Насловна / Арт и дизајн / Во Виена отворена архитектонска изложба за повоено Скопје

Во Виена отворена архитектонска изложба за повоено Скопје

Министерството за култура на Република Македонија соопшти дека министерот Роберт Алаѓозовски вчеравечер во Виена, Австрија, пред бројна публика ја отворил изложбата „Скопје – Архитектурата во македонски контекст“ на архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски. Овој австриско-македонски проект се реализира на покана од архитектот Адолф Штилер, долгогодишен куратор во престижната виенска галерија Рингтурм, каде што е поставена изложбата.

alagjozovski_izlozba_viena_11_okt_2017

 

Министерот Алаѓозовски на отворањето ѝ посака на виенската публика да ужива во приказната за Скопје. Алаѓозовски рече дека во контекст на Виена, која е синоним за културна порта на Европа, претставувањето на македонската архитектура може да предизвика редица (не само) за нас актуелни дилеми. „Говорам за дилеми од типот: што е’, и која е’ денес архитектурата во Македонски контекст, односно мислам на наши македонски денешни културни дилеми – дали тоа што се случуваше во Скопје и Македонија последниве години воопшто има врска со архитектурата. Иако, во извесна смисла, погледите на некои современи македонски архитекти очигледно биле вперени и во Виена како можен модел за нивните историцистички егзибиции“, истакна Алаѓозовски.

 

alagjozovski_izlozba_viena_11_okt_2017_2

 

Министерот Алаѓозовски се осврна на архитектонското наследство на градот од отоманскиот период кое е сега заштитено културно богатство, како и на трансформациите што Скопје ги доживеа со катастрофалниот земјотрес во 1963 година, но и со т.н Проект „Скопје 2014“.

„Говориме и за втора катастрофа што го зафати Скопје, овој пат не од природни, туку токму од квазиградителски односно квазикултурни причини – контроверзниот ‘проект’- Скопје 2014, кој што значително го измени не само архитектонскиот лик на градот, туку ги вознемири и подели граѓаните, ги смени нивните навики, ја збриша меморијата на градот. Овој контроверзен ‘проект’ на дело докажа колку и архитектурата, кога е во погрешни раце, може да биде убиствена за градот“, оцени Алаѓозовски.

Министерот Алаѓозовски упати покана за возвратна изложба за Виенскиот архитектонски контекст во некој од скопските културни простори.

viena

Поставката има фокус на архитектонско наследство од периодот на Модерната во Скопје, во периодот од 1945 до 1991 година. Авторите велат дека побудениот интерес за модерната архитектура на Скопје доаѓа по периодот кога вниманието на домашната и на светската јавност е насочено  пред се кон контроверзниот проект „Скопје 2014“. Изложбата „Скопје – Архитектурата во Македонски контекст“ е проследена со монографија во која се поместени 37 архитектонски градби избрани по пат на внимателна класификација.

Испрати коментар

Scroll To Top