Насловна / Архитектура / Капела на тишината

Капела на тишината

kapela-na-tisinata-thumb.jpg

Во центарот на најголемиот град во Финска, Хелсинки, се наоѓа најпрометниот плоштад во земјата, Наринка, низ кој илјадници луѓе поминуваат секојдневно. Во срцето на овој плоштад се гради мала капела која има за цел да понуди, барем накратко, мир во мислите на минувачите што ќе ја посетат. Токму затоа е наречена Капела на тишината. 
Архитектите (K2S Architects) се погрижиле навистина ова чувство да се долови и со изборот на материјал за изведба на објектот. Како основен материјал за конструкцијата, фасадата и ентериерот е избрано, секако, дрвото. Племенитата текстура и топлиот амбиент на дрвото е доволен за во тој централен урбан амбиент човекот да доживее допир со природата.

Градбата на капелата е започната во март 2011 година, а се очекува во 2012 година на пролет да се заврши и пушти во употреба. Капелата, по нејзиното пуштање во употреба, ќе биде отворена од раните утрински часови до вечерта, овозможувајќи на луѓето да ја посетат во кој било период од денот.

Со заоблената форма, капелата одлично се вклопува во амбиентот на плоштадот. Во исто време, нежниот ентериер ги примамува и заштитува луѓето од надворешниот брз градски живот.

Конструктивното решение на капелата е изведено со лепени ламелирани носачи од дрвото смрча. Од бетонската подлога, носачите се издигнуваат нагоре во вид на полулакови, а во врвот се поврзани меѓусебно со хоризонтални греди за стабилност. Заради максимална контрола на квалитетот на изработката на дрвените носачи, тие се целосно префабрикувани. Во фабрика се комплетно обработени со ЦНЦ машини и спремни само за монтажа на градилиште. Со ваков начин на работа, квалитетот и временската рамка за изработка на проектот се значително подобрени. Фасадата на капелата се планира да биде изработена од дрвени елементи од видот бор, бичени по ред за да се наставуваат дрвните годови и да претставуваат една визуелна целина. Како посебен предизвик ќе биде свивањето на дрвените елементи за фасадата и нивното наставување по должина. Ова наставување по должина е се со цел да се добие една мазна заоблена површина околу конструкцијата, така што не би требало да се забележи каде се составуваат дрвените елементи од фасадата по должина. Ентериерот исто така комплeтно ќе биде изработен од дрво. Внатрешната дрвена облога ќе биде изработена од Евла премачкана со маслен премачкувач, а исто така и клупите за седење се направени од масивно дрво.

Акустичните својства на капелата се посебен предизвик, но со избор на материјал како дрвото, и конструктивното решение, може успешно да се реши проблемот.
kapela-na-tisinata-1.jpg
Специфичната позиција на градежната локација, која се наоѓа во центарот на гадот, предизвикува дополнителна тешкотија во изградбата на објектот. Веднаш до градежната локација се наоѓа влез во подземна гаража за голем трговски центар која треба непрекинато да работи за време на целиот период на градба. За успешно и непрекинато извршување на сите фази на градбата, во периодот на проектирање треба да се предвидат и испланираат сите работи како логистика, динамика на работен план, заштита на градилиштето и слично. Во фазата на проектирање на објектот во делот на компјутерска обработка на објектот се употребувани 2Д векторски цртежи и 3Д површински модели. Како основна алатка за изработување на 2Д цртежите се користи програмот Autodesk AutoCad, додека за 3Д моделите се користи Autodesk Rhinoceors.

Користејќи ги овие документи како почетна точка, понатаму целото конструктивно моделирање се изведува во Allplan Engineering.

Оттука, сите видови на цртежи за проектот како основи, пресеци, детали и 3Д модели се изведуваат во програмот Allplan. При зачувување на документите, тие можат да бидат со најразлична екстензија, правејќи ги прифатливи и за други компјутерски програми. 

kapela-na-tisinata-2.jpg

Потоа документите се зачувуваат на Интернет каде би можеле сите инволвирани лица да ги прегледаат и доработуваат во кое било време и на кое било место. Лепените ламелирани носачи технички се моделираат, исто така, во програмот Allplan, а како база се употребува моделот изработен во програмот Autodesk Rhinoceros. Со помош на техничкиот модел се задаваат нумеричките податоци за обработка на ламелираните носачи во цНц машина, за потоа комплетно да бидат обработени сите отвори, жлебови и слично. Овој начин на работа значително го олеснува целокупниот процес на обработка и подготовка на конструктивниот дел на објектот. Скоро е невозможно да се помисли во денешно време ваков тип на комплициран објект да се гради без помош од некој BIM (Building Information Modeling) компјутерски програм. 

kapela-na-tisinata-3.jpg

Како што погоре спомнав, архитектонското решение на објектот е изведено од "К2С Архитекти" од Хелсинки. За овој објект тие добија интернационална награда за архитектура 2010 година, доделена од страна на Музејот за архитектура и дизајн во Чикаго и Европскиот центар за архитектура, уметност и урбанистички студии, а која важи за една од најпрестижните награди од областа на архитектурата.

Интересни факти за објектот

– Капела (дрвена конструкција)

– 104м2 – Соба за состаноци

– 18м2 – Информативен дел и простор за изложби 

– 80м2 – Помошни простории – 64м2 

– Дел со апартмани – 266м2


Испрати коментар

Scroll To Top