Насловна / Вести / На патот кон еколошка држава

На патот кон еколошка држава

Пишува: д-р Зоран Шапуриќ, редовен професор при УАКС

Почетокот на шесеттите години од минатиот век е обележан со јакнење на свеста за потребите за многу поинтезивна грижа-заштита на животнатa средина. Во овој период се појавуваат силни еколошки организации кои вршат огромен притисок на националните и на меѓународните институции и организации, да отпочнат со подетално регулирање на мерки и активности во областа на заштита на животната средина. Стокхолмската конференција одржана во 1972 година, која е прва голема меѓународна конференција целосно посветена на проблематиката на животна средина, означува почеток на институционализација на оваа проблематика на национално, регионално и на глобално ниво, а малку подоцна и на локално ниво.309594-ke-se-chistat-postojnite-divi-deponii-vo-krivopalanechko

Оваа Конфереција продуцираше јакнење на државни институции кои се посветени на еколошката област. Оттогаш па до денес, постојано јакне свеста дека квалитетот на здравјето и на животот на човекот зависат во огромна мера од квалитетот на животната средина. Терминот еколошка држава, започна да се применува за државата што континуирано се грижи не само за заштита, туку и за унапредување на животната средина – држава во која сите активности во разни области, како што се економската, просторно урбанистичката, транспортно сообраќајната, земјоделската, енергетската, здравствената, како и многу други сфери, мора да ги земе предвид еколошките аспекти.5000Voeni-baraki-2

Кај нас во Македонија, денес зачекорени во дваесет и првиот век, стануваме конечно свесни дека нашето здравје е условено од севкупните еколошки состојби, и се прашуваме како дојде до тоа да ни е нарушен квалитетот на животната средина и како дојде до загрозување на нашето здравје. Република Македонија има статус на земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Оттогаш поинтезивно започнавме да ја усогласуваме нашата еколошка регулатива со регулативата и стандардите на ЕУ. Донесени се низа закони и стратешки и плански документи во оваа сфера, но нивната практична имеплементација е сосема друга работа.mkd-251317

Наспроти законодавството и докуменетите, ни се случува перманентна деградација на животната средина и влошување на квалитетот на животната средина, посебно во урбаните населби. Квалитетот на амбиентниот воздух е на катастрафално лошо ниво, особено во поглед на  концентрацијата на ПМ 2.5 и ПМ 10 честички, која во голем дел од годината е и повеќе од десет пати над максимално дозволените гранци, со што Скопје и Тетово се најдоа на врвот на листата на европски градови со лош квалитет на воздух. Слично е и во Битола, Кавадарци и во некои други градови. Масовната и неодржливата градба надвор од сите добри практики и несоодветното просторно планирање, доведе до  енормно уништување на повеќедецениски дрвја и зеленило, сообраќаен метеж и непроточен сообраќај, недостиг на паркинг-плацови (во одделни делови во Скопје бројот на возила на квадратен километар достигнува преку 600). Понатаму, неподносливата густина во просторот на повеќекатни станбени објекти, доведе до нехумани и неодржливи услови за живот и до спречување на циркулација на воздухот, како и до проблемите во водоснабдување во високите станбени зони. Бучавата од сообраќајот и од другите извори на бучава во урбаните делови е веќе неподнослива. Градежните активности се вон секаква контрола на локалните и на државните власти, па и тие сериозно влијаат на загадување на воздухот. Во услови кога во Европската Унија е воведен Еуро 6 стандард, ни се случи масовен увоз на застарени возила со Еуро 1 и Еуро 2. Уделот на дизелот во вкупната потрошувачка на горивата, во последниве десетина години порасна од 30 до фрапантни  65 проценти. Непланската и незаконската сеча на шумите доведе до нивна деградација.magla_ulica_01_mji

За жал, неповоланата еколошка состојба, освен во воздухот е присутна и во другите сектори на животната средина. Отпадот во развиените земји на ЕУ е ресурс и голем економски потенцијал, кај нас отпадот е вистински проблем. Деведесет и девет одсто од отпадот завршува на 55 депонии во државата, и тоа најчесто како мешан отпад и без никаков предтретман. Згора на тоа, ниту една од овие 55 депонии не ги исполнува во целост стандардите утврдени во регулативата на ЕУ и на државата. Ако се земе предвид дека голем дел од отпадот се фрла и вон овие депонии, на т.н. целосно диви депонии, станува јасно дека ситуацијата е уште поалармантна. Изнесеното покажува дека само еден процент од отпадот се рециклира или е подложен на другите форми на преработка. Само минимален дел од отпадните води се пречистува. Загадувањето од индустрискиот сектор е и понатаму доста високо.скопје панорами од џеваир згради аеродром кисела вода ново лисиче (20)

