Насловна / Вести / Скопје има можност за урбан комплекс „Сонце“

Скопје има можност за урбан комплекс „Сонце“

Во урбанистичката практика се применува сè поголемо зголемување на квантитетот на објектите, со цел добивање поголема изградена површина, која овозможува поголем профит од изградените објекти, а тоа е најчесто присутно кога се предвидуваат нови објекти со релативно големи волумени во близина до постојните,  со едновремено намалување на квалитетот на живеењето во соседните објекти, со што во целина се намалува квалитетот на урбаната средина. Сè почесто се предвидуваат линеарни блокови долж сообраќајниците, плус се додаваат еркери на објектите, со што уште повеќе се намалува сообраќајниот профил, а со тоа се намалува можноста за соодветно проветрување на просторот, со што од урбанистички аспект се применува неповолно лоцирање на објекти и таа состојба иницира потреба од измена на таквата практика.

patrking Holidej In

Тој тренд е изразен во Скопје, кој во последно време има непријатен рекорд во светски рамки во поглед на загаденост на воздухот, а со лоцирање на новопредвидени објекти се придонесува за намалување на струењето на воздухот и крајно време е да се реагира за менување на законската регулатива, со цел да се овозможи зголемување на квалитетот на просторот. Натамошно мотивирање на квантитетот најмалку е потребно на Скопје и другите градови во Македонија, но напротив треба да се промовира квалитет на просторот потпирајќи се на континуитетот на традиционалните вредности на архитектурата и урбанизмот, со специфични хумани карактеристики и во таа насока треба да се одвива трансформацијата на современата урбана средина, со вклучување на повеќе вегетација, помалку енергија, примена на еколошки принципи и промовирање на одржлив развој и зголемување на квалитетот на урбаната средина.

Тоа треба да се применува на сите нивоа во обликувањето на урбаната средина, во секој нов урбанистички план и секој нов објект, а наместо квантитет да се промовира квалитетот на средината.

Во делот на подготовка и изработување на урбани концепти на детални урбанистички  планови и при изработување на идејни решенија на архитектонски објекти треба да се применува принципот на организирање на објективни урбанистички и  архитектонски конкурси со поголем број учесници, за да може да се споредуваат идеи и да се вреднува оптимално идејно решение, со примена на објективни критериуми и систем на вреднување на урбанистички и архитектонски простори. Во основа, треба да се промовираат урбанистички и архитектонски конкурси за добивање идејни решенија, урбанистички и архитектонски концепти, со оглед дека се работи за  креативен процес кој е резултат на работа на поединци или тим архитекти и треба тие да бидат примарни, а не фирмите каде се вработени (а кои се битни за организирање на изработката на основни проекти на архитектонските објекти).

Натаму после завршување на конкурсите и избор на првонаграден труд, според објективни критериуми и индикатори, право на авторот-архитектот на првонаградениот труд е да избере фирма каде ќе го изработува основниот проект и за таа активност потребни се соодветни овластувања, кои ги издава Комората на овластени архитекти  и овластени инженери.

Принципот на конкурси за идејни решенија треба да се применува особено во Скопје, како град на промени, контрасти, град со нетипичен урбан развиток, кој го прекинал развојот на урбаното ткиво неколкупати во својата историја и продолжил да се трансформира низ времето. Градот се создава со генерации, со вклучување на многу творци и секој на свој начин дава одреден белег на градот. Урбаниот изглед и архитектурата се одраз на секое време.

Slika 1

Slika 1a

Приказ на позицијата на локалитетот во ткивото на градот Скопје

Во моментот актуелен е урбанистичкиот план и проект на обликување на  урбаниот локалитет спроти хотелот „Холидеј Ин“, а со оглед на позицијата на локалитетот во рамки на градот Скопје, се креира предлог-концепт за организирање на просторот, како придонес при изработување на урбанистичкиот план на предметниот локалитет во ткивото на градот Скопје.

При изработка на урбанистичкиот план за локалитетот односно при проектирање на идејниот проект, треба да се третира целината на урбаниот локалитет, со цел да се оформи урбанистичка целина на структурата, а реализацијата е поврзана со етапноста на решавање на имотно-правните односи и динамиката на реализација, поврзани со финансиски средства за реализација на планираните и проектираните капацитети на комплексот со повеќе намени, кој одговара на позицијата во рамки на централниот дел на градот.

