Насловна / Вести / Земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година

Земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година

На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути скопското епицентрално подрачје генерираше силен земјотрес со магнитуда ML = 6.1 – природна стихија, која предизвика големо разурнување на градот Скопје и однесе бројни човечки жртви. Тој бил почувствуван на целиот Балкански Полуостров. Картата на изосеисти е прикажана на слика 1.

Последиците по жителите и на градбите во Скопје беа катастрофални. Затекнати на спиење или бегајќи панично животот го загубиле 1.070 жители на Скопје, 3.330 биле тешко повредени, а околу 200.000 останале без кров над глава. Според пишаните документи, скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година, во кој градот загуби 82,4 % од својата административна вредност, е најсмртоносниот земјотрес кој се случил на Балканскиот Полуостров.Untitled-1

Слика 1. Карта на изосеисти за земјотресот од 26 јули 1963 година

Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје

Директните штети предизвикани од земјотресот се пресметани на 980 милиони американски долари, односно 15 % од вредноста на бруто-националниот производ (БНП) на СФРЈ за 1962 година. Со оглед дека учеството на Македонија во БНП на СФРЈ беше околу 7 %, директните штети предизвикани од скопскиот земјотрес се нешто поголеми од два БДП на Македонија за 1962 година.

Првиот странски новинар кој пристигна во Скопје беше Дејвид Биндер од Њујорк Tајмс. Додека го гледал Скопје од авионот, тој прокоментирал дека „градот изгледа како да е бомбардиран“.

Неколку дена по земјотресот, 35 нации побараа од Генералното собрание на Обединетите нации помошта за Скопје да биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Генералното собрание. Помош за Скопје, во форма на парични средства, монтажни куќи и градежни материјали, медицински, инженерски и градежни тимови и други материјали беше понудена од 78 земји.

Тогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди му нареди на Министерството за одбрана и на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) да преземат активности за укажување на помош на Скопје со испраќање персонал, монтажни куќи, градови и други форми на помош. Голема помош пристигна и од Советскиот Сојуз. Нивниот лидер, Никита Хрушчов, дури и лично го посети Скопје во август 1963 година. За првпат по нивната историска средба на Елба во 1945 година, американските и советските трупи стационирани во Скопје можеа слободно повторно да си подадат рака.

Неотектонски и сеизмотектонски карактеристики

Во неотектонскиот развој на територијата на Македонија Скопската Депресија е најстара, и почнала да се формира во првата етапа на неотектонските процеси, односно во почетокот на среден миоцен (баден). Во услови на екстензија, во првиот стадиум од генезата на депресијата, создена е напречната раседна зона Куманово-Скопје-Гостивар. Во натамошниот развој зоната се продолжила кон исток и запад, а се образувале и други гравитациони раседи, со кои се издвоил хорстот Скопска Црна Гора на север и североисток, хорстот Водно-Mатка-Осој и хорстот Јакупица-Караџица од јужната и југозападната страна на депресијата. Со овие раседнувања меѓу хорстовите се формирал типичен грабен, издолжен во правец исток-запад (И-З) до северозапад-југоисток (СЗ-ЈИ) правец, кој постепено преминал во слатководно езеро, кое со прекини егзистирало сè до квартер. Остатоците од езерската седиментна маса укажуваат дека Скопската Депресија кон исток била поврзана со Кумановската, а таа натаму со Пробиштипската и Кочанската тектонска Депресија, сите, според староста на седиментите зародени во среден миоцен.

Многу од неотектонските раседи, особено наложените, со ориентација И-З и СИ-ЈЗ, кои напречно пресекуваат повеќе геолошки единици, се носители на доминантната современа сеизмичка активност во Македонија. Така епицентрите на повеќетo силни земјотреси се лоцирани долж овие раседи. Скопското епицентрално подрачје е дел од раседна зона која се протега од исток кон запад на потегот Ќустендил-Крива Паланка-Куманово-Скопје-Гостивар-Дебар и Елбасан (Албанија). Со должина од околу 220-240 km таа е најдолга раседна зона во Македонија. Одделните раседни сегменти од зоната претставуваат гравитациони (нормални) раседи со пад кон север под агол 70-75о. Главниот расед е проследен со помали паралелни и дијагонални раседи. Покрај вертикалното поместување на раседните блокови се јавува и лево (западно) хоризонтално поместување по целата должина на зоната.

