Насловна / Вести / Добар економист во градежна фирма – вистински предизвик

Добар економист во градежна фирма – вистински предизвик

Интервју со Татјана Ацковска, ВД директор на служба финансии на ДГ Бетон АД Скопје

После долги години ова е прво интервју во Порта 3, како списание за архитектура на градежната фела, со финансов директор на градежна фирма…

Најпрво благодарност до Порта 3 за покажаната иницијатива за ова интервју. За мене како економист, беше и е предизвик да работам во градежна компанија. Да се градиш и развиваш во градежна компанија во која има толку многу најразлични случувања од областа на финансиите и економијата е непроценливо искуство. Работењето со најразличните финансиски производи, како гаранции, акредитиви, кредити, економско следење на градежни проекти, инвестициони програми, сметководствена евиденција и изготвување на различни интерни и екстерни извештаи како и контакти со инвеститори, банки, државни институции, се секојдневие на економистите во градежништвото.

3

Во старите добри времиња на македонската градежна оператива, финансискиот врв на фирмите беа сива еминенција, без која не можеше да се замисли квалитетно склучен договор, трансакција… Имам осет дека денес тоа се само стари добри соништа?

Не можам целосно да се согласам со Вашата констатација и да генерализирам за сите градежни компании. Вклученоста на економистите во одлучувањето во  компаниите според мене зависи не од дејноста што компанијата ја извршува, туку пред сè од големината на стопанскиот субјект. Општо земено во државава, колку се поголеми стопанските субјекти, финансиските врвови и тоа како се „сива еминенција“, ценети и почитувани во работењето на компаниите. Сепак сè се врти околу парите и профитите. Во големите субјекти има поделба на работите во различни организациони целини,  се распознаваат повеќе менаџмент -нивоа , се делегираат авторитети и сл.

Од ова не се исклучок и големите градежни компании. Во нив економистите се целосно вклучени во секојдневното одлучување и работење на компаниите преку работењето во финансиските сектори. Моето искуство во голема градежна компанија покажува дека добро конципиран договор за изведба на проект, не може и не смее да не вклучува добро конципирани и јасни финансиски клаузули, за што главниот збор го имаат економистите. Исто така, не постои договор за градење кој нема клаузули за банкарски гаранции и слично. Тука главната работа ја имаат исто така економистите. Во големите градежни компании многу се вложува во развојот и знаењето на вработените во финансиските  служби.

Кај помалите градежни компании, искуството ми покажува дека ова не важи. Како и кај сите останати дејности, така и во градежништвото, газдите на малите компании сакајќи да заштедат средства, без разлика на стручната спрема што ја имаат, водени од сопственото искуство и препуштајќи се на водењето на големите компании, во своите компании не вработуваат економисти и користат услуги од надворешни компании како консалтинг и сметководствени фирми за да им изготват годишна сметка, да поднесат пресметка за плата, ДДВ-пријава и  слични секојдневни услуги и толку е потребата од финансиските кадри.

Колку се економистите особено квалитетните заинтересирани за работа во градежните компании? Колку е тој кадар ценет и стимулиран за својот ангажман? Колку е носечкиот  технички инженерски кадар искрен во инкорпорацијата на економскиот кадар во системот на работа и водење на градежна фирма?

Во градежниот сектор има место за најразлични кадри и професии, но тргнувајќи од природата на гранката, природно е да се најценети и најбарани техничките  кадри пред сè градежните инженери и архитектите.

Економистите работат паралелно со нив и сè со цел да му помогнат на инженерскиот кадар. Секој менаџер на градежен проект, покрај квалитетот и динамиката на проектот, има за цел рационално користење на ресурсите со кои располага при изведбата на проектот и профитабилно да го заврши проектот, а со тоа директно влијае врз финансиската состојба и успешноста на самата компанија.

