Насловна / Вести / Проф. д-р Мери Цветковска: Одговор на текстот на д-р Николовски „’Ресавска школа’ на македонски начин“

Проф. д-р Мери Цветковска: Одговор на текстот на д-р Николовски „’Ресавска школа’ на македонски начин“

По однос на текстот објавен во „Порта 3“ (печатено издание и на сајт на 23.01.2023 г.) „’Ресавска школа’ на македонски начин“, чиј автор е д-р Петар НИКОЛОВСКИ, дипл. инж. арх., не можам, а да не реагирам, од причина што авторот на текстот само од свој лични причини се обидува да и наштети на академската заедница и неосновано ја обвинува. Очигледно ги измешал „лончињата“, затоа што Плагијаризам е некому да превземеш резултати од истражување или авторски текст, или графички дизајн, и да ги претставиш како свои. Во книгата која ја споменува во неговиот текст, превземени се две слики од книгата на авторот на спорниот коментар, на кои не се дадени никакви авторски согледувања или заклучоци, туку се претставени општо познати факти, односно сликовито се презентирани општо позната дефиниции за коефициентот на топлинска проводливост и за поимот за нагорен и надолен топлински проток, за кои дури и на интернет има мал милион илустрации. Ако авторот во нив гледа лични авторски истражувања и резултати, длабоко му се извинувам. Изгледа и јас сум ги измешала „лончињата“ и не знам што е наука. Во новото издание на прирачникот истите ќе бидат повлечени и заменети со многу подобри илустрации.

Што се однесува до слајдовите од предавањата по предметот „Енергетска ефикасност на објекти“, а се однесуваат на „Топлинските мостови“, истите се превземени од спорната книга на авторот на текстот, за која дополнително ќе објаснам зошто е спорна. Пред се да му објаснам на д-р Николовски дека предавање на слајдови не е труд, иако тој така го нарекува, но не е за замерка, очигледно не е информиран. Како професори имаме право на предавања да користиме податоци од литература од соодветната област. Од нас не се очекува сите превземени податоци да ги цитираме во предавањата на час, се додека истите не се објавени во книга, или научен труд или сл. Во конкретниот случај илустрациите (повторно велам илустрации затоа што се излез од софтвер кој не е авторско право на д-р Николовски, и во нив не се изнесени никакви научни сознанија кои се резултат на истражување на авторот) се употребени само на слајдовите, а спорната книга им е препорачана на студентите да ја користат при учење, односно е наведена во списокот на литература. По овој неакадемски испад на д-р Николовски, истите ќе бидат повлечени (и илустрациите и книгата како литература за совладување  на проблематиката), и ќе бидат заменети со дијаграми од мои лични истражувања со софтвер кој сама го имам креирано, и кој дава многу поголеми можности за анализа на временски променливи топлински влијанија, а резултатите од истражувањата се презентирани во меѓународни списанија и меѓународни конференции. Му благодарам на д-р Николовски што ме освести и конечно ќе најдам време да се повикам на свои многу повредни истражувања.

Slika-1

Слика 1 од текстот „Ресавска школа“ на македонски начин

Уште би сакала да прашам дали Зенкиевич и Секуловиќ, да беа меѓу нас, ќе не обвинеа за плагијат затоа што Методот на конечни елементи сите го предаваме користејќи ги нивните книги, а истите се наведени во список на користена литература, но не се цитирани на слајдовите презентирани за време на часот? Ама тие се светски имиња во науката и знаат што е наука!!!! Очигледно авторот на текстот треба јавно да се извини за злонамерната и неоснована клевета.

Што се однесува на познавањето на проблематиката, му благодарам на д-р Николовски што ме просветли и ми посочи дека во слајдовите има грешка. Изгледа после толку години бавење со оваа проблематика, се уште „не знам“ што е точкаст, а што линиски топлински мост. Дали тој слушнал за анимации во слајдови? Спорниот текст е од претходниот слајд на кој се прикажани точкасти топлински мостови, а при штампање на слајдовите текстот се појавил и на следните делови од ист слајд. Кој досега спремал презентации ќе разбере што сакам да кажам.

А  што се однесува до академска чесност, тука д-р Николовски се надмина себеси. Како рецензент на неговата книга „Каталог на линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони“, му сугерирав од насловот да го повлече текстот сеизмички региони, затоа што армирано-бетонска конструкција не значи и сеизмички отпорна конструкција. Очигледно авторот не ги разликува овие два поима, иако е архитект. Авторот вети дека пред печатење насловот ќе биде корегиран, но очигледно за да ја задржи звучноста, свесно ме измами и ме замоли во интерес на времето да ја потпишам рецензијата, а јас тоа наивно го сторив. Кој е овде нечесен? На страна што насловот на книгата не кореспондира со содржината и води кон погрешни заклучоци. Истата треба да се повлече.

