на своја сорта (генус). Според Мајкл Соркин, кој го воведува терминот генерички урбанизам и Колхас кој го креира уште поразбирливиот термин "генерички град", градот станува генерализиран. Начинот на кој се градат аеродромите, насекаде се исти, без идентитет, без центар, без историја … Колхас се обидува на својот делумно ироничен, делумно циничен начин да го види ослободувачкиот потенцијал на ваквите градови. Тоа е вмрежен град, технолошки град, односно град со кој владее логиката на капитализмот. Скопје е генерички град.

ТРИ ЕРИ

Секој град сака да стане медитерански; климата е медитеранска, менталитетот е медитерански, кујната е медитеранска ќе речат. Генеричкиот град е град на симулации (тука Соркин и Колхас се сложуваат). Историите се препишуваат во специјални зони за препишување истории. Градот како тематски парк репродуцира генерички истории и генерички модернизми. Метрополата како долгорочен историцизам е многу млада. На почетокот на 19 век, Париз и Лондон биле сè уште млади градови. 

Њујорк сè уште не постоел како град. Лос Анџелес не бил ниту на мапа. Оттука историјата на модерната метропола може да ја поделиме на три ери: парната ера, петро-хемиската ера и микро електронската ера (или ембламатски: возот, автомобилот и интернетот). Во парното доба, градот прерасна во метропола. Првата индустриска револуција со демографскиот бум ги претвори Париз и Лондон во метрополи. Со преминот од индустрискиот кон постиндустрискиот град, односно од петро-хемиската кон микроелектронската ера, историскиот центар е маргинализиран (оставен на милост и немилост на туристите или емигрантите). Во таа насока самиот жител станува турист на својот град. Жителот денеска може да живее секаде сè додека е вмрежен. Деурбанизацијата како вирус се шири по електронските патеки, кои човекот тврдоглаво и неминовно ги тапка. Архитектурата за човек несвесно преоѓа во "без-географски град", кој ги реконфигурира социјалните морфологии на скурилен начин, исто како онаа патека на развиток на Скопје, патеката на апстиненција.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top