Насловна / Екологија / Енергетска Ефикасност / Енергетска ефикасност во згради – зелена стратегија за иднината

Енергетска ефикасност во згради – зелена стратегија за иднината

zelena-strategija-1.jpgКако земја кандидат за влез во ЕУ, преземаме обврска во своите
национални планови, според донесената Директива на ЕУ 2010, да
предвидиме зголемување на бројот на згради со енергетски потреби блиску
до нула. Актуелните европски тенденции за зголемување на бројот на
згради со енергетски потреби блиску до нула стануваат важни и во нашите
национални планови, а обврските што произлегуваат од европската
стратегија наложуваат обезбедување на механизми за нејзино спроведување
преку донесување на подзаконски акти, одржување на обуки и издавање на
сертификати за енергетските особини на зградите.

 

 Со таа цел, а во организација на EBRD – BAS (European Bank for Reconstruction and Development – Business Advisory Services), Европска банка за обнова и развој – Советодавен бизнис сервис и ТЕД Консалтинг, кон крајот на јануари, во пријатна атмосфера на хотелот Водно беше одржан неколкудневен семинар-обука за енергетска ефикасност во згради. Програмата поделена на повеќе модули започна со воведно излагање на организаторот и авторот на обуката м-р Живко Димов, дипл.маш. инж. експерт за термоенергетика и прв меѓународно сертифициран менаџмент консултант во Македонија, а слушателите ги поздравија директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија Лазар Гечевски, националниот програм директор на EBRD-BAS Македонија Маја Антеска, како и Елизабета Георгиевска претставник од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, институции кои го финансираа овој семинар.

 

Актуелните тенденции во градежниот сектор во земјите од ЕУ, начинот на кој тие се ефектуираат и нивната основна цел, како и состојбата во Република Македонија со енергетската ефикасност во зградите, механизмите за нејзино подобрување, изготвувањето на подзаконски акти и одржување на обуки беа темите за кои тој говореше. Посебно внимание привлече информацијата за подготовката на Правилник за ЕЕ во згради кој ќе биде даден на јавна расправа. Со него ќе се пропишуваат минималните барања за новите згради, енергетската контрола, правилата за проектирање и реконструкција на зградите, нивната типологија, евиденција и сертификација.

 

zelena-strategija-1.jpg

Стручниот дел започна со обука водена од д-р Сања Поповска Василевска, а се однесуваше на соларната енергија во зградите. Беа прикажани можните технологии за користење на соларната енергија во зградите, пасивното користење, термалните системи за санитарна вода и за греење, соларните термални системи за разладување, како и фотонапонските системи за производство на струја. Се анализираа главните компоненти на секој поединечен систем и се прикажаа примери од светската практика. Детално беше објаснет и поимот пасивна куќа со техничка спецификација, детали и примери. Низ посебни модули кои ја третираа проблематиката за обвивка на зградите, изведба на енергетски ефикасни фасади, ефикасни инсталации за греење, вентилација и климатизација, фотонапонски системи итн.,слушателите беа запознати со начините на природно осветлување, методологијата за подобрување на технологијата на зградите и згради со една и двојна обвивка. Исто така се презентираа подземните топлински пумпи, принципите на работа и дистрибуцијата на топлината, како и воздушните топлински пумпи, видови и опрема.

 

Презентацијата на модулите за употребата на био маса во загревањето на ЕЕ згради, преку табели и дијаграми ги даваше карактеристиките на одделните видови гориво и примери за чинењето при загревањето со таков вид гориво. М-р Петар Евросимовски ги запозна слушателите со ЕЕ во осветлувањето. По воведното објаснување за природата на светлината, температурата на боите, светлинските технички величини и видови светлосни извори, беа дадени примери за енергетски ефикасно осветлување. Следеше анализа на фотонапонската технологија за добивање електрична енергија и објаснети соларните фотонапонски материјали, типовите и начинот на работа. На крајот, со слика беа прикажани примери на различни типови фотонапонски системи и различни можности за нивно користење.

Своето долгогодишно искуство и знаење од областа на ЕЕ, м-р Живко Димов го пренесе зборувајќи за прелиминарна и детална енергетска контрола (ЕК), процедурите, состојбата со законската рамка за ЕЕ во Република Македонија, видови на ЕК, начин на спроведување, што треба да содржи извештајот за ЕК, како и за начинот, постапката и условите за избор на правни лица кои ќе вршат обуки за енергетски контроли. Модулот што следеше, презентиран од Димитар Болиновски, прикажа различни инструменти за енергетска контрола, а со термална камера практично беше покажана енергетската контрола на самата зграда на хотелот. Посебно беа објаснети методи за недеструктивна контрола, кога и како се применуваат, генералната процедура и како таа се применува на згради. Особен интерес кај присутните побуди приказот на извршената енергетска контрола на хотел во Охрид минатата година.

Постапно беше објаснета процедурата на деталната енергетска контрола, предложените енергетско ефикасни мерки и нивните технички решенија. Тој хотел сега е во фаза на реконструкција. Управувањето и одржувањето во зградите како важен дел од енергетската контрола беа разгледувани одделно и детално. На крајот од обуката ЕЕ во згради беше разгледувана од економски аспект.

 

За ESKO компаниите (Energy Service Companies), нивната улога, регулирањето на ризиците, бизнис моделот и неговата имплементација, пазарните механизми за користење на компаниите како и разликата со другите модели, зборуваше м-р Ристо Иванов. Претпладневната сесија од последниот ден на обуката заврши со вежба. Лидерите на трите тима слушатели ги образложија решенијата на зададената вежба за енергетски услуги во различни објекти, за потоа да се дискутира за добрите или лоши страни на предложеното решение. Пред доделувањето на сертификатите за учество во обуката, м-р Иванов информираше за потребата од следење на ЕУ стратегијата за ЕЕ преку програмите на ЕУ. Притоа важно место зазема Build up skills (градење на капацитети во сектор високоградба) т.е. иницијативата за оспособување на работната сила за реализирање на ЕЕ објекти.

 

Билјана Стевковска-Савиќ, дипл.инж.арх.

 

Поддржано од ЕУ и ЕБРД

zelena-strategija-2.jpg

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top