Насловна / Вести / УКИМ-ИЗИИС расадник на млади научноистражувачки кадри

УКИМ-ИЗИИС расадник на млади научноистражувачки кадри

ИЗИИС и едукацијата во областа на земјотресното инженерство
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) како членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје, повеќе од 50 години врши континуирана едукација на кадри од земјата и од странство од области кои се поврзани со развојот и унапредувањето на модерната технологија за контрола и намалување на сеизмичкиот ризик. УКИМ-ИЗИИС со право може да се гордее дека првите магистерски студии во Република Македонија биле организирани и реализирани токму на ИЗИИС.
Денес, Институтот претставува интернационално призната и респектирана научна институција, единствена од оваа област во регионот, која континуирано едуцира млади научни кадри во една специфична и комплексна област како што е земјотресното инженерство, која во себе интегрира и широк спектар на инженерски подобласти, како што се конструктивното инженерство, проектирање на сеизмички сигурни и стабилни објекти (згради, мостови, брани, инфраструктурни системи, специјални објекти), специфични проблеми од геотехничкото инженерство, дефинирање на сеизмичкиот хазард, подготвеноста за справување со катастрофи предизвикани од земјотресите и сл. Студиските програми од втор и трет циклус кои се реализираат на УКИМ-ИЗИИС се дизајнирани врз основа на сопствено исксуство и искуствата на други универзитети во светот, посебно на земјите со развиено земјотресно инженерство и на младите научноистражувачки кадри им нудат одговори и решенија во овие комплексни подрачја истовремено креирајќи простор за нивно идно усовршување.

223

За магистерските студии
Акредитираните магистерски студии покриваат две полиња: (1) конструктивно инженерство со асеизмичко проектирање и (2) земјотресно инженерство.
Студиските програми од втор циклус (вкупно шест) се целосно усогласени со одредбите на Болоњската декларација и правилата на ЕКТС и се состојат од задолжителни и изборни предмети. Времетраењето на студирањето е различно имено, два, три и четири семестри, со цел да се одговори на потребите на студентите кои доаѓаат со различен број на кредити од претходното образование. Со завршувањето на студиите, студентот се здобива со звање магистер на науки од областа на земјотресното инженерство и зависно од времетраењето на студиите се стекнува со 60, 90 или 120 кредити, соодветно.

22

За докторските студии
Акредитираните докторски студии се од областа на земјотресното инженерство и се реализираат под менторство на експерти во оваа област.
Програмата за докторските студии е согласно Болоњската декларација и правилата на ЕКТС и се одвива во рамките на интегрираната Школа за докторски студии во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Докторските студии на УКИМ-ИЗИИС траат 3 години (6 семестри) и тоа: I година – следење и полагање на наставни предмети; II и III година – подготовка и пријавување на докторската дисертација – истражување, објавување резултати, пишување и одбрана на трудот. Со завршувањето на студиите, студентот се здобива со звање, доктор на технички науки од областа на земјотресното инженерство и се стекнува со 180 кредити.
Магистерските и докторските студии се акредитирани како меѓународни и се реализираат на англиски јазик.

Услови за реализација на студиите
На студентите им стојат на располагање современа библиотека, училници, компјутерски центар, како и пет лаборатории: (1) Лабораторија за динамичко тестирање; (2) Геофизичка лабораторија; (3) Лабораторија за динамика на почви; (4) Лабораторија за силни земјотреси и (5) Мобилна лабораторија за недеструктивни тестови и мерење на вибрации. Покрај едукацијата, студентите се активно вклучени и во тековни научноистражувачки проекти и се мотивирани за реализација на меѓународна мобилност, учество на летни школи, обуки, работилници и слично. Институтот доделува стипендии на најдобрите запишани студенти во форма на ослободување од пропишаната школарина.

Повеќе детали на www.iziis.edu.mk

Автор на текстот:
проф. д-р Роберта Апостолска, (УКИМ-ИЗИИС)

Logo IZIIS porta3

4 Коментари

  1. Simeon Milkov

    Zdravo, jas Simeon Milkov-diplomiran geolog bez r.iskustvo , bi sakal da prasam dali vo institutot IZZIS imate vraboteno inzener geolog,dokolku imate dali vrsite obuka pri samoto vrabotuvanje na onie lica koi nemaat r.iskustvo i dokolku vrsite koga i kade bi se odvivala istata.So Pocit,S.M.

  2. На порта 3 се обраќаш на ИЗИИС и бараш одговор. Македонија навистина е земја на ендемсмки видови. Абре човеку, имап веб страна на ИЗИИС , обрати им се таму. Не се брукај по сајтови, кои од изиис никогаш не ги читаат!!

Испрати коментар до Simeon Milkov Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top