Насловна / Градежништво / Самовградлив бетон

Самовградлив бетон

Често во градежната практика се појавуваат барања за бетонирање на поединечни конструктивни елементи во кои, од одредени причини, не може да се вгради бетон со вообичаените својства, односно вообичаената постапка на вградување. Некогаш се работи за конструктивни елементи кои по својата геометрија, обликот и положбата во конструкцијата, количината на арматура и отежнатите услови на вградување, наметнуваат потреба од извршување на неконвенционален начин на бетонирање.

Потребните особини на свежиот бетон за успешно бетонирање би биле: самовградливост без потреба за вибрирање, вградување без сегрегација и остварување на проектираните својства на цврстиот бетон.

Како прав одговор на поставените барања се појавува самовградливиот бетон (SCC). Toj е развиен во 80-тите години од XX век во Јапонија, после согледувањето на проблемот за загрозувањето на трајноста на бетонот поради корозија на арматурата предизвикана од некохерентност на масата, односно заштитниот слој. Овој бетон е базиран на стандардниот бетон со додaтоци кои ја намалуваат потребната количина на вода, а ја зголемуваат флуидноста на бетонот, со што се создава бетон со висока јакост и трајност.

Веќе подолг период, примената на SCC бетонот во пракса дава добри резултати од повеќе аспекти: брзина на вградување, намалување на бројот на работници при вградување, трајност и зголемување на општиот квалитет на изведените работи. Овој бетон има течна конзистенција при која не смее да дојде до сегрегација. Постоењето на густо армирани чворови во арматурата, непристапните места во оплатата и зголемените димензии на елементите, наметнале барање за флуидност на бетон кој не смее да има сегрегација во кој било облик.

Технолошкиот развој на полето на хемиската индустрија, кој довел до појава на адитиви за бетон со нови хемиски основи, овозможил со употреба на суперпластификатори и модификатори на вискозитетот, како и со употреба на минерални додатоци со висока финост на мелење, да се овозможат вакви својства на бетонот.

За да добиеме информација за постигнатиот квалитет на бетонот, испитувањата во лабораторија се од пресудно значење за успехот во производството, транспортот, вградувањето, квалитетот на стврднатиот бетон, како и конструкцијата во целина.

Основни лабораториски испитувања на SCC

За испитувaње на реолошките својства на SCC, најчесто се користат следниве методи:

– Течење со метод на слегнување со распростирање (slump-flow test);

1 2

slump-flow test

 – Вискозност со метод на V-инка (V-funnel test);3

V-funnel test

– Способност за заобиколување на препреки со метод L-кутија (L-shaped box test) или метод на U-кутија (U-shaped box test);

5a

      а) U-shaped box test,

5

б) L-shaped box test

 Сите овие испитувања се извршуваат во Лабораторијата за испитувања на геомеханика, градежни материјали и животна средина „ГЕИНГ КуК“ од Скопје, за кои е во тек подготовка за акредитација оваа година.     

Употребата на самовградливиот бетон во однос на конвенционалниот бетон има голем број предности, како:

  • Докажан квалитет на бетонот и намалување на поправките на градилиште;
  • Побрзо време на изградба;
  • Вкупно поевтина градба;
  • Олеснат вовед на автоматизација кај бетонските конструкции;
  • Подобрување на здравјето и безбедноста што е добиена со елиминација на рачните вибратори;
  • Значително намалување на бучавата како во градилиштето, така и во околината;
  • Подобра завршна површина;
  • Полесно вградување;
  • Потенки облици на бетон;
  • Голема слобода во проектирањето;
  • Подобрена трајност и сигурност на бетонските конструкции;
  • Полесно вградување кое резултира во заштеда на опрема и работна сила;
  • Самовградливиот бетон го прави степенот на трајност и сигурност на конструкциите да биде независен од постоечките услови на градилиштето како што е работната сила, вградувањето и постоечките системи на збивање;
  • Високата отпорност на надворешна сегрегација и самовградувачката способност овозможуват елиминација на макро-дефекти, воздушни меури и саќе одговорни за губење на механичките својства и трајноста на конструкцијата.

Меѓутоа, и покрај многуте предности на самовградливиот бетон, тој сè уште ја нема доживеано експанзијата на градилиштата ширум светот.

Подготви: Менка Ристовска, дипл.град.инж.,

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top