Битен аспект на обликување е обезбедување мерило на предвидените архитектонски структури во корелација со околните објекти, при што се констатира дека висината на постојните околни објекти (кулите на Градски ѕид, зградите на хотелот  „Холидеј Ин“, Работнички дом  и Комплексот банки) се во рамки на височина од П + M + 12  (односно 14 ката или околу 40 метри височина на објектите), што за Скопје со оглед на сеизмичката активност е соодветна и нема потреба да се прави натпревар во зголемување на височината. Тоа ќе биде почитувано во предлогот за обликување на предметниот комплекс.

Предметниот локалитет се согледува како просторна целина – урбанистичка и архитектонска, со оглед на значењето и позицијата на локалитетот во подрачјето на градот Скопје, со повеќенаменски содржини во функција на градското живеење, со акцент на користење на партерот со содржини од јавен интерес, за различни групации граѓани.

Со оглед на обликот на локацијата ограничена со сообраќајници, оптимално е ако се организира целина на структурата на комплексот и тоа иницира предвидениот концепт да биде во облик на сонце, со оглед на симболиката на сонцето како извор на енергија и светлина, кое како симбол има големо значење за поднебјето на Македонија. Базичната форма се обликува со централно јадро кое зрачи енергија и со систем на зраци од центарот (во конкретниот концепт со осум зраци), кои во просторот се поврзани со потребата да се организираат трактови со содржини за различни намени.

Slika 2

Slika 2a

Симбол на сонце како концепт за организирање на комплексот

Кругот како базичен облик на концептот и радијалните трактови се основа за организирање на комплексот. Средниот дел на структурата е цилиндричен волумен со висина максимум 14 катови. Осумте трактови се терасесто третирани со различна косина односно агол на поставеност на терасите, со изразено присуство на вегетација во структурата, со примена на зелени фасади и кровови. Со оглед на радијалната поставеност на трактовите истите не се паралелно поставени и имаат триаголни меѓусебни релации, заради подобро проветрување и осончување на локалитетот. Таквата поставеност е важна со оглед на состојбата со загаденоста на воздухот, а присуството на вегетација во структурата е поволна и е во функција на подобрување на квалитетот на живеењето.

Slika 3

Организација на комплексот „Сонце“ со терасести трактови со вегетација

Во приземјето на комплексот се предвидени влезните делови на трактовите и има пристап до вертикалните комуникации, со содржини од различен карактер, во првите неколку нивоа со предвидување јавни, комерцијални и деловни содржини, следуваат делови со содржини за домување, со предвидување на тераси со вегетација, со што се доближува заедничкото домување со квалитетите на семејната куќа со тераси со минидвор пред станбениот простор.

Локалитетот има предвидени соодветни поврзувања со јавниот транспорт и на Кеј 13 Ноември се нудат различни можности (може и етапни) со подземен јавен транспорт, површински трамвај или висечки јавен транспорт (систем Sky Way), а се во зависност од можностите за примена на современи системи.

На првото ниво се предвидува пешачка комуникација како врска на Градскиот трговски центар кон делот на Веро центарот и надвозник над Булеварот „Кочо Рацин“, во функција на подобрување на пешачкото движење.

Во подземните делови на комплексот се предвидуваат подземни паркинг- простори на повеќе нивоа, со отвори за вентилација и осветлување и со вегетација, со оптимално движење на автомобилскиот пристап и паркирање.

Во источниот дел на локалитетот се предвидува организирање на Музеј на солидарноста, кој како намена недостасува во одбележувањето на дел на развојот на градот и како потсетување на процесот на солидарноста, по повод катастрофалниот земјотрес од 1963 година и третман на Скопје како град на солидарноста. Во тој дел се предвидува Фонтана на солидарноста и Амфитеатар на солидарноста, со можност за користење во различни поводи и среќавање на граѓаните во јавен простор за комуникација. Градот треба да има таков простор како дел од меморијата на просторниот развој на градот.

Slika 4

Предлог-концепт на обликување на Комплексот „Сонце“ во Скопје

Со предложениот концепт на организирање на Комплексот „Сонце“, се организира урбана целина за различни намени, со предвидување оптимална височина и волумени на објектите, со присуство на вегетација во партерот во ободот на локалитетот, на фасадите и со предвидување зелени кровови, со што се зголемува вегетацијата во локалитетот. Со примена на соларни колектори оптимално се користи сончевата енергија, се предвидува рационално користење на енергијата со енергетска ефикасност, се предвидува примена на еколошки материјали за изведба на структурите, со терасести организирани трактови, со што се организира соодветен урбанистички и архитектонски простор на комплексот и се промовира квалитет на урбаниот простор.

Автор: проф. д-р Мирче КОКАЛЕВСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top