Насловна / Вести / Проф. д-р Марковски: Атрофира нашето градежништво загрозено од стихијниот недостиг на инженерски подмладок

Проф. д-р Марковски: Атрофира нашето градежништво загрозено од стихијниот недостиг на инженерски подмладок

Проф. д-р Горан Марковски e член на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции и декан на Градежниот факултет – Скопје. Дипломирал на Градежен факултет-Скопје при УКИМ во 1986 година, магистрирал во 1994 година а докторирал во 2003 година на Градежен факултет-Скопје при УКИМ. На прв циклус ги предава следните предмети: „ Армиран бетон “, „Инфраструктурни конструкции“ и „Трајност на бетонските конструкции“ на СП Градежништво. На втор циклус ги предава следните предмети: „Армиранобетонски конструкции“ , „Армиранобетонски мостови“, „Трајност на бетонските конструкции“ и „Санација и зајакнување на бетонските конструкции“ на СП Градежништво-конструктивна насока.

1

Кои беа мотивите за Вашето ангажирање на позицијата декан на Градежниот факултет?

Да му се оддолжам на Факултетот. Тоа е првиот мотив. Барем делумно да ѝ возвратам на институцијата во која го имам поминато целиот свој досегашен полнолетен живот. Колку и да прозвучи излитено, тоа е навистина мојот втор дом. Оној каде професионално сум се изградил, сум растел, созреал. Дел од мојот идентитет. И токму затоа не ми е сеедно во кој правец ќе продолжи да чекори, како ќе се развива, кои ќе бидат неговите приоритети. Исто како што не ми е сеедно и каде оди македонското градежништво.

Кој беше другиот мотив?

Градежниот факултет минува низ осмата деценија на своето постоење. Респектабилен период исполнет со едукација на броен и сериозен инженерски кадар кој успешно учествувал и учествува во изградбата на многу објекти во државата и пошироко. За жал, моментално Факултетот минува низ една од своите, можеби, најтешки фази. Интересот за изучување на градежништвото, геодезијата и геотехниката е во алармантен пад, достигнувајќи го долниот праг на својата  одржливост. Како од едукативна, така и од професионална гледна точка.  Дел од вината за ваквата состојба мора да се бара и во сопствените редови. Затоа, промени се неопходни. Колку и тие да се непријатни.

Би рекол дека тука некаде се наоѓа вториот ,,виновник“ за моето ангажирање како декан.

2

Прв академски час

Во кој правец, според Вас, треба да се движи Факултетот?

Програмата е наречена ГРАДЕЖНИШТВО +. Во себе содржи повеќе проекти, односно планирани активности во делокругот на трите основни дејности на Факултетот: наставната, научноистражувачката и на крај стручната.

Ќе започнам со проектот СТУДЕНТ + затоа што сметам дека во мигов тој е најбитен и затоа што студентот е тежиште на Факултетот и треба постојано да биде во фокусот на нашето внимание. Низ него ќе се обидеме да ја зголемиме атрактивноста на Градежниот факултет и на градежништвото воопшто помеѓу младата популација. Барем делумно да го спречиме вртоглавиот пад на бројот на новозапишани студенти и тоа во период кога во државава нема невработен градежен, геодетски или геотехнички инженер. Во време кога компаниите ,,скаутираат“ дури и недозавршени колеги, нудејќи им сериозни стипендии и договори за работа, а понекогаш, на оние од погорните години дури и работни места. Овде ќе споделам само еден, за мене, мошне поразителен податок. Оној за нултиот интерес за студирање на хидротехничката насока. За изучување на проблематика поврзана со можеби најсериозното, не само градежничко, туку и глобално прашање од животно значење – водата. За нејзиното  искористување, прочистување, скротување, заштита, климатски промени… Навистина неразбирливо. И загрижувачко за државата.

Причините за ваквиот тренд на одбегнување на градежната струка се бројни. Од демографското намалување на младото население, општествените и воспитно-образовни токови, бројните проблеми во дејноста, нејзината негативна медиумска застапеност, па сè до недостаток на државна, а и на академска стратегија за планирање на идните човечки ресурси. Се разбира нашите можности за делување како Факултет се ограничени, но тоа не значи дека сме подготвени да се помириме со состојбата и молчешкум да го набљудуваме деструктивното свлекување на градежништвото кон бездната од која нема поврат.

