Насловна / Архитектура / Руска православна црква во Париз: Бајка поставена на исклучителна локација

Руска православна црква во Париз: Бајка поставена на исклучителна локација

На само неколку чекори од Ајфеловата кула, новата православна црква „Света Троица“ ќе биде отворена задутре, односно на 19 октомври. Нејзиното отворање е кулминација на проектот што започна во 2007 година, при посетата на патријархот на Руската православна црква Алексиј II (починат во декември 2008 година) на Франција. Тоа беше прва посета на поглавар на Руска црква, од расколот во 1054 година. Француската и руската држава дадоа поддршка. Тогаш новоизбраниот француски претседател Никола Саркози, безусловно го поддржа проектот. А Кремљ, заинтересиран за негова реализација, презема силен политички ангажман за надминување на сите пречки и обезбеди материјални средства (170 милиони € за изградба на 8.400 м²).1

Споменик на француско-руското пријателство

Како да се објасни желбата на Русите за изградба на овој храм? Во моментот во Париз има две руски православни цркви. Тоа се малиот храм „Св. Три Светители“ сместен во простор на бивша гаража, во 15-ти арондисман во Париз, за кој плаќаат кирија, и катедралата „Св. Александар Невски“ на улица „Дарју“ 12, која денес е под јуриздикција на Вселенската патријаршија. Русија во минатото ја финансирала изградбата на оваа катедралата (изградена 1861). Лично рускиот цар Александар II, поклонил 150 илјади златни франци за оваа цел. Но поради руската револуција и црковните настани во 20-тите години на XX век, катедралата преминала кон Константинополската патријаршија. 3

Денес Московската патријаршија нема полноценен храм во Париз, во кој би можеле да се одвиваат значајни настани. Тие сакаат православните христијани во Париз да имаат сопствен духовно-културен центар, кој ќе го претставува православието пред Французите и посетителите на градот. Изградбата на руската православна црква е прашање на престиж. Овој објект, со неговиот културен простор, ќе биде еден од најголемите православни објекти надвор од Русија. Тој треба да биде симбол на блиските историски, културни и духовни врски помеѓу двата народи. Споменик на цементирањето на француско–руското пријателство.6

Исклучителна локација

Во 2010 година француската држава ѝ продаде на Руската федерација локација со површина од 4.790 м² на кеј Бранли, за 70 милиони евра. Локацијата е во еден од најубавите делови на Париз (седмиот арондисман), на која порано се наоѓаа административни објекти на француската национална метеоролошка служба МЕТЕО ФРАНС, главно изградени во 1948 година. Во непосредна близина на многу посетуваните париски туристички објекти на брегот на реката Сена. Во близина на Ајфеловата кула, палатата Алма, музејот на Кеј Бранли, плоштадот на Инвалидите, Гранд Пале и Музејот на современа уметност. Подрачје заведено во списокот на УНЕСКО како светско наследство, заштитено со правилата на архитектурата и на културното наследството. Бизнис релациите помеѓу Франција и Русија и посебно силната поддршка на Елисејската палата, беа од суштинско значење, Руската православна црква да ја добие оваа локација, една од најатрактивните во Париз, за која исто така беа силно заинтересирани Саудиска Арабија и Канада.Pose du dome sur CCOR.Bouygues Bat.  Paris 75007. 18 mars 2016

Меѓународен архитектонски конкурс – учество на 444 архитекти од целиот свет

Три години подоцна, или шест месеци по купувањето на парцелата, Русија објави меѓународен архитектонски конкурс за православна катедрала и културен центар, што ќе одговара на „руската цивилизација“. На конкурсот се пријавија 444 архитекти од целиот свет. Избрани беа десет. На 17 март 2011 година, за победник беше прогласен проектот на шпанскиот архитект со руско потекло Мануел Нунез Јановски (Manuel  Nunez Yanowsky, 1942). Архитектонскиот проект беше со монументален изглед, со пет златни традиционални руски куполи. Целиот објект требеше да биде покриен со брановидна стаклена покривка, која се трансформира во фотоволтаична фасада и која според архитектот го претставува „велот на Пресвета Богородица“. Но велот нема да го види денот.image

Проектот предизвика критики. Тогашниот социјалистички градоначалник на Париз, Бертран Делано (Bertrand Delanoë), беше со „спротивен став“. Со мислење дека „неговата архитектура е неспоива со локацијата“. Почна офанзива. Едновремено пристигнаа други две компетентни неповолни мислења (од Архитектот за градење на Франција и од Регионалната дирекција за култура). Руската страна, вознемирена од настаните, на 26 март 2013 година го раскина договорот за проектот. Русите направија компромис. Се обратија директно до познатиот француски архитект Жан-Мишел Вилмот (Jean-Michel Wilmotte, 1948), кој на конкурсот од 2011 година го освои второто место. Тој е добро познат во Русија и во Кремљ. Последните години учествуваше во проектот на Големата Москва. Руската страна како и француската, го поздрави „мудрото решение кое ги задоволува сите“.4

