Насловна / Вести / Предавање на Јосиф Михаиловиќ – XIII конгрес на Здружението на југословенски инженери и архитекти во Скопје 1932 година

Предавање на Јосиф Михаиловиќ – XIII конгрес на Здружението на југословенски инженери и архитекти во Скопје 1932 година

Јосиф Михаиловиќ (1887-1941), архитект кој во 1929 година е назначен за претседател на Скопската Општина (градоначалник) и со мал прекин останал на оваа функција до крајот на својот живот. За време на својот речиси десетгодишен мандат целата своја енергија и активност ја насочил на изградбата на Скопје и неговото уредување. Тој е човекот кој успеал на една паланка да ѝ даде контури на градски лик и да ги постави темелите за ширење на градот. Или како што самиот наведува „неопходно е да се разбере дека добар план за градот има моќно влијание на моралното и духовното развивање на народот кој живее во него и дека е основа за една здрава и среќна заедница“. По повод изложбата која на 15 ноември (петок) со почеток во 19 часот ќе се одржи во Музејот на град Скопје во негова чест, но и со цел да се потенцира колку е важно градскиот татко да ја разбира суштинската потреба на градот и неговите жители Порта 3 ви го пренесува неговото предавање одржано на XIII конгрес на Здружението на југословенски инженери и архитекти во Скопје на 22 мај 1932 година.

jmihailovic0064 2

Јосиф Михаиловиќ

ВАЖНОСТА НА НАУКАТА ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ГРАДОВИТЕ  (ЗА УРБАНИЗМОТ)

Порастот на населението во нашите градови се забележува кај сите градови од кои забележително отскокнува Белград со пораст од скоро 400 % во последните две децении, Загреб со 300 % и Скопје со 100 % во последните десет години.

Grbot_na_Skopje,_od_vreme_na_Kralstvoto_Yugoslavia

Грб на градот Скопје

ВАЖНОСТА НА УРБАНИЗМОТ

При оваа појава прашањето за уредување на нашите градови се поставува со сета своја сериозност, бидејќи од неизмерно значење е како тие ќе бидат уредени, како би можеле да го примат пристигнатиот број на население и да ги задоволат сите потреби за удобен живот. Покрај тоа, станува збор и за материјални трошоци кои се сметаат во милијарди. Оттука многу е важно како ќе бидат вложени средствата кои треба да придонесат за здравјето и удобноста на корисниците, бидејќи грешките направени во минатото никаде не се одразуваат толку како во уредувањето на градовите. Со правилно решавање на прашањата од сегашноста, на идните генерации ќе им се заштедат безброј непотребни издатоци, кои неминовно ќе мора да се направат, доколку се пропушти можноста уредувањето на еден град да се насочи на правилен пат.
Оттука важноста на урбанизмот и потребата за истиот да се зборува. Дотолку повеќе, што оваа гранка за нас е нова, исто онака како што беше нова и појавата на бетонот пред дваесет години. И како што сега, по неполн четврт век дочекавме бетонот да биде главен во конструкциите, исто така еден од придонесите во овој век, секако ќе биде уредувањето на нашите градови.

centar

центарот на градот, денес ул. „Максим Горки“

ГРАДОВИ ВО ЗЕЛЕНИЛО

Овој културен придонес веќе е даден со создавање на населба позната под името „град во зеленило“. Идејата за оваа нова населба прв ја дал Англичанецот Ебенизер Хауард со публикација на својата книга „Утре“ во 1898 година, чиј наслов во второто издание од 1902 година е променет во „Градови во зеленило на иднината“.
Основните идеи на Хауард се:
а) „Град во зеленило“ е град намерно подигнат за индустријата и за здрав живот
б) неговата големина е определена помеѓу 50 до 70 илјади жители, но не поголем за да може да се овозможи развивање на социјален живот
в) новиот град мора да биде опкружен со агрикултурен појас за земјоделски цели во кој не смеат да се градат објекти
г) целиот градски атар е колективна сопственост и служи за корист на заедницата

