Насловна / Архитектура / Во пресрет на БИМАС 2016: „Рециклирана архитектура“

Во пресрет на БИМАС 2016: „Рециклирана архитектура“

Во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, од 17 до 31 мај ќе се одржи XVIII биенале на македонската архитектура – БИМАС 2016. Покрај стандардните изложби на селектирани трудови од македонската архитектонска продукција од изминатите две години, која веќе традиционално се поставува во Музејот на Град Скопје, и изложбата на студентите по архитектура БИСТА 2016 која ќе биде поставена во Мала Станица, во рамките на биеналето се предвидени и бројни предавања, изложби и презентации од еминентни домашни и странски архитекти и креативни млади автори, кои ќе се случуваат на разни локации низ градот Скопје.

Сите овие настани ја рефлектираат темата на овогодишното биенале „РЕЦИКЛИРАНА АРХИТЕКТУРА“.naslovna predna

Поимот рециклирање во овој контекст се однесува на потребата да се понудат нови одговори на урбаните елементи и програми кои во денешни услови се надминати и застарени. Времето во кое живееме е време на брзи промени и подразбира висок степен на приспособливост на оние што го живеат кон новопроизлезените состојби. Архитектурата, од друга страна, е бавна и тешко се приспособува на брзите промени во општеството.

Во годините по падот на берлинскиот ѕид како последица на новите геополитички и економски состојби во кои се најдоа државите што транзитираа кон нов систем на општествено уредување, се појавија процесите на денационализација, приватизација, демилитаризација, деиндустријализација, реиндустријализација…

Како последица на овие новопроизлезени процеси, во градското ткиво остануваат заробени бројни архитектонски објекти (индустриски, воени, станбени…) како неми сведоци на некое друго време, планирани за поинакви пазари и капацитети, комплетно деконтекстуализирани и несоодветни за денешните состојби во новата реалност.

Оваа наследена архитектура не е градена стихијно туку плански, и уште повеќе, градена е за да трае. Нејзината позиција во градот подразбирала и соодветна сообраќајна инфраструктура, домување, зеленило, сервиси… Од друга страна, пак, нејзината повторна употреба преку приспособување е стихијна и, во голема мера, повеќе плод на желбите и можностите на инвеститорот (сопственикот) отколку на план и стратегија.Logoa AAM i BIMAS

Денес, старото урбано ткиво или наследство нуди голема количина објекти кои откриваат важни просторни, конструктивни и еколошки состојби на кои треба да се оперира со функционални методи. Операциите на урбано рециклирање, реновирање, адаптација во ваквите градски подрачја имаат за цел да ја спречат растечката продукција на „отпад“ и преку стратешки обмислена акција на реструктурирање и редефинирање (просторно, иконографско, урбано) да се воспостават нови врски помеѓу градбите и нивното променето опкружување. Оваа тема е рефлексија на длабока дебата помеѓу желбата за зачувување и потребата за интервенција и промени во нашето опкружување и следствено на тоа грижата за соодветните методи за дејствување.

Биеналето на македонската архитектура БИМАС 2016 има за цел да ги отвори прашањата за стратегиите за справување со оваа состојба, да ги предочи предизвиците, проблемите и потенцијалите на преобмислувањето и креативната преупотреба на градскиот простор и објектите во градот.

Дали „рециклирањето“ на оваа архитектура преку нејзина креативна пренамена и приспособување е соодветен одговор на поставените прашања? Дали за старите анахрони комплекси треба да се понудат сценарија преку кои може да им се помогне да бидат реактивирани и реинтегрирани во градското ткиво, а со тоа да го регенерираат или, можеби, рушењето и почнувањето одново е поисплатливо и помалку обврзувачко?

Пишува: д-р Бојан Каранаков, архитект

(Авторот е претседател на ОО на БИМАС 2016)

Испрати коментар

Scroll To Top