Современа тектонска и неотектонска активност во скопското епицентрално подрачје

Епицентралното подрачје – Скопје е поврзано со современата тектонска активност на Скопската неотектонска Депресија наложена преку постарите структури од вардарската зона, а делумно и преку Пелагонискиот Хорст-антиклинориум и западномакедонската зона. Во целост, таа зазема површина од преку 400 km2. Според морфолошките карактеристика Скопската Депресија се дели на три сегмента, претставени со:

  • Современото Скопско Поле – современа алувијална рамнина, што продолжува релативно да тоне;
  • Подрачјата изградени од неогени седименти (мио-плиоценски моласни наслаги), кои ги градат слабо издигнатите ритчести терени, со натамошна тенденција на слабо издигање;
  • Околните планински терени, изградени од преднеогени комплекси, издигнати од 1.000 до 1.500 m и повеќе.

Овие морфоструктурни целини се издвоени со системи на гранични раседи од вардарска и напречна насока. Меѓу раседните дислокации се разликуваат раседи кои се различно изразени во релјефот, а голем број од нив, внатре во депресијата, се констатирани со геофизички методи. Меѓу контрасно изразените реактивирани раседи, кои се изразити и вон депресијата, е Скопско-црногорскиот Расед, долж западната граница на Скопско Поле е Драчевскиот Расед, долж паралелата 42°, јужниот дел на депресијата е одделен од северниот со регионалниот Скопско-ќустендилски Расед. Во северниот дел на депресијата постојат бројни геолошки податоци за нејзиното поместување во правец запад-северозапад. Ова поместување предизвикува латерално смолкнување од лева (западна) насока дoлж Скопско-ќустендилскиот Расед.

Современата неотектонска активност е посебно изразена долж реверзниот Браздински Расед, кој на север, на територијата на Косово (кај Генерал Јанковиќ), претставува современа навлака, каде што неогените седименти се покриени од постарите формации.

Настанувањето на земјотресите од скопското епицентрално подрачје

Целокупноста од сеизмолошките, геодетските и тектонските истражувања околу катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година и другите земјотреси од скопското епицентрално подрачје укажуваат дека овие земјотреси настануваат во услови на меѓусебна тектонска поврзаност на планините Скопска Црна Гора и Водно. Скопска Црна Гора, под дејство на постојаните регионални тектонски сили на напрегања во насока запад-северозапад, сè уште се развива, за разлика од стабилното Водно. Поради ова, на подземниот контакт на овие две планини (над којшто се наоѓа Скопската Котлина и градот Скопје) постојано дејствуваат и се акумулираат тектонски напрегања. Кога силите на овие напрегања ја надвладуваат силата на триење на блоковите на Скопска Црна Гора и Водно, овие блокови претрпуваат нагло релативно придвижување долж нивниот контакт, предизвикувајќи земјотреси.

На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути, градот Скопје и околината го потресе силен земјотрес со магнитуда ML = 6.1 и интензитет од I0 = IX степени според EMS-1998 (Европска макросеизмичка скала). Епицентарот на земјотресот бил во близина на скопското село Бразда со длабочина на хипоцентарот од 15 km (табела 1).

Табела1: Параметри на силниот земјотрес од 26 јули 1963 година

Датум

Време

j(о)

l(о)

h(km)

ML

Io

26.7.1963

5:17:11.7

42.01

21.42

15

6.1

IX

Во текот на истиот ден,  Сеизмолошката опсерваторија во Скопје регистрира уште 122 земјотреса од кои два со епицентрален интензитет од I0=VII EMS-1998 степени, а останатите со епицентрален интензитет од I0=III до VI EMS-1998 степени.

