Насловна / Екологија / Имели – полупаразитски растенија

Имели – полупаразитски растенија

imela-thumb.jpgИмелите се полупаразитски растенија бидејќи од растението домаќин ги користат неорганските материи, а со помош на зелените ливчиња и сончевата светлина сами произведуваат органска материја потребна за нивниот раст и развиток.

Во Република Македонија се утврдени три видови полупаразитски имели кои како домаќини ги користат широколисните и иглолисните растенија. Имелите ги паразитираат физиолошки ослабените стебла, односно претставуваат секундарна појава. Иако овие полупаразити почесто се среќаваат кај шумските дрвенести растенија и не ја загрозуваат урбаната дендрофлора, сепак може да се забележат како паразитираат на зелени површини, односно дворови на викендички и вили во периурбани средини, најчесто на дрвни видови соодветни на околната вегетација.

 

ИМЕЛА (Viscum album)
Имелата е зимзелен полупаразит. Претставува мала грмушка со заоблена форма, со спротивно распоредени елипсовидни ливчиња, цврсти (кожести) и со светлозелена боја. Гранчињата се зелени. Цветовите се мали, најчесто во пар, во пазувите на ливчињата што се наоѓаат при врвот. Цветањето се одвива напролет. Имелата има плодови во топчест облик. imela-1.jpgТие се неугледни, ситни и лепливи, бели или со бледожолта нијанса. Созреваат наесен, а се распространуваат благодарение на птиците. Имено, оние плодови што нема да бидат изедени од птиците, паѓаат и се налепуваат на кората од стеблата. Со ‘ртење на семето тие се вкоренуваат во дрвото на домаќинот (пуштаат т.н. хаустории). Оттаму ги црпат неорганските материи, а потоа со помош на хлорофилот во нивните ливчиња и сончевата светлина, создаваат органска храна која ја разнесуваат до сите клетки на имелата.
Кај нас се најпознати вариететите што паразитираат на стеблата од иглолисните дрвја, особено на елата (Abies borisii regis), како и во крошните на белиот (Pinus sylvestris) и црниот бор (P. nigra).

 

ДАБОВА ИМЕЛА (Loranthus europaeus)
За разлика од претходниот вид, дабовата имела е листопадна полупаразитска грмушка. Ливчињата се темнозелени, јајцевидни или со издолжена елипсовидна форма. imela-2.jpgГранчињата се темносивкасти и кршливи. Цвета напролет, по пролистувањето, со мали бледозеленкасти до жолтеникави гроздести соцветија. Плодовите се ситни и издолжени во облик и боја на крушка, со леплива материја. Зрели се наесен или во зима. Се распространуваат слично како и претходно споменатата имела, со птици.
Во Македонија, оваа имела се забележува најчесто врз дабовите (Quercus spp.) и костеновите стебла (Castanea sativa).

 

СМРЕКОВА ИМЕЛА (Arceuthobium oxycedri)
За оваа имела е карактеристично тоа што се разликуваат машки и женски единки, поточно се работи за дводомен вид. imela-3.jpgСмрековата имела претставува мало зимзелено полупаразитско дрвенесто растение, со игловидни лушпести ливчиња и многу мали цветови и бобинки. Интересно е што со помош на хидростатскиот притисок кој го создаваат анатомските делови на имелата, лепливиот плод се исфрла за да може да се залепи на некое стебло, а потоа да ги вкорени хаусториите и да започне со својот раст и развој како нова индивидуа.
Кај нас смрековата имела е најчеста на црвената смрека (Juniperus oxycedrus), а понекогаш се јавува и кај модрата смрека (J. communis) и многу ретко паразитира на смрделиката (J. sabina).

 

Текст и фото: м-р Бојан Симовски
Катедра за ботаника и дендрологија
УКИМ Шумарски факултет во Скопје

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top