Насловна / Вести / Урбанизам: Да му го вратиме достоинството на секој жител во градот!

Урбанизам: Да му го вратиме достоинството на секој жител во градот!

„Градови за луѓе“ е насловот на книгата од данскиот архитект и урбанист Јан Гел, која задолжително секој што живее во град мора да ја прочита. Таа денес претставува вредно четиво за освестување на сите вклучени во активностите врзани со градот. Треба да ја прочита секој градски или општински татко (градоначалник), секој советник во локалната власт, секој службеник во локална самоуправа, секој архитект-планер, секој архитект, секој инженер, социолог, економист, но пред сè, секој граѓанин.1

Имено, Јан Гел, осврнувајќи се на својата педесетгодишна работа како професор, но работејќи и во пракса како архитект и урбанист, ги коментира промените што настанале во градот и во планирањето на развојот на градот. Тој забележува дека за педесетина години се настанати драматични промени и дека целото урбанистичко планирање е проблематично. Смета дека до 60-тите години од минатиот век, урбанистичкото планирањето и развојот на градовите сè уште се базира на вековно искуство. Животот во градскиот простор бил витален дел од тоа богато искуство и било нормално градовите да се градат за луѓе.

Но, развојот на градовите сè повеќе се препушта на професионалните планери, а теориите и идеологиите почнуваат да ја заменуваат традицијата како основа за развој. Клучна улога игра модернизмот и неговата визија за градот како машина, со делови одделени по функција, која станува мошне влијателна. Постепено се појавува и нова група сообраќајни инженери со нивните идеи и теории како да се обезбедат најдобри услови за колскиот сообраќај, при што се губи човекомерноста.

Според Гел, ниту урбанистите, ниту сообраќајните инженери, не го третираат градскиот простор, а со години не постои сознание како физичките структури влијаат врз човековото однесување.

2tokio

Улиците во Токио за автомобили

3tokio

Улиците во Токио за луѓе

Но, од неодамна сè повеќе се осознава врската помеѓу физичката форма на градот и човековото однесување. Се осознава како одредени градски состојби и појави влијаат врз здравјето на луѓето, врз нивната социјабилност, врз навиките и животниот циклус. Сè повеќе се активираат градските жители и сè погласно бараат урбанистичко планирање насочено кон луѓето.

Во многу краеви од светот се вложува сериозен напор да се реализира сонот за подобри градови за луѓе. Се преземаат многу акции, се протестира, се дејствува. Граѓаните се здружуваат по разни поводи, кога е загрозено нивното здравје, нивниот животен простор, нивните права и сл. Така на светско ниво се познати движењата „Право на град“, „Велосипедски активизам“, „Активизам на јавниот простор“ и сл. Многу луѓе стануваат свесни за проблемите во градовите, а уште посвесни за своите права за квалитетен градски простор и живот.

Градскиот активизам дури и станува основна активност на граѓаните, гледајќи дека институционално не можат да ги остварат своите права, потреби и барања. Градскиот активизам станува и главна тема на теоретичарите и научната заедница, па се истражуваат, проучуваат и коментираат како современа појава.

Каде Јан Гел го гледа излезот? Во обезбедување квалитетни јавни простори! Смета дека тие се вистинското место за градско живеење, а не изградените објекти и нивните внатрешни простори. Што треба да се преземе? Тој предлага пет основни позиции:

  1. Одржливо користење на јавните простори;
  2. Луѓето да се направат видливи во урбанистичкото планирање;
  3. Да се гласа со сопствените стопала;
  4. Воспоставување на партиципаторен процес;
  5. Луѓето на прво место – промена на планерскиот модел.4

Пристапот во урбанистичкото планирање на Јан Гел (Извор: http://gehlarchitects.com/)

Одржливо користење на јавните простори, подразбира намалување на значењето на автомобилскиот сообраќај и давање предност на традиционлните начини на движење низ градот – пешачењето, користењето велосипед и јавен траспорт. Со ова можеби ќе се намали брзината на движење, но просторот ќе биде попријатен, луѓето ќе се гледаат в лице, ќе се препознаваат, запознаваат, ќе комуницираат. Градскиот простор ќе се доживува секојдневно, ќе се распознаваат годишните времиња, ќе стане дел од секојдневниот живот. Сите старосни, социјални, економски групи, ќе имаат ист пристап во секој градски простор.

Во досегашното урбанистичко планирање луѓето се невидливи, нема ниту една анализа или статистички податок за тоа колку луѓе користат еден простор, кои простори ги преферираат, кои им се потребите. Не е јасно за кого и што се планира. Податоци најмногу се наоѓаат за бројот на возила и нивниот проток, постоечки или планиран. Има податоци колку е изградено и колку се планира да се изгради. Но, неопходни се податоци за јавниот простор: колку го има, каде, за што се користи, кој го користи, колку е пријатен за користење, во каква состојба е. Во планираната состојба треба јасно да се дефинираат сите очекувања и уште и како, колку и кој треба да го обезбеди и одржува јавниот простор.crop

„Тајмс Сквер“, Њујорк, пред и после

64cb33c81aaf9e5.79945785

„Тајм Сквер“, Њујорк

Да се гласа со сопствените стопала! Многу е важно граѓаните сами да се дел од случувањата во градот и да преземаат и учествуваат во различни активности организирани во градот. Инспиративни се случувањата како: „ден без автомобили“, „од кафе за одење – кафе за седење“, „наместо паркинг – парк“, „од празна парцела до локална градина“ и сл. Многу е битно да се покажат алтернативите на користење и употреба на градскиот простор. Важно е граѓаните да станат свесни дека можат без сообраќајници, дека можат за друго да ги искористат тие простори, дека може да се сади зеленчук наместо паркинзи, да се реупотребат неквалитетни објекти, пристапи и сл. Важно е да се создаваат поинакви навики на користење на градскиот простор и да се живее вистински и квалитетно градскиот простор.