Уште еднаш ќе истакнам дека лесно е некој јавно да се обвини, но тоа треба да биде аргументирано со исправно изнесени податоци. Во спротивно следи извинување.

Јас нема да го кријам својот идентитет, а впрочем тоа не го стори ни д-р Николовски, затоа што на слајдовите се гледа знакот на УКИМ и на факултетите во негов состав кои учествуваа во обуката. За мене е многу позначајно да ме цени фелата, а не д-р Петар Николовски.

Автор: Проф. д-р Мери ЦВЕТКОВСКА

meri

Еден коментар

  1. д-р Петар Николовски

    1. Неволно употребувам чаршиски изрази „мешање лончиња“, но во оваа прилика мора да се спуштам на нивото на проф. д-р Цветковска, бидејќи на тоа ми асоцира констатацијата дека се обидувам „да ѝ наштетам на академската заедница и неосновано ја обвинувам“. Мојот допис се однесува само на „членот“ на академската заедница со сомнителна етика и морал, за разлика од остатокот на мои колеги кои ги почитувам и со кои соработувам. Нечесно е вакво извртување на вистината од страна на професорката.

    2. Не сум знаел дека плагијат е само „некому да превземеш резултати од истражување“, бидејќи моите книги не се истражување.

    3. Не се „преземени две слики“, тоа се повеќе од 40 графички прилози, кои не се „никакви авторски согледувања или заклучоци“. Очигледно е неразбирање од страна на проф. д-р Цветковска што претставуваат графиките. Тоа се вербални дефиниции земени од европски и меѓународни стандарди, изразени во графички формат, за подобро корисниците да ја разберат дефицијата и кои за изработка бараа голем труд.

    4. Ме радува најавата на проф. д-р Цветковска дека „Во новото издание на прирачникот истите ќе бидат повлечени и заменети со многу подобри илустрации“. Се сомневам дека ова ќе се реализира, но ме интересира причината зошто при располагање со толку добри нејзини илустрации ги користела моите полоши?
    Мој совет е да ја отфрли идејата за „ново издание“, бидејќи немам намера по судски пат да барам ова да се исправа во согласност со Законот за авторско право и сродни права.

    5. Големи заблуди и пласирање неточности од страна на проф. д-р Цветковска во врска со софтверот за 2D пресметки на топлински мостови којшто го користам во работа. Поседувам софтвер BISCO, computer program to calculate two-dimensional steady state heat transfer in free-form objects version 9.0w © 2008, купен од белгиската фирма PHYSIBEL, Physibel, Heirweg 21, B-9990 Maldegern, http://www.physibel.be. Значи користам лиценциран софтвер а не хакиран.

    Софтверот BISCO е верифициран според стандардот МКС EN ISO 10211 и е еден од најчесто употребувани во Европа за научни студии и изработка на каталози на топлински мостови.

    Овој софтвер ми беше основна алатка при подготовка на мојата докторска дисертација на тема „Линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони“, која ја одбранив пред 18 членови на Специјализиран научен совет при Висока атестациона комисија на Бугарската Академија на науки во Софија. Со тајно гласање, сите 18 членови гласаа со „ДА“.

    Прашање до проф. д-р Цветковска: Во случајов, дали со софтверот „не се изнесени никакви научни сознанија кои се резултат на истражување на авторот“, како што таа тврди?

    Во однос на софтверот за, цитирам: „лични истражувања со софтвер кој сама го имам креирано“, не сум имал прилика да го тестирам, но од резултатите кои авторката ги има прикажувано на јавни презентации, сметам дека не заслужуваат никакви коментари (ако во меѓувреме го нема коригирано софтверот).

    6. И јас да благодарам на проф. д-р Цветковска што ќе ме ослободи од натамошно залудно трошење драгоцено време, бидејќи многу ја почитувам изреката на легендарниот американски глумец Џери Луис, кој рекол:

    „ЗА ОНИЕ ШТО СФАЌААТ, НЕМА ПОТРЕБА ОД ОБЈАСНУВАЊЕ…“
    „ЗА ОНИЕ ШТО НЕ СФАЌААТ, НИТУ ЕДНО ОБЈАСНУВАЊЕ НЕ ПОМАГА“

Испрати коментар

Scroll To Top