47211437_2061597747217061_4475339807714705408_n

улица „Илинденска“

Една од „атракциите“ која привлекува селско население во градовите е потребата од работна сила во индустријата. Само што во овој случај Хауард проблемот го поставил обратно: место работната сила да ја брка индустријата во нездрави животни околности за градовите, ајде да ја пренесеме индустријата на село во зеленило и свеж воздух, каде ќе може селското население веднаш да се вработи, не губејќи часови по возови за да стигне во градот. Наместо новиот град да расте во недоглед да го ограничиме во големина, бидејќи на овој начин населението подобро ќе се запознае и меѓусебно ќе развие еден општествен живот кој ќе придонесе максимално да се развијат градските особености. Агрикултурниот појас околу градовите потребен е како бели дробови на градот. Покрај тоа се пружа можност еден дел од населението да се занимава со земјоделие.

kocii
И на крај еден од најголемите проблеми кои се создаваат во градовите е шпекулацијата со земјиштето. За да се избегне ова, кај градовите во зеленило целото земјиште е колективна сопственост и припаѓа на заедницата. Секој жител закупува имот за извесен број години и плаќа даноци и кирии на одбор кој се грижи од овие приходи да исплати интерес и отплата на позајмените пари за откуп на земјиштето за основање на нов град, а останатиот вишок на приход го употреби за градење установи неопходни за заедницата.
Основањето на вакви градови е олеснето бидејќи сè се работи од почеток по веќе утврден план, кој го третира градот како еден организам и една целина, која хармонично ќе се развива. Вакви градови веќе има во Англија: Лечворт и Велин во непосредна близина на Лондон. Нивниот живот и развој покажуваат дека идеите на Хауард се здрави и дека тој со својата идеја „град во зеленило“ успеал да ги врзе сите убави карактеристики на селото со убавите особини на градот.

Scan-160422-0002

Scan-160422-0007

од проектот „Домот на Црвен Крст“ во Скопје, проектант: Јосиф Михаиловиќ (1930)

БАРАЊА ЗА ДОБАР ПЛАН ЗА ГРАДОТ

Но ако било тешко да се спроведат неговите идеи за уредување на градови кои веќе постојат, сфаќањата дека градскиот план е една целина, а градот неделив организам, многу придонеле уредувањата на постоечките градови да се постават на поздрави основи. Се напушта старата идеја дека уредувањето на постоечките градови значи продолжување улица на улица и зголемување на хаосот кој постои кај сите постари градови чие растење било препуштено на случајот. Почнува да преовладува мислењето дека модерниот план има цел да овозможи здравје, удобност и разонода на сите граѓани и да ја ублажи онаа разлика која постои во нивната имотна состојба. Почнува да се сфаќа дека добар план за градот има моќно влијание на моралното и духовното развивање на народот кој живее во него и дека е основа за една здрава и среќна заедница.

plan

Регулационен план на Скопје донесен 1930 г.

Само кратко ќе ги резимирам главните барања за модерен план:
1. Правилно решение на главните сообраќајници. При сè поголем пораст на сообраќајот ова е едно од главните прашања и во економијата на времето игра голема улога.
2. Поделба на градот на квартови според разни намени (трговија, индустрија, домување, спорт и забава, паркови).
3. Групирање на јавни згради со слична намена и создавање центар: за администрација, за трговско-финансиска дејност, за просвета, за театри и кина, за игралишта и др.
4. Овозможување што повеќе слободен простор за паркови, спојување на овие паркови меѓу себе со широки улици засадени со дрвја и зеленило и нивно спојување со слични авении со центарот на градот.
5. Да се резервираат локации за работнички станови и за идно проширување на градот и да се задржат места за јавни згради.
6. Реновирање на постоечките руинирани куќи.
7. Разубавување на самиот град и неговата околина.

