Светскиот водечки систем за сертификација на одржливата архитектура ќе подлежи на големи промени во текот на наредната година, пренесе деновиве Мрежата на еколошки вести (ENN). Според информации од САД, познатиот LEED систем или Водечката улога во енергетскиот и еколошкиот дизајн која е стандард за зелен архитектонски дизајн веќе осум години, воведува построги правила за вреднување на придонесот на зградите во заштитата на средината. Предложените промен поддржуваат дизајни кои ќе го намалат влијанието на зградите врз глобалните климатски промени, јавува ENN.
Водечката улога во Енергетскиот и еколош киот дизајн (LEED) е утврден од невладината организација Американски совет за зелена изградба (USGBC). Сегашниот LEED систем одредува максимум од 69 поени за различни еколошки подобрувања на квалитетот на градбата. Зградата што ќе освои 26 поени добива сертификат, а поголем број поени се потребни за да се добие сребрен, златен или платинест LEED сертификат. Скапите зафати од типот на сон- чевите колектори се очекува да го подобрат рангирањето на зградата, но на сите категории на подобрувања LEED засега им дава иста тежина, со што некои подобрувања губат на значење.
– LEED често подлежи на критики зашто нема цврсти критериуми за проценка на направените подобрувања. На пример, добивате еден поен зашто сте поставиле држачи за велосипеди и тушеви и еден поен зашто сте заштедиле седум процент енергија. Зарем користа од двете постапки е иста – прашува Џери Јуделсон, архитект од Тусон кој предава на работилници за LEED сертификатите. Новиот модел за LEED сертификатите го нагласува архитектонскиот дизајн кој според USGBC дава најголем придонес за заштита на животната средина. Подобрувањата во дизајнот кои овозможуваат помала емисија на стакленички гасови и согоруваат помалку фосилни горива добиваат 34 од вкупно 100 поени. За една зграда да добие LEED сертификат потребно е да освои 40 поени, но при бодирањето не смеат да се занемарат факторите како пристапност и енергетска ефикасност, вели Скот Хорст, претседавач на управувачкиот комитет на LEED.
-Велиме дека климатските промени се најважната работа, затоа ставивме најмногу поени за подобрувања кои се однесуваат на климатските промени. Ако сакате сертификат, концентрирајте се на тие проблеми – изјави Хорст.
Новите критериуми за LEED сертификатот ставаат акцент на еколошкиот отпечаток на зградата во текот на целиот нејзин живот. Сепак, градежните потреби не се исти во сите региони на светот, па воведувањето на уште построги правила може да го усложни процесот на оценување. На пример, во сушните подрачја, зелените дизајнери се борат да балансираат меѓу вентилацијата и заштедата на енергија, односно ако повеќе топол воздух влезе во зградата, ќе биде потребна подобра вентилација. За да се реши овој проблем, предложените стандарди доделуваат локални, бонус поени кои се одредуваат според дизајнерските подобрувања кои придонесуваат да се обезбеди одржлив развој во дадениот регион.
Некои архитекти спорат со предложените промени. Тие велат дека во САД е потребен национален систем за евалуација на проектите, а не регионални разлики. Некои критичари, пак, велат дека систем како што е LEED не прави многу за навистина да ја заштити средината. Архитектот Џонатан Окшом, професор на Универзитетот Корнел вели дека зградите кои го имаат LEED сертификатот се смешни примери за подобрување кои повеќе служат за да се зголеми профитот на градежната фирма, а не да се зачува средината.
– LEED е начин за да се добијат позитивни поени од јавноста. Светот не е подобар како резултат на LEED – ја пренесува ENN изјавата на професорот Окшом.
Сепак, архитектурата што доброволно ја подобрува енергетската ефикасност, заштедата на вода и квалитетот на воздухот во затворено станаа многу популарни во последните две години, особено во Европа и во големите американски градови. Според статистиките на USGBC од минатиот месец, повеќе од 2.400 комерцијални и резиденцијални објекти во светот го добиле сертификатот LEED, а 14.000 очекуваат да го добијат. Движењето за зелена изградба има потенцијал значително да ги намали емисиите на стакленички гасови во урбаните зони. Во САД, 40 отсто од целокупната енергија се користи за осветлување, затоплување и за ладење на станбени и комерцијални згради, според официјалните податоци на Министерството за енергија.
E.К.
Објавено во број 90.