Насловна / Вести / Со каква логика се тргна во урбанистичко планирање?

Со каква логика се тргна во урбанистичко планирање?

skopje_urbanizam.jpgМалиот процент наизграденост, потребата одмаксимална искористеностна парцелите, слабиот квалитет наповеќето градби, како и можностите заразвој, се аргументите на кои најчестосе налетува при разгледувањетона документацијата со која сепоткрепува усвојувањето на деталниотурбанистички план Стара железничкастаница.

 

Само планот Мал ринг годинава предизвика поголем број стручни, политички и граѓански судири од ова решение, кое се покажа како едно од најспорните досега, па најверојатно ќе треба да почека потврда и од Уставниот суд, бидејќи се најавија повеќе иницијативи за да се поднесат претставки. А не се ниту малубројни причините за тоа, бидејќи просторот меѓу улиците Водњанска, Железничка, Бихаќка и Мито Хаџивасилев Јасмин ќе наликува на бетонски лавиринт ако во целост се исполнат планските решенија. Особено, бидејќи се предвидува да се вкопа Јужниот булевар под земја и врз него да се изгради огромен деловен комплекс долг еден километар и висок 21 метар, кој ќе се протега од едниот до другиот крај на планскиот опфат, како легнат облакодер. За сите забелешки општината Центар, чиј Совет го усвои планот, одговараше дека при неговото изготвување се направени потребните технички, функционални, сообраќајни и еколошки анализи, кои покажале дека не постојат пречки за реализацијата.

 

Што поточно содржи планската документација?

 

Од технички аспект, се вели дека малиот процент на изграденост е карактеристика на целиот простор, што било резултат на старите плански решенија. Доста ниски се и густината на населеност и коефициентот на искористеност на просторот, па затоа постојат можности тие да се зголемат, особено што во меѓувреме се променила сопственичката структура и големите парцели се во рацете на повеќе сопственици. Се вели дека и самиот мотив за изработка на планот е потребата за максимално планерско искористување во рамките на постојните урбанистички парцели. Забележано е дека постојната состојба е лоша, бидејќи од 30 објекти 23 се куќи, комерцијални се четири, сервисни два и јавен е еден, иако Генералниот урбанистички план како главна намена за овој простор ја посочува комерцијално-деловната. Неповолна е и состојбата на сегашните градби, таа е лоша дури кај 14, средна кај 10, а само шест добро се држат. Затоа е предвидено од 14,28 хектари, колку што изнесува вкупниот плански опфат, да се одвојат 9,35 хектари за градежни површини, а остатокот за зеленило и за сообраќајници. Особено е истакнато дека во рамките на овој простор има и споменик на културата од втор степен, односно самата Стара железничка станица, што значи дека неговата надворешност не смее да се менува, а внатре се можни адаптации за местото да се користи како музеј. Нејзината околина, пак, е со заштита од трет степен, па затоа е овозможено до неа да се гради друг објект, врз делот од станицата што бил урнат во катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Но меѓу двете зданија мора да има простор од најмалку осум метри, а новото не треба да личи на старото бидејќи таквата фасада би била само кулиса. Сообраќајните решенија предвидуваат булеварот Македонија, попознат како Јужен булевар, да се вкопа под земја и да има широчина од 36 метри, два коловоза од по 12 метри и исто толкав средишен дел наменет за трамвајска траса. Бидејќи ќе биде тунел, со околната сообраќајна мрежа ќе мора да се поврзува со рампи, чија должина би изнесувала најмалку 120 метри, а наклонот до пет отсто. Булеварот ќе биде шест метри под земја и ќе се поврзува со околните сообраќајници со три раскрсници во форма на кружни текови. Најимпозантен ќе биде тој меѓу новиот објект на НЛБ Тутунска банка и поранешната висококатница на НИП "Нова Македонија". Замислен е како елипса со внатрешен радиус од 70 до 80 метри, со коловоз од 21,5 метри и со пешачка патека од пет метри. Ќе ја спојува подземната сообраќајница со Водњанска, Железничка, Васил Ѓоргов, Мито Хаџивасилев Јасмин и со Климент Охридски. Другите два се со внатрешни кругови од 26 метри (со улиците Железничка, Бихаќка и Огњан Прица) и од 23 метри (со Бихаќка, Мито Хаџивасилев Јасмин и Кочо Рацин). За сите овие сообраќајни решенија општината добила согласност од градот Скопје надлежен да го регулира сообраќајот. Анализите покажале дека предлогот се вклопува во Генералниот урбанистички план.

 

Еко-ризици и дискутабилна функционалност

 

Како простор со комерцијално деловна намена, планскиот опфат на овој ДУП е изложен на три вида ризици по животната средина, односно аерозагадување, загадување на почвите и на водата, како и на бучава. Нема индустрија, па воздухот главно ќе биде загрозен од моторните возила, а многу помалку и од начинот на загревање на предвидените објекти. И за почвите и водите се вели дека не се изложени на голем ризик поради поврзаноста на градбите со канализацијата. Но, за бучавата се препорачува при планирањето на објектите да се предвидат техники за таа да се сведе на најниско можно ниво. Министерството за животна средина и просторно планирање дало согласност за донесувањето на овој детален урбанистички план. Што се однесува до функционалните аспекти, тука и самата општина има резерва. Се вели дека редефинирањето на овој простор, со кое всушност се определува неговата доминантна комерцијално- деловна намена, е овозможена со Генералниот урбанистички план, а деталниот треба да понуди реално и економски издржано решение за развојот. Поволни фактори се што се овозможува градба во оформени градежни парцели и со изедначена висина, а степенот на искористеност на градежното земјиште ќе биде економски оправдан со соодветни сообраќајни решенија. Затоа, се додава дека можностите за да се реализира замисленото, се опфатени со низа ограничувања и ќе зависат од пресметките во идејните и во основните проекти. Влијание врз сето тоа имаат и честите промени на цените на пазарот, неможноста да се утврдат одредени ставки на трошоци, постојаниот расчекор помеѓу потребите и можностите, како и недостатокот на егзактни елементи за докажување одредени претпоставки. Со други зборови, само времето ќе покаже дали на градот навистина му треба километарски деловен центар, дали некој ќе се нафати да го гради и дали ќе ќари некоја пара од изградбата или ќе заглави во долгови. Во меѓувреме, овој импозантен објект ќе стои нацртан во детален урбанистички план и ќе оневозможува просторот да се развива на друг начин.

 

Катерина Спасовска-Трпковска

 

skopje_urbanizam_2.jpg

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top