45595419_169370610682742_1393464468029046784_n

Железничка станица, Скопје, архитект Велимир Гавриловиќ (1931-1940)

Непознавање на оваа гранка кај нас
Бидејќи кај нас модерното сфаќање за уредување на градовите е недоволно познато, во ситуација на нагло развивање на нашите градови направени се грешки за кои ќе бидат потребни големи жртви за да се поправат. Соочени со вакви пропуштени прилики ја чувствуваме важноста на урбанизмот и потребата од добар регулационен план. Но во нашата индолентност спремни сме веднаш да приговориме дека планот чини скапо. Оваа заблуда доаѓа оттаму што сите мислат дека регулационен план се подготвува веднаш и во тој случај, навистина би бил скап. Но тој ист план веќе по пет години не е толку скап колку што е корисен, а по 50 години тој е од толку голема корист, што многу општини жалат што не го усвоиле и на истиот се придржувале.
Од ова кратко излагање може да се воочи дека ова е опширна и разновидна тема и за неа може да се зборува долго. Јас би бил задоволен доколку ве заинтересираат моите зборови и ве испровоцираат да размислувате за овој проблем. За да не зборувам понатаму, јас ќе завршам со набројување на она кое сметам дека може кај нас да се направи и да се поттикне ова прашање и насочи на прав пат.

gradska

Завод за социјално осигурување на работниците, Скопје, архитект Драго Иблер (1934)

Практични предлози
1. На нашите универзитети пренасочување на наставата за уредување на градовите. Начинот на кој сега се предава е недоволен и нецелосен. Треба да се прошири со формирање на оддел за уредување на градовите, кој ќе ги опфаќа сите гранки и предмети поврзани со уредувањето на градови.
2. На универзитетите формирање на курсеви за инженери и архитекти кои ги завршиле своите студии, но немале можност да се запознаат со оваа важна гранка, а сакаат тоа да го направат. На овој начин би се создал кадар за брзо спроведување на урбанистичките идеи.
3. Формирање институт за урбанизам.
4. И покрај штедењето кое се воведува во државниот живот на сите полиња, нашата влада треба да испрати одреден број питомци или веќе завршени инженери и архитекти во странство да ја студираат оваа проблематика.
5. Треба да се ревидираат постоечките, а одобрени регулациони планови на поедини постоечки населби, било преку Одделот за изградба при Министерството за градежништво, било преку слични оддели кои би се востановиле. Особено кај одобрените планови да се дополни идното развивање на предградијата по системот градови во зеленило.
6. Во сите градови да се формираат друштва за разубавување на градот, со таа разлика од постоечките, кои ќе се грижат за развитокот на градот како целина. Тоа не треба да бидат друштва за уредување на одредени делови, бидејќи на тој начин се создава нездрава конкуренција, туку друштва за уредување и разубавување на целиот град. Нивната поделба би била по секции за поединечни прашања, на пример: секција за јавни згради, за споменици, за паркови, секција за детски игралишта, за работнички станови итн., но никако секција за само одреден дел од градот.

5033_1184039403407_223952_n

Собрание, Скопје, архитект Виктор Ј. Худак (1938)

Ако спроведеме во дело само еден дел од наведените принципи и сметаме дека за уредувањето на градот треба да внесеме иста естетска смисла која ја внесуваме во внатрешното уредување на една куќа, нашиот живот во градовите ќе биде пријатен како што е пријатен животот во удобна куќа. На тој начин ќе го постигнеме идеалот кој го поставил Платон во својата Република „градот кој го опишавме да се изгради на најбрз и најлесен начин и да биде не само убав сам по себе, туку и најголем благодет за населението поради кое и го градиме“.

Автор: Јосиф МИХАИЛОВИЌ, архитект

Josif-reklama-print

Еден коментар

  1. Ацо Крстевски

    Никаде во вашиот текст не се спомнува дека Јосиф Михаиловиќ Јуруковски е Македонец роден во село Тресонче Македонија. Уште посимптоматично е што оваа трибина се организира од српски културно информативен центар СПОНА. Пред некој ден во српските медиуми излезе и напис дека “мијаците имале српски потекло” . Ова е продолжение на нивниот напад. Со ќутење и без јавна осуда како и осуда од нашата продадена квинслигка влада на Заев и СДСМ ние ги потврдуваме нивните тези. Голема срамота е за сите Македонци што им дозволуваме да ни ги крадат нашите херои, писатели, архитекти и сите исткнати личности од македонската историја а ние да ќутиме и ништо да не превземеме

Испрати коментар до Ацо Крстевски Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top