Насловна / Архитектура / Кристијан де Портзампарк – Архитектурата започнува со цртеж

Кристијан де Портзампарк – Архитектурата започнува со цртеж

Една посета на „работилница“ низ времето, една величествена медитација на уметност и архитектура, една монографија за познатиот архитект Кристијан де Портзампарк, првиот добитник на Прицкеровата награда во Франција (1994), беше промовирана минатата пролет во Париз. 5fa3caa10eed452d70c593c0e4d0b415

Збир на нешто повеќе од илјада и двесте цртежи, фотографии, дадени преку процесот на развој, низ извонредната монографија „Цртежи и денови“, ја покажува генезата на неговите планови. Проект по проект, изграден или не, студии по хронолошки редослед од неговото богато творештво, цртежи, модели, слободни акварели кои инспирираат и мотивираат.3b-filharmonija-luksemburg-1997-2005 philharmonie_luxemburg2

Филхармонијата во Луксембург

Првиот цртеж

Пред да стане реалност, архитектурата почнува со цртеж. Сите проекти почнуваат со првите линии повлечени со рака. Потоа, компјутерот и 3Д ги прави возможни и најсмелите идеи. На крај, се раѓа саканата форма и естетика. christian-de-portzamparc

Кристијан де Портзампарк

Кристијан де Портзампарк вели: „Патот е непознат, разумот и сонот се одговор и провокација на решението што секој сам го носи. Долго време тоа е фикција, фантастичен роман кој се разработува во детали за да се докаже дека може да се изгради. А понекогаш и се гради. Но најголем дел од проектите не ја надминува фазата на цртежи. Замислени и пресметани за одредена програма, одредено место, тие се како музички партитури кои никогаш нема да бидат отсвирени“. Но, многу од неговите проекти среќно го видоа денот. Се појавија или наскоро ќе се појават.

1-butik-dior-seul-korea-2013-2013

Бутик „Диор“ во Сеул, Кореја

Меѓу најновите проекти на Кристијан де Портзампарк, кој успешно го виде денот, е бутикот на „Диор“ во Сеул, Кореја, отворен во јуни 2015 година. Објект со изглед на нежен бел цвет, со волуменски набори на фасада, инспириран од материјалите, формите и движењата создадени во ателјето на Диор. „Сакав зградата да го претставува ’Диор‘, да одговара на работата на Кристијан Диор. Тоа ме натера да барам мек изглед на надворешните површини, како белиот памук со кој дизајнерот работи“, вели архитектот. Овие површини, брановидно раздвижени, се подигаат кон небото. Се сечат во неколку линии, како долги лушпи формирани од фиберглас, собрани со прецизна точност. 1a-butik-dior-2013-2015-enterier

Ентериер во бутик „Диор“ во Сеул, Кореја

Во Сеул, каде во четириаголни згради се наредени познатите модни светски брендови, зградата на „Диор“ го редефинира пејзажот. Се издвојува како една голема бела скулптура во просторот, во која секој е поканет да влезе. Објектот со шест ката и површина од 4408,57 м², содржи нов продажен салон, делови за накит, часовници, чевли, женска и машка облека, ВИП салон, галерија и на покривот кафуле. Ентериерот е изработен од американскиот архитект Питер Марино (Peter Marino 1949), кој со вешта комбинација на текстури за тавани, ѕидови и подови создава целокупна префинетост во сè.

2a-kulturen-centar-sudzou-suzhou-kina-2013

Културниот центар на новиот град Суджоу во Кина

Од 2013 година, Кристијан де Портзампарк работи на еден друг грандиозен проект, кој наскоро ќе го види денот, на културниот центар на новиот град Суджоу (Suzhou) во Кина, како дел од генералниот план за Wujiang Lakefront. Престижен проект на сосема нов локалитет на градот кој се развива на извонредна локација, на едно од најубавите кинески езера. Во проектот на културниот центар, со форма на осмица, вклучени се следните објекти: Опера со 1600 седишта, Модуларна сала со 600 седишта, Музеј (24000 м²), Изложбен центар (18000 м²), Конференциски центар (14000 м²), кафулиња, ресторани, кина, како и трговски центар (14000 м²), на вкупна површина од 202000 м². Концептот на дуалност на формата на комплементарност е повикување на кинескиот филозофски принцип на јин и јанг, кој се базира на идеи истражени во претходни проекти. Зградата идеално се вклопува во пејзажот, вклучувајќи ги водата и небото во играта на светкавата рефлексија создадена од дупли метални ленти кои се приклучуваат кон објектите во кривини и контра кривини.