3

Првата реновирана училница

Токму затоа веднаш започнавме со конкретни активности насочени кон зголемување на  видливоста на Факултетот и на струката. Особено меѓу средношколците. Оние кои се насочени кон природните науки. Притоа, сакам да напоменам дека наидуваме на одличен прием во средните училишта. Заеднички планираме да организираме современи облици за анимирање на младите (World café разговори, посети на референтни објекти, средби со успешни инженери и др.). За нивно запознавање со можностите кои ги нуди струката и за тоа што значи да се студира на Градежниот факултет. Да им предочиме дека, иако се работи за можеби поконзервативна дејност, информатиката кај нас е сеприсутна и тоа онаа информатика која служи како алатка во создавање конкретен производ. Впрочем, не случајно првиот посериозен компјутер во Македонија бил инсталиран токму на Градежниот факултет во раните 70-ти години од минатиот век. Сакаме да им потенцираме дека сето она што е околу нас, кое го сметаме за нешто вообичаено, создадено  само по себе (згради, мостови, патишта, водоводи, канализации, улици, железници, аеродроми и многу  други нешта) претставува градителско дело. Дека ние сме тие од кои се очекува да ги намалат ризиците и со тоа последиците од природните катастрофи. Дека покрај бесценетото духовно задоволство од изграденото, не се за потценување ниту можностите за материјална заработувачка која, за разлика од некои денес атрактивни струки, кај нас доаѓа нешто подоцна во кариерата, но затоа пак расте правопропорционално со професионалното созревање на личноста.

Не помалку значајна е и неопходноста од осовременување на наставата. Тоа подразбира внесување нови актуелни содржини, повеќе интерактивност, стимулирање креативност, работа во помали групи. Дополнителни себевложувања од страна на буквално целиот колектив и секако на студентите, бидејќи секоја алка во синџирот има своја улога во оформување на целината.

На сето ова се надоврзуваат и напорите за подобрување на студентскиот стандард (обезбедување стипендии за додипломски, магистерски и докторски студии, ангажирање на добрите студенти за соработници, нивно вклучување во стручната дејност и др.), на условите за студирање со внесување нови содржини во нивното опкружување (книжарница со интернет-кафе, кантина и сл.) и секако неопходното реновирање и осовременување на делови од факултетската зграда која полека се наближува кон својот 100-ти роденден.

4

Лабораторија за испитување бетон – резултат на долгогодишната

соработка со РУБ Универзитетот од Бохум, Германија

Што планирате да внесте во областа на научноистражувачката дејност?

Без научноистражувачка работа нема универзитет, ниту факултет. Има нешто, недефинирано, можеби некаква виша школа, напредно средно училиште.  Наш хендикеп  е што живееме во време и на место каде вложувањето во научноистражувачката дејност е практично ништовно. Безначајно. Оттаму можеби и често (зло)употребуваната алиби синтагма ,,Колку пари – толку наука“. Но, јас би додал – важи и обратното. Имено, за аплицирање на посериозни меѓународни и домашни (доколку ги има), научноистражувачки проекти, дури и во својство на партнер на некоја поистакната странска институција, неопходни се референци. А тие денес можат да се стекнат единствено со објавување трудови во релевантни научни списанија. Ни се допаѓало тоа нам или не. Може да се дебатира за тоа дали во тие процеси се протнуваат и одредени дубиози, дали понекаде има примеси на бизнис, дали во некои лицемерни средини проаѓаат и одредени неетички итроштини и сл., но во моментов друго мерило за успешност во оваа област – нема.

Имајќи го сето ова предвид, новиот деканат веќе започна со имплементација на проектот НАУКА+. Со него ќе се направи обид да се создаде клима и секако подобри услови, за подинамичен развој и вложувања во оваа есенцијална дејност за нашата институција. Да се насочат и концентрираат расположливите средства, колку и да се тие, од формално кон суштествено (продуктивно) трошење.  Да се иницираат нови меѓународни соработки и да се зацврстат постојните. Да се најде начин како, со помош на долгогодишните деловни партнери, да се осовременат лабораториите, да се иницираат заеднички истражувања и сл. При сето тоа ќе се користат досегашните позитивни искуства при креирање нови иницијативи за квалитативно поместување во оваа област.

5

Наука пред се – експериментални испитувања на Градежниот факултет

на наши асистенти – дкторанди на РУБ Универзитетот од Бохум, Германија

Градежниот факултет е вклучен во голем број капитални, но и во друг вид проекти. Дали планирате промени и во оваа дејност?

