Насловна / Вести / Спас за сообраќајната врска на истокот и западот на Скопје

Спас за сообраќајната врска на истокот и западот на Скопје

Велат мостовите се обележје на секој град. Ако е така, крајно време беше Скопје, после повеќе години, да добие еден современ патнички мост.

Од страна на Град Скопје согласно проектната програма се изработи проект за булевар „АСНОМ“ од раскрсницата со булеварот „Словенија“ до булеварот „Гоце Делчев“ во три фази.

ГД Гранит АД Скопје почна со изведба на втората фаза од проектот и тоа од раскрсницата со улицата „Васко Карангелевски“ до раскрсницата со улица „Индустриска“ бр. 1.

20200411_133851_resize

Генерално втората фаза го опфаќа потегот од км 0+834,69 до км 1+233,94 и тој дел е непробиен дел од трасата, а на потег од км 1+103 до км 1+200 предвидено е да се изврши ново премостување на регулираното корито на реката Вардар.

Мостот е димензиониран како двоколовозен патен мост. Попречниот пресек на булеварот АСНОМ на потегот кај мостот има вкупна широчина од 31 метар која е поделена на два коловоза со меѓусебно растојание од 40 сантиметри. Вкупната широчина на едната гранка е 15,3 метри, од кои три се сообраќајни ленти со по три метри широчина, 5,2 метри пешачка и велосипедска патека, 30 сантиметри парапетна греда за пешачки ограден систем (поставен на двата краја на поодделните гранки) и 80 сантиметри парапетна греда за комбинираниот ограден систем (поставен во внатрешните страни од двете гранки).

C:UsersIvanaDownloads1,2_ situacija, nadolzhni (1) Model (1)

ОПИС НА КОНСТРУКЦИЈАТА

Горен строј

Мостот претставува статички систем континуирана рамка, со три полиња со вкупна должина од 93,60 метри и распони L1+L2+L3= 22,05 м+50,50 м+21,05 м. Тој е пресметан така што крајните два распона заедно со пристапните рампи да се изведат монолитно на скеле, а пак средниот распон над Вардар да биде изведен со балансиран конзолен метод. Горниот строј е конструиран како претходно напрегнат носач. Носачот има променлива висина која се движи од 2,7 метри над средните столбови Ѕ2 и Ѕ3 и 1,6 метри во средина на распонот и на крајните столбови Ѕ1 и Ѕ4. Ширината на сандачестиот носач е исто така променлива и тоа од 8,30 метри над Ѕ2 и Ѕ3 до 5,0 метри над Ѕ1 и Ѕ4. Ребрата односно ѕидовите се со дебелина од 40 сантиметри. Во средина на сандачестиот пресек реброто е вертикално додека крајните две се наклонети и нивниот наклон се менува по должина на мостот. Горната плоча е со константна дебелина од 30 сантиметри, додека долната има променлива дебелина од 30 до 50 сантиметри.

Model

Попречен пресек

Сандачестиот пресек е исполнет со бетон на должина од 11,02 метри од крајниот столб Ѕ1 и 10,72 метри од крајниот столб Ѕ4 со цел да се спречи појава на негативни реакции над крајните столбови во фаза експлоатација.

Преднапрегањето се врши со стврднување на бетонот. Каблите за преднапрегање се поставуваат во заштитни цевки, претходно поставени во бетонот. Инјектирањето на цевките се врши по завршување на процесот на преднапрегањето.

Model

Основа на шипови и темели

Долен строј

Врската меѓу горниот строј и средните, како и крајните столбови е монолитна. Средните столбови се со облик на платна со променлива дебелина од 150 сантиметри на дното до 120 сантиметри на врвот и ширина од 930 сантиметри, заоблени од двете страни. Висината на средните столбови од горниот раб на андколовата плоча до долниот раб на главниот носач изнесува приближно 5,6 метри.

Крајните столбови се правоаголни во основа со дебелина на телото на столбот од 80 сантиметри и висина од 5,6 метри.