Кај нас, во државата, повеќето млади економисти би сакале да работат во  финансиска институција како банка, осигурителна компанија и слично, поради повисоките примања во овие институции. Како економист кој се развиваше во градежна компанија, можам да кажам дека градежништвото и тоа како има што да му понуди на еден млад економист. Тоа што може да се научи во градежната дејност, сметам дека го нема во ниедна друга стопанска дејност. Економистот во градежништвото, мора да има познавање и се сретнува со  сите останати дејности. Работењето како економист во градежништво те научува за работењето на банките, ти ги покажува и те учи на правилата на трговијата и продажбата, големите градежни компании имаат погони за производство (бетон, арматура)… така што економистите го имаат искуството  и научуваат за  производство, оттука како млад кадар ако си воден од желбата за знаење и работење како економист во градежна компанија и тоа како треба да е предизвик, а повисоките примања ќе дојдат. Секој сака да има во својот тим квалитетен кадар и ќе бара начини да го стимулира да остане. Успехот  на работното место зависи од многу фактори и карактеристики на самата личност. Според мене трудољубивоста, лојалноста, желбата за знаење и упорноста се дел од карактеристиките што водат напред.

avtopat Miladinovci Stip

Автопат Миладиновци – Штип

Од големите градежни брендови кои беа познати далеку од нашите граници и кои беа главната извозна гранка на државата, останаа во живот само Гранит и Бетон. За жал Бетон го нема во меѓународните води. Во што е проблемот? КАКО ДА СЕ БИДЕ КОНКУРЕНТЕН НА СТРАНСКИОТ ПАЗАР?

Периодот на транзиција на земјата  негативно се одрази  на работењето на голем број стопански субјекти, а особено и кај градежните компании. Во новиот начин на т.н. пазарно стопанисување да се опстане и да се работи успешно е привилегија на најфлексибилните компании и на оние што знаат да ги проценат  движењата на пазарите за навремено да се подготват за идните предизвици. Настапот во странство на градежните компании од земјава, во согласност со законските прописи во Република Македонија и со меѓународните спогодби и конвенции е слободен.

Факторите за настап на меѓународните пазари се многубројни и можат да бидат од:

- надворешна природа (конкуренцијата на надворешниот пазар, административни процедури и барања, законските прописи во земјите и штитењето на интересите на домашните градежни компании, јазичните бариери и слично) и

- внатрешни во работењето на самите компании и градежниот сектор на Република Македонија како целина.

Со надворешните фактори и пречки се соочени сите градежни компании  што сакаат да настапат на конкретниот пазар и тие услови важат генерално за сите компании на конкретниот пазар. Секој странски пазар има свои посебни специфичности. За да се зголеми конкурентноста на конкретен пазар, македонските градежни компании потребно е да ги согледаат условите и специфичностите на пазарот на кој настапуваат и да изнајдат начини како да ги надминат надворешните бариери и да се  вклопат во правилата на  функционирање на тој меѓународен пазар.

За разлика од надворешните, внатрешните фактори и пречки се директно поврзани од работењето во самите компании и од способноста на менаџментот да се справи со истите. Без обмислена стратегијата  за развој, со цел да се промени состојбата во која се наоѓаат компаниите, градежните компании многу тешко ќе успеат да ја зголемат својата конкурентност во странство.

Како внатрешни фактори што влијаат на конкурентноста на македонските градежни компании при настапот на меѓународните пазари би ги издвоила финансиската стабилност на градежните компании, квалификуваниот кадар, како и поддршката од банкарскиот сектор во делот на банкарските гаранции.

Во услови на намалена инвестициона активност во рамки на Република Македонија, настапот на странските пазари е една од најзначајните цели во работењето на градежните компании во земјава.

ДГ Бетон АД Скопје, во последниве години активно работи на истражување на странските пазари и согледување на специфичностите, условите и можностите што пазарите ги нудат. Очекуваме во блиска иднина да дојде до реализација на она што досега e сработeно и да ве информираме за новосклучените договори во странство.

stadion_gradski_skopje20

Градски стадион „Тоше Проески“

Дали нашите банки се спремни /и волни/, со капацитет, но и визија  да учествуваат во поддршката на нашите градежни компании на интернационалниот пазар на капитални градежни проекти?

