Насловна / Ентериери / Типологија на канцеларии – нетипични работни простори

Типологија на канцеларии – нетипични работни простори

Околу новите работни технологии, организациски однесувања  и потребните ентериерни простори, во американската компанија за дизајн на мебел и системи од мебел „Херман Милер“, ги посматрале своите вработени и извеле одредени заклучоци во однос на стилот на работење на вработените. Тие издиференцирале три главни стилови на работа. Секој од нив поседува своја карактеристика која во голема мера влијае врз дизајнот на работниот простор и, секако, потребните ресурси и алатки.kancelarii_1

-           Резидентен стил – вработените од овој стил работат на своите работни места повеќе од шест часа дневно, четири до пет денови во неделата.

-           Мобилен стил – мобилните вработени се секогаш на заминување. Тие работат на една локација (не е тоа конкретно работно место, недоделено) од еден до три дена во неделата, и тоа само по неколку часови во денот.

-           Флексибилен стил – хибриден стил  кој е нешто помеѓу резидентниот и мобилниот. Вработените што му припаѓаат на овој стил работат на доделени работни места четири до пет дена во неделата, но само три до максимум пет часа во денот.

Ваквото истражување, кое го спровеле менаџерите и дизајнерите на компанијата од САД, дава и конкретни информации за времето на користење на секоја просторија поединечно, со што се овозможува рационализација на работните места. Се разбира дека е нелогично да се плаќаат големи суми за изнајмување на канцелариски простори ако тие не се користат адекватно. Така што во современата организација на работењето доаѓа до преклопување на просторите окупирани од повеќе вработени, но во различни временски термини.kancelarii_4

Хот дескинг (hot desking)

Заради сето ова погоре споменато, денес во современиот дизајн на ентериери, поттикнато од организацискиот менаџмент, се појавува нов тип на канцелариски простор, или поточно нов начин на користење на канцеларијата – хот дескинг. Изразот го земаме во оригиналната транскрипција зашто сепак не би можеле да го преведеме со „жешко биро“, иако и ова значење е вистинско. Но, тоа е едно од објаснувањата кое вели дека едно исто работно место може да се користи од неколку вработени, но кои имаат различно работно време. Британскиот автор Лејк смета дека изразот „жешко“, најверојатно, произлегува од морнарската пракса на „жешко легло“. Кога морнарот се враќал од задача, тој како да колабирал во „жешкото легло“ кое е ослободено од друг морнар кој го заменувал првиот на должност. Иако проблематичен од аспект на хигиена, ова е исклучително рационално решение, при што се штеди на простор.

За време на осумдесеттите и деведесеттите години на дваесеттиот век, „жешкото биро“ се појавува во бројни облици во САД и во Европа, исто така наречени „хотелирање“ (hotelling), или „слободно обраќање“. Тоа е вториот поим со кој се објаснува овој нов тип на канцеларија. Имено, изразот „хотелирање“ означува метод по кој се резервира и користи работно биро (место) по принцип на хотелско сместување преку хотелска резервација.

Статистиката вели дека во традиционалните канцеларии со доделени лични бироа, просечното време на нивно користење не преоѓа 50% од вкупното работно време на организацијата. Со тоа работодавачите врзуваат голема количина на пари за вишокот на простор.kancelarii_2

Истото се случува со  комплетно опремен персонал (вработени) кој е конектиран со работата од дома или во движење, а нема потреба од фиксирано канцелариско место. Со тоа се создаваат можности  за ефикасност и заштеда. Редукцијата на канцеларискиот простор и претставувањето на споделувањето на бирото е есенцијално за да се потврди инвестирањето во мобилна работа и работење дома. Секако дека споделувањето на работниот простор и самото работно место не се одвиваат без проблеми. Овој концепт, колку и да претставува пресвртница во дизајнот и организациската култура, сепак одредени психолошки состојби не може да ги смени „преку ноќ“, а тоа се вродените чувства кај човекот за територијалност и персонализација на севкупниот егзистенцијален простор. Но, сепак, работење во современа канцеларија не се однесува на имање на одредено биро, туку тоа значи имање гарантиран пристап до вистинскиот вид на содржина за да ја извршите работата. Тоа може да е биро, или само тивок дел на канцеларијата, некаде во просторот за ресурси, или простор за одмор.