До крајот на 1963 година во скопското епицентрално подрачје биле регистрирани уште 411 земјотреси со епицентрален интензитет од III до VI EMS-1998 степени, а во текот на 1964 година уште 49 земјотреса со EMS-1998 епицентрален интензитет од III до V-VI степени или вкупно 582 дополнителни земјотреси од главниот земјотрес до крајот на 1964 година. Понатаму сеизмичката активност се намалува и скопското епицентрално подрачје преминува во режим на нормална сеизмичка активност. Распределбата на епицентрите во периодот од 1963 година до 1970 година лоцирани во скопското епицентрално подрачје  е прикажана на слика 2.

Земјотресот од 26 јули 1963 година е еден од трите нам досега познати катастрофални земјотреси од скопското епицентрално подрачје (слика 2): првиот е земјотресот од 518 година, кој го зафатил византискиот град Скупи кој се наоѓал во близина на сегашно Скопје и вториот земјотрес од 1555 година за којшто за жал не постои оригинален пишан документ, чијшто предмет би биле токму ефектите од земјотресот, како што е тоа случај со земјотресот од 518 година.

Според досегашните интерпретации и реинтерпретации на описите на овие два историски земјотреси, утврдено е дека и двата се со EMS-1998 епицентрални интензитети од IX степени, врз основа на што се претпоставува дека и нивната магнитуда е околу 6,1 степен според Рихтеровата скала.

Споредувајќи ги локалитетите на најсилните макросеизмички ефекти на земјотресите од 518, 1555 и 1963 година заклучено е дека сите три земјотреса се генерирани долж истиот, скопско-ќустендилски ешалон на раседи.2

Слика 2. Епицентрална карта на историските (518 и 1555 година) и на земјотресите на територијата на скопското епицентрално подрачје случени во периодот 1963 – 1970 година

Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје

Ефекти на земјотресот

Уште правот не бил слегнат, кога започнала процената на сеизмичката стабилност, сигурност и употребливост на објектите за да се проценат итните потреби за згрижување на населението и ревитализација на сите административни и социјални сервиси. Сознанијата биле поразителни – градот бил уништен, и овој факт ги изнуди следните итни мерки и решенија (наведени само најважните):

- Евакуација, во рок од една недела, на приближно 140.000 постари лица, мајки со мали деца и деца (под 15 години). Згрижувањето на населението било обезбедено во одмаралишните капацитети во Републиката, поголемите градови на Македонија и другите Југословенски Републики (слика 3);

- Сместување на населението во неоштетените објекти кај нивните роднини во Скопје или околните градови: Куманово, Тетово, Велес и други;

- Организација на кампови во парковите и другите зелени површини во градот (слика 4) за згрижување на преку 40.000 жители и нивните семејства;

- Организирање на народни кујни за исхрана на населението згрижено во камповите (слика 5);

- Евакуација на медицински центри, болници, центри за снабдување, лесни индустрии (текстилна индустрија), локална, републичка и државна администрација во привремени префабрикувани згради и шатори во градот или соседните градови (слики 6 и 7);

- Изградба на населби (17) од префабрикувани монтажни објекти, за индивидуално домување, со комплетна инфраструктура, за дислокација на 70.000 жители на градот пред започнување на зимата.3

Слика 3. Евакуација на постари лица, мајки со деца и деца (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

3a

Слика 4. Населба со шатори (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

5

Слика 5. Народна кујна за исхрана на населението згрижено во камповите
(фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

9

Слика 6. Населба Карпош (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

7

Слика 7. Прва седница на Градското собрание во летната бавча на ресторанот „Опатија“
(фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

Поголемиот дел од населението, трговијата, индустриските активности, администрацијата итн., биле вратени назад во Скопје после 3 до 6 месеци, во нови префабрикувани населби и зајакнати постојни објекти.

Оштетувањата на фондот на постојните објекти биле огромни. Од вкупната бруто-станбена површина, вклучувајќи ги и индивидуалните станбени објекти (1.630.609 m2), 80,7 % биле уништени или тешко оштетени поради што околу 75,5 % од жителите останале без своите домови. Само 19,7 % од објектите останале неоштетени или лесно оштетени кои според применетата методологијата за процена за штети и употребливост биле класифицирани како употребливи.

Табела 2.         Опис на степенот на оштетување и употребливост на објекти во постземјотресни услови

Неупотребливи, за рушење (една или две црвени линии): тешко оштетени, делумно или целосно срушени објекти.