Градежните претпријатија не можат да се развиваат доколку не бидат поддржани од банкарскиот сектор и тоа не само преку кредитирањето туку уште позначајна е поддршката за издавање банкарски гаранции. Банкарските гаранции се еден од најзначајните финансиски инструменти без кои не може да се замисли да се склучи договор не само на надворешните пазари туку и во земјата. Банките во земјава, во согласност со супервизорските стандарди на НБРМ, се ограничени во висината на кредитното задолжување кон правните субјекти, и не постои посебна одредба за да градежните компании имаат различен третман од претпријатијата од другите дејности. Кредитното задолжување на клиентот кај одредена банка, кое не е обезбедено со депозит или со  неотповиклива безусловна гаранција од првокласна банка, државата и слично,  не смее да надмине 25 % од гарантниот капитал на банката.

Проблемите на градежните компании со банките се јавуваат во случаите кога треба да се издадат гаранции што го надминуваат лимитот на банката. Во согласност со состојбата во банкарскиот сектор во земјава, постојат три поголеми банки кои се во состојба кредитно да изложат над 25 милиони евра. Останатите банки се класифицирани во групата на средни и мали банки и во согласност со големината на нивниот капитал се ограничени во пласманите со градежните компании (од 1 до 5 милиони евра). Со оглед на фактот дека големите инфраструктурни проекти имаат  и големи вредности, со ограничувањето од 25 % од  гарантниот капитал, банките не секогаш можат да им излезат во пресрет на градежните компании. Само со еден проект градежните компании можат во целост да го исполнат вкупниот законски дозволен лимит. Со самото потпишување на договор  за изведба на градежни  работи треба да се достават две гаранции – гаранција за добра изведба на работите, која најчесто се издава на износ од 5 до 10 % од договорот, како и авансната банкарска гаранција, која се бара на износ од 10 до 15 % од износот на договорот. Во  ситуации кога е надминат лимитот во банката, дел од банките се подготвени да ги префрлат пласманите кон своите странски матични банки, но оваа процедура е долга и комплексна, па одзема многу време и се пробиваат роковите во кои треба да се достават гаранциите до инвеститорот.

Една мала кратка историја на Фидик договорите во светски рамки…

Како резултат од идејата да се формира глобална федерација на независни инженери во 1913 година во Гент, Белгија од страна на претставници од Белгија, Франција и Швајцарија е формирана Интернационалната федерација на инженери консултанти ФИДИК. Оваа организација е позната по својата работа околу дефинирањето на условите од договорите за градежната индустрија ширум светот и нивна стандардизација.

Денес федерацијата со седиште во Женева, по повеќе од 100 години од своето формирање, брои над 1 милион членови, професионалци од повеќе од 100 земји во светот .

Фидик договорите се во светот веќе многу десетлетија вообичаен интернационален стандард при изведба на градежни проекти. До каде сме ние во тој поглед? Дали тој стандард може и кај нас да стане законски регулирана обврска? Дали Бетон има проекти каде  го применува Фидикот?

Во глобалната економија како стандардна и насекаде прифатена форма на  договор за изведување на градежни работи се  стандардите  на Интернационалната федерација на инженери консултанти  – ФИДИК.

Договорите по ФИДИК се со широка примена насекаде во светот и претставуваат интернационален стандард при изведбата на градежни објекти. Скоро сите меѓународни финансиери и инвеститори, водечките комерцијални банки и инвестициони фондови строго бараат нивните инвестициони проекти да се реализираат по системите и договорите на ФИДИК. Така секој проект кој е финансиран од страна на Светската банка, без разлика на регионот каде се изведуваат градежните работи, се изведува согласно условите по ФИДИК. Во некои земји како  Романија и Абу Даби, договорите по ФИДИК се законска регулирана обврска при изведувањето на градежни работи на овие пазари.

Сите градежни проекти што се финансирани од страна на меѓународните финансиски институции подразбираат нивната реализација да биде врз основа на договорите по ФИДИК. Овие договори не се непознати за  македонските градежни компании. Со години македонските компании изведуваат проекти по системот на ФИДИК.