За да може да се воспостави делењето на просторот, треба да се почитуваат неколку принципи, и тоа:

-        Политика на чисто биро – да се востанови дека ако некој е отсутен од канцеларијата повеќе од еден час, тогаш тој/таа треба да исчисти сè од масата. Предметите да се стават во својата касета, наменета исклучиво за него/неа.

-        Добро организирана тимска помошна просторијакупови документи не можат да бидат оставени на бирото, но не можат да бидат оставени ниту во касета. Потребно е складирање на  документите во тимската помошна просторија за да бидат достапни за сите. Заедничките библиотеки на референтни материјали треба да ги намалат количествата на личните силоси на информации.

-        Ергономски работни позициида се биде во најдобриот ергономски работен простор ќе им помогне на луѓето да прифатат да работат во различни позиции. Столиците мора да бидат приспособливи за да можат да одговорат на потребите на различните вработени.

-        „Лаптоп“ компјутерите се во предност пред „десктоп“ персоналните сметачи. Тоа е така зашто вработените можат да се движат насекаде со лесно преносливите компјутери. Ова ќе превенира луѓето да не зафаќаат секогаш одредено место заради компјутерски потреби и овозможува ефикасна флексибилност.

-        Работење во не-ексклузивни тимски простори со нејасни граници да се одржи тимската поврзаност и да се работи со секого за да се дели просторот ефективно. Меѓутоа, делењето на просторот нема да постигне максимален бенефит ако тимовите станат ексклузивни. Целта треба да биде уривање на препреките и охрабрување на работата во различни тимови. „Кваликфикуван флексибилен тимски простор“, така можеме да го наречеме!

-        Да се охрабри флексибилната работа во практикалуѓето што работат дома или на друго место, ќе ја намалат дневната потреба за простор.kancelarii_51

Соработка

Она што денес сигурно зема замав, е новиот стил на работа а тоа е „соработката“ (co-working). Тоа е простор или зграда која почетници, „луѓе-фирми“, можат да ја изнајмат на одреден временски рок, канцеларија или канцелариски простор, за да не би работеле дома, а за возврат ги имаат сите погодности кои ги нудат регуларните канцелариски згради. Освен работните места, овие простори се опремени и со социјални и потребни простори, како гардероби, килери, кујни, но и салони и сали за состаноци. Ваквите флексибилни простори обезбедуваат можности за луѓето на кои им е потребна канцеларија или биро за извршување на работни задачи, или, едноставно, да се одржи состанок со колеги или клиенти, без обврска да се изнајми просторот на долг рок.

Иако се смета дека ко-работењето е денешен тренд и изум, концептот сепак е присутен веќе неколку години. Почетокот е во Сан Франциско, каде што компјутерскиот програмер Брад Њуберг (Brad Neuberg) создал простор кој го споделил со своите други двајца колеги, но кои оставиле простор да им се приклучат и други. За користење на просторот, тој наплаќал симболична сума како би ги покрил трошоците. Но, веќе во 2006 год. тој го основал „Ситизен Спејс“ (Citizen Space), првиот официјален соработнички простор. Кон ова можеме да додадеме дека и кај нас, во средината на деведесеттите години на дваесетти век, имаше обиди да се основа ваква компанија. Имено, десет години пред Сан Франциско, архитектонското биро „Ајвар“ од Скопје отвори простор за „соработка“ на ул. Максим Горки во Скопје. Просторот се наоѓаше во сутерен и се состоеше од три канцеларии, една просторија за состаноци и две простории за опуштени средби, рецепција, чајна кујна и санитарии. Просториите можеа да се изнајмат за работа или за состаноци. Овој ко-простор на „Ајвар“ беше отворен во 1996 год., десет години пред оној во Сан Франциско. Но, за жал, тој не доживеа успех, можеби и поради предвременото појавување.

проф. д-р Мишко Ралев, Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top