4-cidade-da-musica-rio-de-jeneiro-brazil-2003-2013

Cidade da Musica, Рио де Женеиро. Бразил

Доаѓање во архитектурата

„Кога имав околу 13 години, веќе бев заинтересиран за уметноста. Се сеќавам дека видов неколку скици од Ле Корбизје и тоа го стимулираше мојот интерес и за архитектурата“, вели Портзампарк. Не е чудно, најпознатиот француски архитект влијаел врз голем број архитекти од целиот свет, вклучувајќи и некои други добитници на Прицкеровата награда како Ричард Маер, Кензо Танге или Тадао Андо. Портзампарк почнал да студира архитектура во 1962 година. „Архитектурата ми се чинеше многу бирократска, помалку слободна од уметноста, а модернистичките идеали пред кои се поклонував, мислев дека не можат да стигнат до богатството на вистинскиот живот. Почнав да го критикувам моето прво влијание на Ле Корбизје“, вели тој. Уште како студент по сликарство и архитектура на Beaux-Arts во Париз, ја доведува во прашање доминантната модернистичка доктрина, верувајќи дека не може да се избрише минатото. По дипломирањето, Кристијан де Портзампарк почнува да работи на неколку јавни проекти и го потпишува своето прво архитектонско дело, кулата за вода во Marne-la-Vallée (1971-1974). Како градител, архитект, урбанист и сликар, Кристијан де Портзампарк ги истражува формите и нивното значење. До 1980-та, негова главна преокупација е клучното прашање за урбана трансформација, нова визија на „отворен блок“, контра на Османовиот блок на големи ансамбли.

7a-vinarija-cheval-blanc-saint-emilion-francija-2006-2011Винаријата на Шато Шевал Бланк во Сент-Емилион, Франција

7b-vinarija-cheval-blanc-saint-emilion-francija-2006-2011

Во 1980 година формира ателје со седиште во Париз, Франција. Создава тим од 110 луѓе, организирани во неколку „студија“, кои работат на различни амбициозни проекти со меѓународна димензија. Активностите на Ателјето Кристијан де Портзампарк се фокусираат на сите нивоа на згради и на различни програми. Секој нов проект е предизвик за истражување и експериментирање. Барање на технички решенија за изградба. Ателјето може да се дефинира како „урбана лабораторија“ врз основа на урбаните и структурни анализи, развиени од страна на Кристијан де Портзампарк во 70-тите, преку јасни проекти, конкурси и студии, кои довеле до измена на методите, дозволувајќи мноштво на практични апликации на неговите теоретски истражувања и принципиелни анализи. Градот е една од основните теми на неговата работа, која се развива паралелно и се сече на три основни теми: згради симболи, кули и развој на населби, острови на големите градови.

9-kula-prism-menheten-njujork-2002-2014

Кулата Prism на Менхетен, Њујорк, САД

Зградите често стануваат симболи, градски ориентири, референтни точки во урбаниот пејзаж каде што внатрешните и надворешните простори се преплетуваат. Кристијан де Портзампарк има вистинска страст за музика. Тој учествува во серија конкурси за изградба на објекти за музика и танц во 80-тите, кои станале симболи, како школата за танц на Париската опера во Нантер, Франција (1983-1987), Градот на музиката во Париз, Франција (1984-1995), Филхармонијата во Луксембург (1997-2005), концертна сала, кино и школо за музика Cidade da Musica, Рио де Женеиро, Бразил (2003-2013)… На Портзампарк е исто така возбудливото кафе Бобур во Париз (1985-1987) со површина од 530 м², Nexus II, Фукуока, Јапонија (1989-1994), винаријата на Шато Шевал Бланк во Сент-Емилион, Франција (2006-2011).

