Насловна / Вести / Тука нацртај композиција како ѓерданче

Тука нацртај композиција како ѓерданче

Денес кога стоиме пред секојдневната материјализација на архитектурата и урбаниот простор во нашето опкружување, збунети или восхитени, се наметнува потребата да погледнеме наназад како градители, сведоци и современици.
Музејот МОМА во Њујорк подготвува изложба „Бетонска утопија – архитектурата во Југославија помеѓу 1948 и 1980“. Една од клучните тези на изложбата е дека југословенската повоена архитектура не била периферна, туку напротив, се наоѓала во самата срж на модерната архитектура. Посебна тема на изложбата е урбанизмот на новите градови. Македонија ќе биде застапена со „бруталистичката“ архитектура на архитектот Јанко Константинов и „метаболизмот“ на Кензо Танге. Низа прашања за архитектурата и урбанизмот во Македонија во тој период се чини бараат констатации и одговори.

3

архитект Душанка Шуловиќ

Низ мои лични автобиографски рефлексии ќе се обидам да потсетам што се случуваше на нашите простори во тој период. Од педесеттите години наваму почнува период на динамичен и содржаен развој на македонската урбана околина. Генерацијата архитекти од педесеттите години го претпочиташе „интернационалниот стил“, кој во овој период го достигна својот највисок подем. За своите проекти бараа потпора во делата на Корбизије, Мис Ван де Рое, Гропиус, Нимаер. Овие македонски архитекти по војната дипломираа на архитектонските факултети во Белград и Загреб. Дополнително, одреден број други југословенски архитекти дојдоа во Скопје од Белград и Загреб како помош на малубројниот домашен архитектонски кадар.

Во овој период покрај архитектурата, урбанизмот стана неодложна потреба. Во почетокот на 60-тите години веќе се појавува генерација архитекти школувана на Факултетот за архитектура и градежништво при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Сето ова резултира со брз напредок и се појавуваат нови трендови на македонската архитектонска сцена во рамките на Југославија. Некои од новите македонски архитекти, по своите престои во Америка и Европа, во согласност со новите стремежи во современата архитектура во светот, ќе го донесат во Македонија брутализмот (градење во натур бетон).

11

тимот на Кензо Танге

По земјотресот во 1963 година, Скопје ќе се најде во средиштето на архитектонско урбанистичка активност. Проектот за разрушениот град под покровителство на Обединетите нации ќе претставува нешто невообичаено. На архитектонската сцена владее посебно расположение поради присуството на реномирани екипи на архитекти за изработка на идејно решение на центарот на Скопје. Во 1964 година се работи Генерален урбанистички план на Скопје од страна на Заводот за урбанизам и архитектура на Скопје, Doxiadis Associates од Атина и Полсервис од Варшава. Кензо Танге дојде неколку пати во Скопје да ја надгледува работата на тимот што изработуваше варијанти од конкурсното решение за центарот на градот.
Паралелно со изградбата на Скопје во скоро цела Македонија се одвиваше урбанистичко – архитектонска активност. По епохалниот миг на национална и социјална слобода, урбанизмот стана неопходност.

Моите професионални почетоци се случија во оваа динамична и развојно ориентирана атмосфера. Тие се врзани за институцијата Републички завод за урбанизам и станбено-комунална техника, во кој се изработуваа урбанистичките планови за Република Македонија. Републичкиот завод го водеа двајца големи архитекти и урбанисти, Лудјек Кубеш и Звонко Никуљски.

Архитект Лудјек Кубеш, од Чешка, беше повикан од Владата на Народнa Република Македонија да дојде во Скопје и да помогне во создавањето и обуката на урбанистичкиот кадар. Тој е водечки проектант на првиот урбанистички план на град Скопје по војната во 1947 година.

1skopje_47

Генерален регулационен план на Скопје 1947 год.(арх. Лудјек Кубеш)

Мојот прв голем предизвик во кој се втурнав со голем ентузијазам е работата на Урбанистичката студија за долината на реката Радика, која ја работеше тимот раководен архитект Кубеш, во кој бев распределeна. Подоцна, како проектант соработник во тимот на Кубеш работев на основните и детални урбанистички планови на Кичево, Гостивар, Дојран, Маврово, Кавадарци , Неготино, Автокоманда. Основен урбанистички план на еден град е документ во кој се внесени верифицирани податоци, кои, по сила на законот, ги утврдуваат начинот и условите за употреба на земјиштето, за точно дефиниран временски период. Овие планови се резултат на тимска работа на урбанисти-планери, консултанти од разни области, соработници за начелни инфраструктурни решенија и технички персонал. Деталните урбанистички планови на станбени заедници и карактеристични комплекси се изработуваат врз база на програмски основи, кои пак, се базирани на основниот урбанистички план. Покрај сите упатства што се црпеа од основните урбанистички планови на поединечните градови, за изработка на деталните планови требаше да се познава просторот, теренската конфигурација, постојната состојба на објектите и начинот на живеење на локалното население. Овој комплексен процес несебично ни го откриваа Кубеш, Никуљски и другите поискусни колеги.