Привремено неупотребливи, за санација и зајакнување (една до три жолти линии): објекти со значителни конструктивни и големи и масовни оштетувања на неконструктивните елементи.

Употребливи, неоштетен или лесно оштетен конструктивен систем (една до три зелени линии): објекти со незначителни оштетувања на носечкиот конструктивен систем и мали оштетувања на неконструктивните елементи.

8

Слика 8.

Означување на степенот на оштетување (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

 

Веднаш после земјотресот започна и систематска процена на оштетувањата на објектите којашто ја извршија инженерите од Македонската градежна оператива потпомогната од специјализирани тимови составени од стручњаци од Заводот за испитување на материјали (ЗИМ) при Техничкиот факултет во Скопје, Zavod za reziskavo materijala in konstrukcij (ZRMK) од Љубљана, Institut gradjevinarstva Hrvatske (IGH) од Загреб, Завод за испитивање материјала и конструкција (ЗИМК) при Градежниот факултет во Сараево и Институт за испитивање материјала и конструкција (ИИМК) СР Србије, од Белград. Степенот на оштетување и употребливоста на објектите е оценет согласно критериумите прикажани во табела 2 и истите се одбележувани со линии (црти) во три бои: црвена (тешко оштетени или делумно до тотално срушени објекти, објекти за рушење и/или отстранување), жолта (објекти со оштетен конструктивен систем, несигурни за употреба, привремено неупотребливи, за иселување) и зелена (лесно оштетени објекти, употребливи).

Утврдено е дека од вкупно 36.578 станбени единици, повеќе од 67,4 % (75,1 % од станбената површина) биле неупотребливи за наведената функција, од кои 11,3 % (9,2 % од вкупната станбена површина) била целосно или делумно уништена, наметнувајќи итна потреба за згрижување на 65,8 % од жителите на Скопје кои останале без своите домови (слика 9).

13

Слика 9. Населба Карпош I (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

Јавните објекти, училиштата и болниците, претрпеле тешки оштетувања, слични на оние кај станбениот фонд. Основни училишта: 8 целосно (17.298 m2) и 13 тешко оштетени (50.000 m2); средни училишта: 11 целосно уништени (31.110 m2); универзитетски објекти: сите; спортски објекти: сите 32 објекти (9.185 m2) и тешко оштетени 42 единици (155.850 m2); здравствени објекти: 9 поликлиники, 3 објекти за хирургија и фармација како и сите останати објекти; социјална и детска заштита: 12 објекти целосно уништени (6.300 m2) и 37 потешко или полесно оштетени (12.621 m2); јавни и државни објекти: 9 целосно уништени (45.433 m2) и 25 тешко оштетени (42.2015 m2).

Многу значајни, репрезентативни и монументални објекти биле целосно или тешко оштетени. Тука треба да бидат споменат: Народната банка, Македонскиот народен театар, Централниот комитет на македонската Комунистичка партија, Градското собрание, Офицерскиот дом (слика 10), општинската зграда Идадија, Секретаријатот на македонската Влада и други.

Штета претрпеле и културно-историските објекти. Значителен број џамии, минариња и објектот на Куршумли-ан биле целосно уништени. Релативно тешки оштетувања претрпеле Мустафа пашината џамија, Саат кулата и други објекти на културно-историското наследство.

10

Слика 10. Објектот на Офицерскиот дом (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

Штетите во индустријата биле значително помали бидејќи индустриските објекти биле лоцирани во предградието на Скопје, подалеку од епицентралното подрачје, и конструкцијата на индустриските објекти, проектирани за поголеми експлоатациони оптеретувања, подобро ги издржала сеизмичките сили генерирани од земјотресот. Високите армирано-бетонски скелетни објекти, модерните инженерски конструкции (фабрики, млинови, мостови, брани, подземни инсталации, насипи на автопати, железници и други) и сите оние кои кои не беа проектирани да ги издржат земјотресните сили, но проектирани за нормални експлоатациони услови, претрпеа мала штета. Двете бетонски брани во околината на Скопје немаа скоро никаква штета.