Но мора са се запрашаме дали е можно да се отстранат сите овие  неповолни еколошки состојби наеднаш, и дали може многу брзо да се приближиме кон стандардите на еколошката држава. Одговорот е јасен, дека не може на кус рок да се отстранат последиците од долгогодишната деградација на животната средина, а со голем дел од нив,  како што се последиците од неодржлива и нехумана градба, последиците ќе ги чувствуваме уште долго време. Но на среден и на долг рок, можно е значајно да се подобрат состојбите во животната средина. Најпрвин е потребен комплетно нов пристап преку мултидимензионален и мултисекторски пристап на проблематиката на животната средина. Сите сфери на општественото и на економското дејствување мора да бидат целосно усогласени со стандардите и потребите на висок степен на заштита на животната средина. Но се разбира, не може да се ослониме исклучиво на среднорочни и долгорочни мерки и активности. Потребно е итно донесување на правна регулатива која ќе го запре урбаниот хаос и ќе утврди хумани аспекти, односно услови за градба и интезивирање на подигање на нови зелени површини. Потребно е итно да се донесе регулатива која ќе дозволува увоз на возила со минимум еуро 5 стандард и која ќе го дестимулира натамошното зголемување на употребата на дизел горивата, а ќе биде стимулативна за широк спектар на возила кои ќе користат алтернативна еколошка енергија. Мора да се зајакне инспекцискиот надзор за да се спречат сите видови на деградација на животната средина. Користењето на обновливите извори на енергија, пред сè на ветровита и на сончева енергија, итно треба да се стимулира. Користењето на биомасата како еколошки енергенс не може повеќе да се третира исклучиво како користење на дрва за огрев.  Понатаму, неопходна е изградба на минимум пет регионални депонии каде ќе се третира отпадот, чија количина ќе биде намалена преку сет на мерки и активности за примарна селекција, а понатаму и на рецилирање и на други видови на преработака на отпадот. Искористување на ресурсите на отпадот ќе доведе не само до подобрување на состојбите во животната средина, тоа ќе произведе економски бенефити и ќе овозможи отворање на  нови работни места. Треба да се стимулира воведување на чисти и современи технологии во индустрискиот сектор. Активностите во областа на заштитата на природата треба да се интензивираат.

На среден и на долг рок, мора да се стимулира еколошки и попроточен јавен превоз и да се подобри инфраструктурата, и да се отпочне со подземни сообраќајници во урбаните средини. Гасификацијата во државата треба да се интензивира. Изградбата на системи за пречистување на отпадните води, исто така ќе влијае на подобрување на еколошките состојби. Се разбира, сето ова бара и инвестиции од централната и од локалната власт, но и од бизнис секторот. Притоа, се разбира, не треба да се заборават ни потенцијалите за подобро искористување на средствата од предпристапни фондови на ЕУ,  за што е потребна сериозна и макотрпна работа. Ако постои силна волја и силна свест, и ако сериозно и темелно се пристапи на проблематиката на животната средина, можно е чекор по чекор да се приближиме до стандардите на еколошка држава. Патот кон стандардите на еколошка држава е мошне тежок и напорен, но ако сите инволвирани субјекти континуирано работат и ги користат искуствата и практиките на еколошки развиените земји на ЕУ, можно е Македонија да стане еколошка држава, во која заштитата и унапредувањето на животната средина ќе стане врвен приоритет.

Еден коментар

  1. Одчично четиво, но сте испуштиле да ги споменете борбите против рудниците од отворен коп со лужење, за чија реализација се издадени над 22 концесии, поголем дел од нив во југоисточна Македонија – најчистиот земјоделски крај во земјава. Тоа е можеби најголемото еколошко движење кое се случило некогаш, заради тоа што преку масовна обединетост и изразување на волјата преку референдуми, народот ја подигнува еко свеста и се бори против тешка загадувачка индустрија и експлоататорска и геноцидна политика.

Испрати коментар до Андреј Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top