Во мали средини како нашата, вклучувањето на техничките факултети во стручната дејност е неминовност. Тоа, пред сè се должи на ограничениот  кадровски потенцијал во стопанството, незначителниот број доктори на науки вработени надвор од високообразовните средини, можностите на академскиот кадар за подобро усовршување во одредена тесна област и др. Но, ова е и медал како секој друг – со две страни.

Позитивно е тоа што работата на конкретни проблеми го подигнува квалитетот и самодовербата на наставниот кадар што има директна рефлексија врз нивото на наставата. Активноста во разрешување на поспецифични реални проблеми, може да обезбеди и креирање база на податоци за научноистражувачки цели. Исто така, во услови на крајно ограничени буџетски приходи, дополнителните средства стекнати од апликативната дејност овозможуваат своевидно ,,преживување“ на Факултетот.

Од друга страна, особено во услови на нејасно дефинирани критериуми за функционирање на академската средина, ангажманот на стручните проекти знае да консумира премногу време и со тоа да ги препокрие активностите на другите полиња. Неселективниот пристап, отвора можност и за нелојална конкуренција кон фирмите, што секако не е и не треба да биде цел на Факултетот.

Со проектот КВАЛИТЕТ + сакаме да влијаеме на насочување и на повеќеслојно искористување на придобивките од стручната дејност. Да се посветиме на сериозни задачи. На стратешки проекти. На оние кои во себе содржат предизвици. Чии резултати  можат да бидат аплицирани и во научни проекти. Проекти кои во себе имаат и развојна компонента. Кои поттикнуваат искористување на постојните, но и стекнување нови знаења и искуства. Сè со цел да бидеме подобри.

За крај, на каков пат е моментално македонското градежништво?

За жал, на добар пат да биде ничкосано. Полека но сигурно се распарува дејноста која е длабоко вткаена во нашите гени. Дејноста која, не толку одамна, беше бренд на македонското стопанство, замаец на растежот. Една од ретките стопански гранки која умееше и сè уште умее да создава готов производ.

Болно атрофира нашето градежништво загрозено од стихијниот недостиг на инженерски подмладок, од негрижата на возрасните за негова заштита, од негативниот предзнак со кој се жигосува. Од неподносливата леснотија со која се откажуваме од веќе оформените кадри во кои државата вложила многу. Заобиколено од тековите на капиталните проекти, сè почесто немо, отстрана набљудува како со наши, македонски пари, сега некои други ни градат, се развиваат, растат. Чинам неповратно венее, надевајќи се на некоја фрлена измеќарска трошка од големиот градителски колач. За да преживее. Евентуално.

Дозволете ми на крај да се заблагодарам за доделениот простор и воедно на Уредувачкиот одбор и на читателите на Порта 3, да им посакам среќна, здрава и успешна Нова 2023 година.

Еден коментар

  1. Гневен Градежник

    Првенствено да му честитам на Проф д-р Марковски за неговото назначување за декан на Градежниот факултет и му посакувам “мирно море” во бурата која не очекува во иднина.
    Атрофира или заостанува во развојот!?, баш е добар збор кој го отсликува нашето градежништво денес, причини за ваквата ситуација?. Според мене ги има многу ќе започнам од “главата” професорите се инертни на сите општствени случувања кои ни се случуваат во сверата на градежништвото и градежниот еснав, сметам дека повеќето од професорите си го гледаат нивниот интерес за ЗАРАБОТКА+. Како втора на ред иде комората која е тромава и неефикасна со поблаги зборови не ги штити интересите на инженерите кои се дел од неа, туку преставува т.н. “приватна фирма” застапена од челниците кои ја водат истата. И како трета и последна причина работодавачите кои лукаво ги искористуваат инертноста и тромоста на веќе споменатите и градежните малди инженери, како што ги нарекувате инженерски подмладок го вреднуваат под просечно да неречам минимално.
    Превентива: Професорите да го повторат третиот Њутнов закон и да реагираат на секое општествено случување (да критикуваат законски предложи, да вреднуваат квалитет и да се посветат на студентите). Комората да застане позади градежните инженери кои секојдневно се борат да се справат со товарот, не оној од надворешните влијанија туку со товарот на невреднување и непочитување. Со ваква превентива сметам дека македонскот градежен инженер ќе си го врати она “старо” лице за кое и Проф д-р Марковски говори во горнаведениот текст.

Испрати коментар

Scroll To Top