IMG_8874

архитект Лудјек Кубеш

Лудјек Кубеш беше образован и талентиран архитект и урбанист. Импонираше неговиот професионализам, начинот на работа и посветеноста, но и неговата култура и боемштина. На многу едноставен и лежерен начин нè воведуваше во тајните на урбанизмот. Нашето знаење стекнато на факултет беше скромно. Урбанизмот го учевме на работна маса и на терен низ цела Македонија, во директен контакт со луѓето и просторот. На терен, во соработка со општинските служби, се евидентираа сите постојни објекти што претставуваше обемна мануелна работа. Тогаш немаше компјутери и дигитална технологија, но затоа имаше технички персонал за поддршка на процесот. Се работеше според сите прописи на модерниот урбанизам, водејќи строго сметка за инсталациите, проветрувањето, нужните растојанија меѓу објектите, видиците и избалансираноста на потребните придружни содржини. Атмосферата во ателјето беше релаксирана, интересна и креативно насочена. Од секој разговор со Кубеш се учеше. Беше одличен познавач на македонскиот простор, менталитет и фолклор. Ако дојдеше на маса да ти помогне ќе ти кажеше: „Тука нацртај композиција како герданче“.
Архитект Звонко Никуљски, по едногодишниот престој и работа во Перу на изработка на урбанистичкиот план на Лима во состав на тимот формиран од ОН, се враќа во Скопје и го презема раководењето со Републичкиот завод. Никуљски беше интересен на свој начин. Духовит, добар цртач, на цел еден ѕид имаше исцртано карикатури од сите вработени. Решенијата што ги работевме се дискутираа на стручен колегиум на кој често беше повикуван и архитектот Љубе Пота. Овие состаноци претставуваа своевидна можност за размена на идеи, учење и интелектуална интеракција на посветени професионалци.

1

карикатури, арх. Звонко Никуљски

По шест години работа во тим, ние, младите архитекти добивавме право да водиме и потпишуваме проекти. Со голема благодарност се сеќавам на овие архитекти, кои ги одбележаа почетоците на мојата кариера и ми помогнаа да ги научам концептите и структурата на урбанистичкиот процес и да ги поставам професионалните принципи и постулати на кои подоцна ќе ја градам мојата кариера на архитект и урбанист. Но големите луѓе имаат многу димензии, па така незаборавни се и вечерите по попатните македонски кафеани, кога се враќавме од терен, каде Кубеш им го рецитираше Мајаковски на кафеанските пеjачки.
Од 1971 година како самостоен проектант почнав да работам детални урбанистички планови во Заводот за урбанизам на Битола. Во Битола работев со прекрасни колеги, го запознав одблиску градот на конзулите, градот со најубавата планина, и со најградските луѓе во Македонија. Со веќе изградена професионална самодоверба на искусен урбанист, влегував во битолските чикмаци, евидентирајќи стара градска архитектура, се одушевував од историјата на градот, низ кој врвел патот Виа Игнација, ги слушав носталгичните приказни за 40-те кафеани што постоеле покрај реката Драгор, за трговските карвани со камили што носеле стока за Солун. За сето тоа ќе останев посиромашна ако не го живеев урбанизмот во овој прекрасен град. Во тој период беше распишан конкурс за Домот на културата на локација на која постоеше стариот Битолски театар. Интересна е анегдотата што ни се случи додека ја спремавме локацијата за конкурсот. Како урбанисти, со мојот колега Љубиша Новаковиќ, отидовме кај претседателот на градот (пандан на сегашен градоначалник) да го убедиме да не се руши театарот. Сметавме дека општината треба да додели друга локација бидејќи постоечката зграда на стариот театар има историја, во него пеела Сара Бернар и таквите театри во светот се чуваат и санираат. Одговорот беше: „Што ќе ви е тоа? Тоа е објект од турско време.“ Подоцна се реализираше првонаградениот труд на словенечкиот архитект Марко Мушич, којшто е бездруго одличен објект, но можевме да ги имаме и двата. Урбанизмот секогаш бил во зависност и од владеjачките структури и од нивното разбирање на нештата, но сепак, стручните институции во ова време во најголем број случаи наоѓаа начин да се справат со проблемите.

12

арх. Кензо Танге

Сето ова покажува дека по земјотресот Македонија се урбанизираше по сите правила на модерниот урбанизам, а Скопје беше поприште на светската архитектонска елита. Денес светот ја актуaлизира нивната работа. Главниот кустос на Одделот за архитектура на музејот МОМА, Мартино Стиерли го посетил Скопје. Запрашан што мисли како Кензо Танге би гледал на новото уредување и новото лице на центарот на Скопје одговорил: „Веројатно се превртува во гробот“.
Последните дваесет години Скопје и скоро сите наши градови доживуваат деградација или маргинализација во секоја смисла. Архитектите констатираат: Скопје е деградиран град; бетонска џунгла демне од скопските ДУП-ови итн. Урбанистичките институции во кои работев во своето време на делување, ја играа својата улога извонредно добро, одлично се справува со проблемите, стручно се занимаваа со урбанистичкото обликување на градовите и го следеа процесот на урбанизација. Во денешните нови општествени прилики неопходно е да се изнајде модел за такво делување, доколку навистина сме општество кое се стреми кон развој и унапредување на квалитетот на животот на своите граѓани.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.инж.арх.

Еден коментар

  1. Даниела

    Прекрасен текст за една инспиративна кариера!

Испрати коментар до Даниела Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top