Насловна / Вести / УНЕСКО препорачува да се запре со спорните инфраструктурни проекти

УНЕСКО препорачува да се запре со спорните инфраструктурни проекти

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, заедно со Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во средата вечер одржаа состанок со реактивната мисија на УНЕСКО, информира Макфакс.

На состанокот била констатирана одлуката на УНЕСКО од четириесеттата седница во Истанбул – ако надлежните продолжат со спроведување на спорните проекти, регионот е во опасност да го изгуби статусот, односно е во опасност да биде префрлен на Листата на загрозено наследство, што претставува еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО.ohrid

УНЕСКО препорачува да се запре со спорните инфраструктурни проекти додека не се утврди конкретно нивниот кумулативен ефект врз животната средина.

„Реактивната мисија на УНЕСКО е најригорозниот инструмент кој постои во рамки на институцијата. Наспроти наративот што го презентираат македонските институции, мисијата не е овде за да дава забелешки, туку за да собира информации. Извештајот во кој тие ќе ги вклучат своите забелешки ќе биде готов за осум недели од сега. Врз основа на тој извештај ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на Листата на загрозено наследство или не, на 41. седница на УНЕСКО во јули 2017 г. во Краков, Полска“, наведе Драгана Велковска од Е.Д.Е.Н. по состанокот со УНЕСКО.

Денес Охрид ЅОЅ испрати официјално барање до Националната канцеларија на УНЕСКО за увид во извештајот што државата го доставила бидејќи се работи за документ кој е информација од јавен карактер.

На самиот состанок на мисијата ѝ беше објективно образложена актуелната ситуација и им беше претставено истражување на Здружението Е.Д.Е.Н., според кое речиси сите опфатени институции, граѓани и граѓански организации се против уништување на природните вредности на регионот, во име на краткотрајна или еднократна финансиска добивка.

„Урбанизацијата на Студенчишко Блато ќе предизвика уништување на последниот блатен екосистем на Охридското Езеро карактеристичен со својата флора и фауна, додека, пак, изградбата на марина и пешачките патеки во Езерото од каналот Студенчишта до реката Грашница трајно ќе одземе и уништи неколку хектари од литоралниот регион во овој дел од Езерото со што ќе се уништат ендемски видови“, рече Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ.

„Искуството со другите проекти за изградба на патишта во Македонија, зборува за низа прекршувања на еколошките стандарди и штети врз живеалиштата и заштитените видови. Планираниот експресен пат Охрид-Пештани ќе направи огромни измени на пејзажот и загуба на ендемични шуми. Наспроти ваквите планови, ние предлагаме одржливо решение наречено Смарт Охрид, кое ќе биде еколошки прифатливо и одржливо, а воедно ќе донесе економски придобивки за локалното население од општината“, децидна беше Ана Чоловиќ-Лешоска од Еко-свест.

Испрати коментар

Scroll To Top