ДГ Бетон АД Скопје поголемите инфраструктурни објекти, како на пример изградбата на хидросистемот Злетовица, браната Света Петка, автопатиштата како Неготино – Демир Капија, Тетово – Скопје, Скопје – Штип, Кичево – Охрид, но и многу други ги има градено по Фидик стандардите. При изведба на овие проекти  се користени договорите по ФИДИК и тоа Црвената книга и Жолтата книга.

Македонија има своја асоцијација, полноправен член на ФИДИК, и тоа е Асоцијацијата на инженери консултанти на Македонија – АЦЕМА. Оваа асоцијација се залага за промоција на значењето и улогата на ФИДИК стандардите во Македонија и нивна поголема имплементација во законските прописи поврзани со изградбата на проекти  во земјава.

БИОГРАФИЈА

1

Татјана Ацковска  е родена 1975 година во Гостивар. Во моментов е на докторски студии на тема ТЕНДЕНЦИИ ВО ФИНАНСОВИОТ МЕНАЏМЕНТ ВО ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ на Универзитетот за финансии и осигурување ВУЗФ во Софија, Република Бугарија. Магистрирала на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на тема „Состојби и перспективи на градежништвото во глобалната економија“ со осврт на македонскиот градежен сектор.

По дипломирањето на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се вработува во ДГ Бетон АД Скопје, каде што веќе 18 години, низ континуирани обуки и секојдневното работење се стекнува со знаења од областа на економијата и финансиите во градежните компании.

Во 2008 година е назначена за раководител на  финансиската оператива на ДГ Бетон АД Скопје. Работното место ВД директор на служба финансии на ДГ Бетон АД Скопје го презема во ноември 2015 година, во периодот кога ДГ Бетон АД Скопје учествува во изградбата на повеќе значајни објекти во земјата.

Од 2017 година е предавач на Академијата за банкарство и информатички технологии АБИТ на обуката за сметководство. Има посетувано повеќе обуки од најразлични области од економијата, пред сè на тематики поврзани со финансиите и финансискиот контролинг. Во 2018 го завршува четвртиот модул од обуката на CA Controler Akademie od Minhen.

kolaz Beton

ДГ БЕТОН АД Скопје

ДГ БЕТОН АД Скопје како компанија постои на македонскиот пазар повеќе од 75 години, како една од водечките компании во градежниот сектор во земјава.  Во своето постоење името на компанијата е запишано во изградбата од над 75 % од индустриските објекти во земјава, како хидроцентрали, термоелектрани, силоси, ладилници, металургиски комбинати и многу фабрики.

Во своето долгогодишно постоење БЕТОН има изведено над 2.000.000 м2 станбени објекти, што претставува еден град од 180 000 жители.

Во последнава деценија ДГ Бетон АД Скопје станува и лидер во изведбата на објекти во нискоградбата. Компанијата учествува  во изградбата на автопатот Миладоновци -Штип, изградба на експресниот пат А3 Штип – Кочани, делницата Штип – Крупиште, изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и други.

 

2 Коментари

  1. Ne znam koja e voopsto potrebara od ova intervju. Go procitav, sepak nisto bitno ne sogledav. VD direktor za finansii na Beton? dajte ve molam, vo izminatite broevi bas imavte sodrzajni intervju-a i taman se resiv
    da sledam sekoj mesec sto se pisuva, me
    razocaravte.

    • ing. arh. Lj. Atanasovski

      Vo Porta 3 se obiduvame da ima sto porazlicni temi i intervjua so razlicni luge od razlicni oblasti i nivoa, a sepak bliski do Gradeznistvoto, Ekologijata…. Ova intervju ima za cel da afirmira edna mnogu vazna karika vo Gradeznistvoto, mnogu cesto zapostavena – FINANSII. A toa e, ke se soglasite kaj nas vo golema mera marginalizirano. G-gja Tatjana Ackovska kako licnost so dignitet ,uspeva da ja podigne ulogata na Ekonomistite vo gradeznite firmi kako vazen faktor za uspeh na sekoj gradezen proekt.

Испрати коментар до Jovica Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top