Воспоставувањето на партиципаторен процес е клучно во остварување на правото граѓаните да бидат вклучени во сите фази на: креирање политики, донесување одлуки, планирање, усвојување, реализирање и менаџирање на развојот на градовите. Граѓаните се тие што треба да се главниот субјект во целиот процес и први да одговараат на прашањето „Каков вид на град сакате да добиете“? За ова се потребни многу јавни средби, состаноци, работилници и интерактивни медиуми. Потребно е изградено информирање и лесно достапно и видливо. Побарува посебен капацитет на локалната самоуправа и голема активност за организирање, следење, спремање на извештаи и информирање.

При планирањето, луѓето треба да се на прво место, а тоа значи промена на планерскиот модел и досегашната практика. Досега е важно да се планира изградба на објекти и улици, а животот не е дел од планирањето. Отсега треба прво да се планира животот во градот, а за него треба да се обликуваат јавни простори во кои ќе се одвива и објекти – сценографија, кој го оформува.

 

 

7 8

Како да се планира градот според Јан Гел (Извор: http://gehlarchitects.com/)

А што се случува кај нас?! Скоро идентично како во другите градови во светот пред најмалку 50-100 години! Толку многу нашите градови личат на загушените, валкани, загадени, заглавени, непријатни градови во Европа и светот, особено во 60-тите години од минатиот век!

Кај нас човекот го нема, тој се идентификува со автомобилот, со инвеститорот, со сопственикот, со сè друго освен со себе – човеково суштество! Кај нас и планерот е возач, инвеститор, сопственик, не е човек! Кај нас и политичарот е возач, инвеститор, сопственик, не е човек! Никој што е вклучен во креирањето политики, донесувањето одлуки, планирањето на развојот на градот и неговото обликување, не појдува од позиција на човекот како основна мерка, како некој што живее во градот, за некој за кој постои градот, некој што го создава градот! Сите се идентификуваат со потребите што ги имаат како возачи или корисници на автомобили, па своите напори ги насочуваат кон креирање пошироки и побрзи улици. Сите се идентификуваат со инвеститорите, па создаваат најповолни услови за градење, повеќе и поголемо. Сите се идентификуваат со сопствениците на парцели, па сè прават максимално да се искористи сопственичкото право.климент охридски

Булевар „Климент Охридски“ во Скопје, порано

kliment

Булевар „Климент Охридски“ во Скопје, денес

Но, сите забораваат дека и тие се, пред сè, луѓе и корисници на просторот пред сè како луѓе. Еднаш мораат да излезат од своите автомобили, еднаш мораат да го користат градскиот простор како граѓани, еднаш ќе бидат загрозени од другите соседи што се сопственици на други парцели. А тогаш?! А тогаш се соочуваат со она што го предизвикале и сè им се враќа. И на сите ни се враќа! Не можеме да излеземе од дома од блокирани приоди, не можеме да одиме по улици од паркирани возила и несоодветно обликувани пешачки тротоари, не можеме да пристапиме до градинките, училиштата, до работа. Паркови и игралишта за деца се нешто што ретко гледаме или и да ги има, тешко пристапуваме до нив или се несоодветно обликувани. Градовите одамна не ги користиме како луѓе, животот во градот е мачен, непријатен, недостоинствен.

Што треба да направиме? Да му го вратиме достоинството на секој жител во градот! Да го планираме и обликуваме градот за секој жител, различен по возраст, по способност, по потреби, по желби! А за тоа ни треба секој граѓанин да се вклучи, да се активира! Треба секој што учествува во раководење, креирање политики, одлучување, планирање, обликување и одржување, пред сè да се доживее себеси како човек и да е отворен за потребите на другите сограѓани.

Пишува: доц. д-р Дивна Пенчиќ, дипл.инж.арх.

 

Еден коментар

  1. Ненад Тониќ

    Овој апел-текст покривно ја апострофира болната репресалија која, во овој град, се уште се наоѓа „во изградба“: Скопје неповратно губи драгоцени години за избор и делување во правец на вистинските, веќе постоечки, веќе проверени, сервирани решенија, мазохистички поминувајќи го патот кој, објективно, може да го отскока „на прсти“! Па така скопското заостанување, наместо да се претвори во предност, се консумира со „полни гради“. Но, таквиот пресврт бара и носи соочување со лошата елитистичка намера и струковната немоќ и конформизам. И со сознанието дека за овој град нова одржлива визија не е поставена и не постои што го чини и ќе го прави непријателски настроен спрема сопствената антропологија …

Испрати коментар

Scroll To Top