Предвидено е длабоко фундирање на крајните и средните столбови со колови чиј дијаметар изнесува 120 сантиметри. Крајните столбови се фундирани на едноредни колови (висина h=12 м) поврзани меѓусебно со надколова греда 220/180 сантиметри, додека средните столбови се на дворедни колови со висина h=15 метри поврзани со надколова плоча од 180 сантиметри. Под крајниот столб Ѕ1 предвидени се шест кола, под Ѕ4 13 кола, а под Ѕ2 и Ѕ3 по осум кола.

Model

Темели – ископ и формирање на градежна јама

МЕТОДОЛОГОЈА НА ГРАДБА НА ОВОЈ МОСТ

1 фаза – Изведба на темели

Работите за изведба на столбните места во реката Вардар т.е. во минор коритото се изведуваат одделно за двете столбни места, односно прво се изведуваат во целост сите активности за едно столбно место, а потоа се отпочнуваат работите на друго столбно место.

Работите се изведуваат со тој редослед поради зададените услови на терен односно работа во речно корито и непостоење можност за поголемо стеснување на минор коритото при изведба на работите.

Препорачаното време за изведба на работите е во период кога владеат најповолни хидролошки услови.

Засипувањето на крајните столбови се врши откако ќе се завршат крајните полиња.

20200413_091346_resize

Формирање на времени работни платоа

Работните платоа се изведуваат како хоризонтални насипи во самото речно корито, засебно од двете страни на брегот, во две различни фази. Првата фаза во изведба на работите ги опфаќа столбните места Ѕ1, Ѕ2, Ѕ4 од кои Ѕ1 и Ѕ4 се на суво. Работните платоа се на минимум еден метар над постојното ниво на вода поради стеснување на профилот со нивна изведба. Не смее да се предвиди истовремена работа на столбните места Ѕ2 и Ѕ3, бидејќи со тоа ќе се изврши големо стеснување на речното корито на реката Вардар.

20200411_134003_resize

Материјалот потребен за изведба на земјените насипи (загати) треба да биде групно чакалест со цел да се спречи негово испирање поради брзината на реката. Дополнително, доколку е потребно истиот се заштитува по косините кои се во директен удар на абразивната моќ на реката, со поставување на покрупни камени блокови.

По завршување на работите предвидени за изведба на темелите и столбовите, речното корито се враќа во првобитна состојба. Материјалот од работното плато се префрлува за работно плато на другата страна на реката.

Ископ и формирање на градежни јами

Формирањето на градежните јами подразбира ископ за темели. Формирањето на градежната јама се врши со ископ во широк ископ. Ископот се врши машински, наклоните се 1:1 во зона на природно матично тло и 1:1,15 во зона на насип кај загат. Ископот на средните столбови се врши со присуство на подземна вода. Поради тоа е потребно да се врши одводнување на градежните јами.

Model

Изведба на столбови

Врз надколовите греди и плочи се изведуваат крајните и средни столбови во вид на армиранобетонски ѕидови. Средните столбови дополнително ќе бидат обложени со гранитни плочи кои ќе имаат естетски ефекти, но и ќе придонесат за заштита на бетонските површини во ерозивното дејство на речната вода. Со оглед на тоа што крајните столбови се видливи доста е значајно оплатата која се користи да е беспрекорна, и притоа треба да се посвети доста внимание на вградувањето и негата на бетонот.

Изведба на горен строј

Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот, односно препреката која треба да се премости, изведбата на горниот строј се одвива во две фази. Во првата фаза се изведува делот со класична скела и оплата и изведба на двете крајни полиња, а средното поле кое го премостува минор коритото на реката Вардар се изведува со конзолно подвижно скеле. Во своја сопственост ГД Гранит АД Скопје има четири пара и успешно се привршуваат вијадуктите на Автопатот Кичево-Охрид.

За овој мост е доволен еден пар подвижно конзолно скеле, заради елиминирање на негативното влијание врз животната средина и ќе се намали ризикот од надоаѓање на поголемо количество на вода.