11-granitna-kula-defans-pariz-francija-2001-2008

Гранитна кула на Дефанс во Париз

Портзампарк ги разви своите идеи за „Високи форми“ (Hautes Formes) со проектот за ансамбал од шест објекти со 209 социјални станови, во XIII арондисман во Париз, добиен на конкурс во 1975 година (1975-1979). Неговата скулптурална кула (Tour de Lille, 1991-1995) е еден посебен објект изграден во населбата „Euralille“ на Рем Колхас. Кулите се резултат на неговото проучување на вертикалната скулптуралност и призматичните форми, како кулата LVMH (1995-1999) во Њујорк, САД, кулата Prism на Менхетен, Њујорк (2002-2014), кулата One57 на Менхетен, Њујорк (2005-2014) со станови и хотел, висока 306 м, со 75 ката, со прекрасен поглед на Централ Парк и панорама на Њујорк. Гранитна кула на Дефанс во Париз (2001-2008) седиште на Сосиете Женерал, висока 184 м со 45 ката, прва висока зграда со сертификат за одржлив развој во Франција (HQE француски еквивалент на LEED сертификат во Северна Америка).

10a-kula-one57-menheten-njujork-2005-2014

Кулата One57 на Менхетен, Њујорк, САД

Интересот за станбените реони и градовите се негова главна тема, главен практичен и интелектуален  придонес. Признавање на централната важност на бескрајно тенкиот човеков контекст кој во локалните услови со своите интервенции дејствува на различни нивоа на квалитетот на просторот. Во својата обновена визија за урбана структура која ја нарекол „отворен блок“ (îlot ouvert), неговата работа е фокусирана на истражување и ориентирана на квалитетот на просторот за живеење и разбирање на градот. Секогаш истражувајќи практично и теоретски, тој работи на урбанистички решенија за населби во Франција, Холандија, Либан или Кина.

Starchitect, слава и признанија

Кристијан де Портзампарк, роден 1944 година во Казабланка, Мароко, на својот педесетти роденден, на 5 мај 1994 година, беше прогласен за лауреат на престижната награда Прицкер. Тој беше прв Француз, шести Европеец и седумнаесетти човек кој ја доби оваа славна награда по нејзиното востановување од Фондацијата Хајат (The Hyatt Foundation) во 1979 година. Во споредба со славата на други добитници на Прицкеровата награда, Портзампарк ја прими тивко и воздржано, како нешто што одговара на неговиот постепен развој кој беше фален за разбирање и успешно интегрирање во суштината на просторот. Тој само ја зголеми својата работна активност со дела како што се француската амбасада во Берлин (1997-2003), музејот Hergé, Белгија (2007-2009), и многу други.

12-muzej-herge-belgija-2007-2009

Музејот Herge, Белгија

12a-muzej-herge-belgija-2007-2009

Портзампарк е добитник и на многу други високи признанија, како што се Витез на редот на Легијата на честа, Гранд при за архитектура на град Париз (1990), Сребрен медал на Француската академија за архитектура (1992), Гранд при за националната архитектура (1992), почесен член на Американскиот институт на архитекти (AIA, 1998), Гранд при за урбанизам (2004).Portzamparc-couv-02-02-16.indd

Денес, тој изведува проекти низ целиот свет, во кои ги изразува својата свежина и страст низ перфекцијата карактеристична за него уште од најрани остварувања. „Открив дека секој нов проект е збир на сите мои претходни дела. Нема нов работен извор во животот без некоја поврзаност со мината инспирација“, вели Портзампарк. Во низата од денови и години, конкурси и истражувања, модерно трансформирање на минатото во иднината… , тој создава архитектура повеќе од четириесет години.

Пишува: Љупка Дуковска, дипл. инж.арх.

Еден коментар

  1. Izvonreden arhitekt,neka ucat i gledaat mladite arhitekti se sto moze da se napravi,bravo

Испрати коментар до Kostadinka Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top