Во однос на другите типови на конструктивни системи, објектите со масивни ѕидови од  (масивна ѕидарија) и објектите со мешани системи настрадале најмногу. Дури и старите бондрук систем-објекти далеку подобро го издржале земјотресот во споредба со објектите од масивна ѕидарија. Армирано-бетонските скелетни објекти проектирани според прописите (ПТП-2 и ПТП-3) од 1948 година се покажале исклучиво сигурни. Само два објекта од овој тип биле уништени, од кои едниот е главната хала на Скопскиот саем – комплетно уништена поради колапс на кровната лушпа. Високите скелетни армирано-бетонски објекти добро се покажале поради спецификите на фреквентниот состав на земјотресот, меѓутоа и фактот дека, поради нивната висина, биле проектирани со повеќе грижа, а во некои случаи и со земање предвид на силите од ветар (објектот на Работнички дом, хотелот Гранд (сега Холидеј Ин), кулите во населбата Карпош I). Преднапрегнатите конструкции претрпеле изразито тешки оштетувања поради рушењето на потпорните столбови.

Истражувањата покажале дека локалните почвени услови во Скопје не се примарен фактор за настанатата штета. Проектирањето на тогаш модерните конструкции, со исклучок на објектите од масивна ѕидарија, во основа било адекватно, иако во одреден мал број случаи малку потценето и со несоодветна изведба на определени детали. Исто така е утврдено дека екстремно варијабилниот квалитет на градежните материјали и неадекватните методи на градба на објектите се повеќе „одговорни“ за настанатата штета и предизвиканата смртност отколку непостоењето на асеизмички прописи за проектирање.

При разгледувањето на „Информацијата за првичните резултати од истражувањето за последиците од земјотресот врз градежните објекти во Скопје“, Одборот за комунални работи на Сојузното собрание на СФРЈ заклучува дека „не биле преземени организирани мерки за постигнување повисока безбедност на изградените објекти, иако подрачјето на нашата земја е трусно. Резултатите од истражувањето во Скопје покажуваат дека во изградбата имало субјективни пропусти и недостатоци, особено во однос на недоследното применување на техничките норми и прописи“, фактори кои покрај употребата на многу неквалитетни материјали, неефикасна градежна инспекција, неадекватен стручен надзор при изведувањето на градежните работи и формално-административен  технички прием на објектите, доминантно придонеле последиците од земјотресот – несразмерно големата штета, катастрофалните рушења и предизвиканата смртност – да бидат значително поголеми и потешки, отколку кога постземјотресно воочените слабости би биле навреме отстранувани.

11

Слика 11. Посета на највисоки државни претставници во погоденото Скопје. Претседателот на СФРЈ Тито и Крушчев (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

Обнова и реконструкција

Веднаш после катастрофата, граѓаните заедно со припадниците на Југословенската народна армија, милицијата, како и припадниците на цивилната одбрана, презеле итни мерки за извлекување на населението заробено под урнатините (слика 12). Итно биле организирани и центри за укажување на прва помош (слика 13). Многу брзо стигнала и неопходната помош во храна, шатори, ќебиња, лекови, крв, здравствена нега, тимови за спасување и друго. Како никогоаш дотогаш светската солидарност била покажана на дело. Преку 80 земји, многу граѓани и хуманитарни организации придонеле во намалувањето на последиците од земјотресот. Меѓународната помош, реализирана преку „Фондот за солидарност“ изнесувала 37 милиони тогашни динари во готовина, 121 милион динари во материјална помош и 1.244 непроценливи уметнички предмети. Сè заедно, биле изградени 914 станови, повеќе од 50 училишни објекти (слика 14), болници, амбуланти, дневни центри за детска нега, фабрика за млеко, фабрика за префабрикувани објекти и друго, донирани како дел од меѓународната помош која за период од 10 години стигнала до 539 милиони тогашни динари, односно 69 % од средствата реализирани преку Фондот за солидарност. Преостанатите 31 % се донации од другите федерални единици на СФРЈ (Србија, 32 %; Хрватска, 26,9 %, Б и Х, 13,4 %; Словенија, 9,6 %; Црна Гора, 2,3 %), Македонија (8,4 %) и Сојузното собрание (7,2 %).

