Насловна / Вести / Сертификација во подрачјето на градежните производи

Сертификација во подрачјето на градежните производи

Подрачјето на градежните производи во Европската Унија е дефинирано со Регулатива (ЕУ) бр.305/2011 на Европскиот парламент и на Советот од 09 март, 2011 год., која пропишува хармонизирани критериуми за пуштање на пазар на градежните производи, a во Република Македонија е дефинирано со Законот за градежните производи од 24 јуни, 2015 год. (Сл.весник на РМ бр.104/2015, бр.192/2016 и бр.53/2016).

Со Законот за градежните производи од 24 јуни, 2015 год. (Сл.весник на РМ бр.104/2015, бр.192/2016 и бр.53/2016) се уредуваат:

Условите и начинот на пуштање на градежени производи на пазар;

Постапките за оцена и потврда на постојаност на својствата и сертифицирање на градежните производи;

Обврските на производителите на градежните производи и обврските на телата за сертификација, како и

Формирање на именувани тела за сертификација, кои се вклучени во оцената и потврда на постојаноста на својствата, сертифицирање на сообразноста на фабричката контрола на производството и надзор на фабричкото производство.

Сертификацијата на производот е двофазна постапка, која бара спроведување на испитување на производ од страна на производител (акредитирана лабораторија за испитување доколку испитувањето го врши трета страна), а потоа постапка на оценување и потврда на постојаност на својства од страна на именувано тело за сертификација.

Именувано тело е овластено тело од страна на Министерство за економија на РМ за оценување на сообразност (оцена и потврда на постојаност на својствата), кое како меродавно тело претставува независна трета страна за оцената на сообразност за одредено подрачје на градежниот производ.

Во зависност од намената на градежниот производ и неговите суштински (есенцијални) карарактеристики во Регулатива (ЕУ) бр.305/2011, Annex V, дефинирани се 5 (пет) различни системи за оцена и постојаност на својствата на градежниот производ, кои се означуваат со: 1+; 1; 2+; 3 и 4.

Untitled-2

Табела 1. Пример на градежни производи во оцена на сообразност

Во зависност од тоа кој е системот на оценување и проверката на постојаност на својствата за поединечен градежен производ, се спроведуваат различни активности: сертификација на градежните производи, сертификација на фабричката контрола на производство или испитување на градежните производи.

Системите на оцена и потврда на постојаност на својствата, го дефинираат степенот на вклученост на трета страна (Tело за сертификација) во оценување на својствата на производите во согласност со технички спецификации.

Untitled-1 Табела 2. Преглед на задачи на производител и именувано тело за сертификација во зависност од системот на оцена

ШТО ТРЕБА ДА СТОРАТ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ГРАДЕЖНИТЕ ПРОИЗВОДИ

Производителите ги очекува напорна работа во воспоставувањето на комплетна инфраструктура на квалитетот. Контролата на квалитет во производствените погони е стручна и сеопфатна работа, која претставува основна обврска на производителот.

Со „новиот“ Закон за градежни производи од 24 јуни 2015 год., главен акцент е ставен на контрола на производството, со што иницијално, на најдобар начин, би се елиминирале можните недоследности во поглед на проектираните карактеристики на градежниот производ. Тоа значи дека производителот на градежен производ има обврска во поглед на контрола на квалитетот и одржување на постојаност на својствата на градежниот производ.

За системи на оцена 1; 1+ и 2+ основна обврска на секој производител претставува испитување на градежниот производ, врз основа на програма за контролни испитувања (план за контрола на фабричко производство), како и постојана фабричка контрола на производството (ФКП).

Секој производител треба да има програма – план за контрола на фабричко производство со специфицирани видови на испитувања, кои мора да ги спроведува во обем и фреквенција дефинирани со техничките спецификации за конкретниот градежен производ.

Ваквата контрола може да ја воспостави самиот производител, според планот за ФКП, лабораториските испитувања и анализа на истите, да ги врши во своја лабораторија (ако ја има, т.е. со стручен кадар и соодветна опрема во согласност со EN стандардите). Како втора варијанта, производителот може целосно да ја препушти работата на надворешна (акредитирана) лабораторија, да склучи договор со надворешна лабораторија (акредитирана) или трета варијанта комбинирано, дел од испитувањата во своја лабараторија, а дел во надворешна (акредитирана) лабораторија.

Уште една битна работа по која градежните производи се разликуваат од останатите производи, е дека по добивањето сообразност на производот од страна на Тело за сертификација, производителот или неговиот правен застапник мора да изготви Изјава за својства (Declaration of performance), која дава за право производителот да го пушти својот производ на пазарот. Со изготвување на Изјавата за својства, производителот презема одговорност за сообразноста на производот.

Сепак, крајната цел на сертификацијата е сообразност на производот со потребните стандарди, како и обврската сите производители на градежни производи да работат според пропишаните стандарди, при што од различни производители ќе добиеме градежни производи со исто ниво на квалитет.

Составил:

Марјана Топаловска Анѓелевска, дипл.град.инж.

раководител на сертификационен одбор на ТС ГЕИНГ КуК

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top