Насловна / Архитектура / „Жива“ зграда

„Жива“ зграда

ziva-zgrada-1.jpgЦентарот за интерактивно истражување на одржлив развој, лоциран во
Универзитетот Британска Колумбија, во Ванкувер, Канада, е дом на повеќе
од 200 истражувачи од приватни, државни и невладини организации чијашто
цел е да се промовира одржливиот развој. Опремен со лабораторија,
канцеларии, сали за состаноци и социјални места, Центарот е организиран
во две четворокатни крила поврзани со атриум кој служи како лоби на
објектот од кој исто така се влегува и во амфитеатар со 450 седишта.

 

 Дизајниран да биде најзелена зграда во Северна Америка, Центарот е "жива" лабораторија која ги демонстрира можностите на одржливиот дизајн и конструкција. Објектот на Центарот е проектиран така што ги промовира и ги претставува сите аспекти на одржливиот дизајн, започнувајќи од енергетската ефикасност во употребата на објектот преку складирање, употребување и пречистување на атмосферските води, сѐ до промовирање на здрава, продуктивна и среќна средина за работа.

 

ziva-zgrada-2.jpg

"Живата зграда" ја акумулира сончевата енергија, ја употребува вишокот на топлинска енергија од соседните згради, разменува греење и ладење со земјата и враќа 600 мегават/часови вишок на енергија назад во кампусот на годишно ниво. Атмосферските води се користат за санитарна вода, додека дел оди и во специјални базени каде што се прочистува преку биофилтрациони системи. Големите прозорци ја задоволуваат потребата од светлина, додека надворешниот ветер преку специјално проектираниот вентилационен систем го провертува целиот објект. На кровот над амфитеатарот се наоѓа зелена градина која служи како мал двор за одмор по долгите работни часови. Фотоволтаичните фасадни панели произведуваат електрична енергија повеќе од потребите на самиот објект. На западната страна се наоѓа зелената жива фасада која е посадена со сезонско зеленило и служи за засенување. Со ова се покажува дека Истражувачкиот центар е всушност демонстрационен објект за можностите што ги нуди современиот дизајн и технологија.

 

МАТЕРИЈАЛ

 

При проектирањето на објектот било направено темелно анализирање за изборот на материјалите за градба. Пресудни фактори за избор на градежните материјали биле еколошките и постигнување на здрава и пријатна средина за работа, како и високите естетски критериуми. Покрај овие фактори, исто така, биле земени предвид цената, трајноста на материјалот и одржувањето. Анализата покажала дека дрвото ги задоволува сите критериуми и е избрано како главен градежен материјал. Објектот е едноставно конструиран употребувајќи лепени ламелирани носачи (ЛЛН) со правоаголен пресек како главни конструктивни компоненти, потоа бичена граѓа со разни димензии, фурнирани плочи и минимум количина на бетон.

 

ziva-zgrada-3.jpg

Конструкцијата е проектирана на тој начин што овозможува широки отвори во целиот објект од каде се добива многу дневна светлина. На вертикалните ЛЛН се прицврстени хоризонтални греди врз кои, пак, се поставени бичените дрвни елементи како под. Дополнителната цврстина за совладување на страничните сили се постигнува со два система. Првиот е со фурнираните плочи поставени на ѕидовите што служат да обезбедат вкрутување во дијагонална насока. Додека вториот систем е со момент-рамка во комбинација со панел плочи слично на вкрутувањето со фурнираните плочи. Димензиите на носачите се константни во целиот објект освен кај широките распони кои треба да се премостат на зелениот покрив кој се наоѓа врз амфитеатарот.

 

ВРЕДНОСТИ

 

Центарот за интерактивно истражување на одржлив развој е мултидисциплинарен едукативен и истражувачки центар. Но и покрај тоа што се смета за една од најзелените градби на земјината топка, целта е овој објект да стане основа врз која проектите во иднина ќе се стремат да ја совладаат. Живиот пулс во зградата се насетува уште при самиот нејзин влез преку четирите големи екрани, формирајќи видео-ѕид, каде што можат да се видат вредностите за употреба на енергија и вода и нивна продукција, како и сите други активности кои се случуваат во тој момент во зградата.

 

ziva-zgrada-4.jpg

На екранот, исто така, можат да се видат и одржливите индикатори на целиот кампус. Едно од истражувањата во зградата почнува да се фокусира на однесувањето на луѓето внатре во просторот на зградата. Се истражува како може најлесно да се постигнат урбани одржливи решенија кои ќе функционираат локално, а ќе можат да се употребуваат низ целиот свет. Истражувачкиот центар е почетна точка на еден визионерски експеримент кој треба да биде голем напредок во областа на одржливиот развој.

 

Александар Черепналкоски, дипл.инж. по дрвна индустрија

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top