Веднаш по итните мерки за спасување и расчистување на урнатините, на 22 ноември 1963 година, Собранието на Град Скопје ја усвоило „Привремената програма за реконструкција на градот“ за реализација на која во периодот 1963-1973 СФРЈ обезбедува 885 милиони американски долари (6.190 милијарди динари) за урбана реконструкција на градот. Паралелно со неа, извршени се обемни истражувања направени во доменот на геологијата, сеизмологијата и урбанистичкото планирање за да се обезбеди правилна и одржлива реконструкција и обнова на градот. Врз основа на препораката на Меѓународниот консултативен одбор на Обединетите нации за обнова и реконструкција на Скопје, како и Одлуките на Владата на Република Македонија и на Градот Скопје, во склоп на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, формиран е  Институт за инженерска сеизмологија, земјотресно инженерство и урбанистичко планирање, односно сегашниот Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, УКИМ-ИЗИИС – прва европска институција од овој вид задолжена за помош и надзор на реконструкцијата на Скопје по земјотресот од 26 јули 1963 година.

12

Слика 12. Извлекување на повредени и затрупани (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

6

Слика 13. Пункт за прва помош (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

14

Слика 14. Монтажно училиште (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

Главни цели на Програмата за реконструкција биле обезбедување на живеалишта за бездомното население и обнова на економијата. Во првите 10 години од земјотресот биле изградени вкупно 35.500 нови станови, 16.000 станови биле санирани (слика 15) и зајакнати и 4.250 изградени нови објекти за индивидуално домување. Во тој период, во кој што Скопје беше „Град без Центар“ (слика 16), била докомплетирана инфраструктурата на 17-те нови станбени населби (слики 17 и 18). Глобалниот раст на економијата бил евидентен. Социјалниот продукт на економијата во првите 10 години пораснал за 713 %, националниот приход пораснал за 677 %, нето-платите пораснале за 827 %, фондовите пораснале за 100 % и економијата пораснала за 153 %.20

Првичните трошоци потребни за реконструкција на градот Скопје се пресметани на 980 милиони односно 1,2 милијарди американски долари (вклучувајќи ги и индиректните трошоци), односно 15 % од вредноста на бруто-националниот доход на СФРЈ за 1962 година. Вкупните реституциони трошоци за реконструција на градот Скопје се пресметани на 2,5 – 3 милијарди американски долари. Благодарејќи на домашните и светски напори (слика 16) и солидарноста, денеска градот Скопје е модерен индустриски, социо-економски и културен центар на Македонија и е град на повеќе од 650.000 жители.

15

Слика 15. Санација и зајакнување на ѕидана станбена зграда (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

17

Слика 16. Префабрикувана населба Драчево (1.965 станови) (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

18

Слика 18. Префабрикувана населба Козле (1.052 станови) (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

19

Слика 19. Јапонскиот архитект Кензо Танге со својот тим за изработка на Генералниот урбанистички план на Скопје (фото-архива на УКИМ-ИЗИИС)

Сеизмичка опасност за поширокиот регион на Скопје

Потесниот регион околу градот Скопје според најновите карти на сеизмичко зонирање (слика 21) припаѓа во зона со изразито висока сеизмичност во Македонија (Z-4). Оттаму, објектите кои ќе се градат во овој регион според европските прописи ќе бараат највисоко ниво на сеизмичка заштита.

21

Слика 21. Карти на сеизмичко зонирање на Македонија за повратен период од 475 година,

изработени според барањата на стандардот МКС EN 1998-1:2012 – Еврокод 8

Извор на податоци: Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, УКИМ-ИЗИИС, Скопје

Автори: З. Милутиновиќ, Р. Шалиќ; Соработници: Н. Думирџанов, В. Чејковска, Л. Пекевски,
Д. Томиќ

Автори: проф. д-р Зоран Милутиновиќ1, д-р Драгана Черних-Анастасовска2, проф. д-р Никола Думурџанов3, доц. д-р Радмила Шалиќ1, м-р Катерина Дрогрешка2, д-р Вера Чејковска2, м-р Јасмина Најдовска2, Даниел Томиќ1, Христина Ристовска1

1 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)

2 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка опсерваторија

3 Рударско-геолошки факултет во Штип

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top