Model

основа на темели

Бетонирањето на крајните полиња вклучува и бетонирање на 1,94 метри од средното поле за поставување на подвижното конзолно скеле. Пред бетонирање на соодветно место се поставуваат и цевките за преднапрегање. Сандачестиот пресек се бетонира во две фази. Најпрво се бетонира долната плоча, а потоа ѕидовите и горната плоча заедно. Преднапрегањето се врши по достигнување на потребната јакост на бетонот. По преднапрегање на означените кабли се пристапува кон монтирање на подвижното конзолно скеле. Средното поле се изведува со пет такта и еден спој. Напредувањето на подвижното конзолно скеле оди од двете страни паралелно.

По завршување на спојот се пристапува кон завршните работи на мостот.

Од инженерски аспект изведба на ваков тип на мост е навистина предизвик. Современите оплатни системи и начинот на изведба се несекојдневни и бараат особено познавање на методологијата на изведба на вакви објекти, и се излегува од рамката на вообичаените мостови кои се изведувале во град Скопје. Г.Д Гранит А.Д Скопје има обучено инженерско-технички кадар и работници кои се специјализирани за изведба на ваков мост и рокот од 550 дена предвиден за изградба е реален. Вредноста е околу 309 000 000,0 денари и овој мост ќе биде новиот репрезентативен објект со кој Град Скопје во иднина ќе се гордее, и кој ќе покаже дека тимот од инженерско-технички кадар е способен да се носи со изведба на најспецифични објекти и со дека имаме технологии и знаења и сме во чекор со светските трендови на изградба на мостови.

Автор: Ивана ДИМИТРОВА, дил.град.инж.

9 Коментари

  1. “Преднапрегањето се врши со стврднување на бетонот.” – за ова се паѓа на испит. Тотално непознавање на инженерската терминологија. Првин од проектантите кои го напишале во технички извештај, а потоа и од потпишаниов ‘автор’ на текстов кој го ископирал.

  2. koj ja znajt avtorkata, znajt deka taja samo znajt da zemi nesto sto drug go napravil i da se fali so toa. isto ko so tekstov haha

    • ing. arh. Lj. Atanasovski

      A vie i dvajcata sto znaete da” komentirate”od zloba i neznaenje, da dadevte nekoj ponormalen komentar pa da nekoj i nesto nauci od vas. Vaka ste samo obicni prazni kritizeri. A vie so psevdonimot”asdfghj” bas ste i za zalenje od zlobata sto ja isfrlate.

  3. Почитуван Атанасовски. Преднапрегање се врши по достигнување на потребната јакост на бетонот, не по СТВРДНУВАЊЕ на бетонот. Претпоставувам дека сте поискусен колега, срамота е вакви основни поими да се мешаат. Но, како што се вели, човекот се учи дур е жив.
    Голем поздрав!

    • Анонимен

      E ova e veke korekten komentar iako mislam i veryvam deka avtorkata na temata go mislela upravo toj opis za prednapreganjeto mesto stvrdnuvanje kako e napisano. Pozdrav do Goran !!

  4. E ova e veke korekten komentar iako mislam i veryvam deka avtorkata na temata go mislela upravo toj opis za prednapreganjeto mesto stvrdnuvanje kako e napisano. Pozdrav do Goran !!

  5. Avtorkata e inzenerka EDINSTVENA vo nasata ubava tatkovina sto vekje izgradila konzolen most ( bila rakovoditel i uspesno ja zavrsila gradbata ). Bidete
    gordi, edinstvena e. Komentarot za izrazot e nepotreben , se gleda deka redakcijata sakala da go doblizi izrazot do citatelite koi i bas ne se na visoko inzenersko nivo. Hetjtate raboti demek nesto znaete, uvidovte, nekoj ne znae ? Abe ajde, smesni ste

  6. Slikite, kako i golem del od tekstot se prevzemeni od proektot za mostot, no Proektantot ne e spomenat vo tekstot. Zakonski li e toa?

  7. 5,024,390.00 Evra za ovaa “Betonska” grdosija!!?? Wtf.
    Ocigledno ovie betoncive dobro znaat vo koe dzepce da frlat paricka samo da nema most koj nema da bide
    od Beton vo Skopje za seuste da licime na Kazahstan, proektot i izvedbata nema da ja komentiram!

Испрати коментар до Jordan Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top