Жан-Мишел Вилмот – Архитектура во димензија на човек

Жан-Мишел Вилмот е француски архитект кој работи низ целиот свет, од Париз и Москва до Дакар. Архитект кој создава архитектура во човечка димензија. Точност на линиите, баланс на волумените, суптилно осветлување, соодветност на формите … Перфекционист. Лидер на Wilmotte & Associés, биро со повеќе од 220 вработени во пет канцеларии низ светот, Париз, Ница, Лондон, Венеција и Сеул. Во Париз, покрај неговите проекти за Halle Freyssinet, за станиците Nord и Austerliz, во 2016 година тој го завршува неговиот последен проект Православен духовен и културен центар на Русија, проект кој тој го смета за дело на својот живот.

Неговиот проект доста се разликува од проектот на Мануел Нунез Јановски. Православната црква е повеќе развиена хоризонтално, иако нејзината висина достигнува 37 метри. Почетокот на градбата беше во првите месеци на 2014 година, а рокот на завршување е две години. Проектната програма е составена од четири различни идентитети, со поединечна индивидуалност. Програмата за развој е составена од: Руска православна црква; Парохиски центар (објект на улица Rapp) со аудиториум и фоаје, канцеларии и опремени функционални апартмани; Училиште (објект на улица Université) со училници, работилници, амбуланта, кантина, живеалишта и двор; Културен центар (објект на Кеј Бранли) составен од книжарница, простор за изложби и кафуле.

Новиот проект е многу подобро интегриран во својата околина. Ги задржува канонските знаци на катедралата, вклучувајќи пет кубиња. Употребените материјали се благородни. Објектот е фасадно обложен со камени плочи од Бретања (искористени и при градбата на Лувр и париската Света Богородица), лесна дрвена обработка, владеење со волуменот, идентична висина и материјали … Единствениот архитектонски ансамбл од објекти околу црквата дава посебност и структурна естетика. Проектот има одржлив пристап со цел да добие HQE (Haute Qualité Environnementale). Стандард на висок квалитет на животната средина или стандард на зелена градба во Франција.

За изведување на работите е избрана групата Бјуик (La groupe Bouygues). Внатрешноста на храмот ќе биде насликана од руски сликари и иконописци.

Целиот проект, вклучувајќи ја и црквата, е симбол кој води кон нов културен идентитет во Париз. Чистиот и минимален дизајн на црквата влијае врз соседните објекти и има клучна улога во комплексот.Pose du dome sur CCOR.Bouygues Bat.  Paris 75007. 18 mars 2016

Монтирање на најголемата купола – голем успех за архитектот

Првата, најголема од петте куполи беше подигната на 19 март оваа пролет во присуство на француски и руски официјални лица, верници и пригодна свеченост. Тиста и педесет тонскиот кран подигна огромна купола, како сонцето што изгрева над Париз, со Ајфеловата кула во заднина, коментираа луѓето. Беа потребни 15 минути за куполата со дијаметар од 11 метри, висина од 12 метри и тежина од осум тони (наместо 42 тони, ако беше изведена од традиционален материјал), да се вклопи во милиметар во својата бетонска структура, на висина од 37 метри, која е максимално дозволена со урбанизмот. Структурата на осум тонската купола, произведена е од композитни материјали со техника на модерната поморска архитектура, од страна на бретонската компанија „Multiplast“, специјализирана во областа на тркачки корпуси на бродови. За да се направи оваа купола, со сите предвидени технички иновации, потребни беа две години студии. Направени се прототипови и тестови за малку повеќе од една година. Покривањето на сите пет куполи е со 90.000 златни листови, со многу малку споеви. Тие се од легура на злато и платина во мат шампањ, боја наречена „златна месечина“. Обоени се во потемна „мат злато“ боја, со цел да бидат подискретни во панорамата на бреговите на реката Сена и помалку блескави од куполата на Инвалидите, која е во непосредна близина.

„Посебна емоција е да се види како цртежот се претвора во волумен, се остварува сонот. Овој проект стана жив благодарение на технологијата на нашето време“, вели  архитектот.

Деветгодишната историја на овој проект, се ближи кон својот крај. Некои од граѓаните жалат за првиот проект, за кој мислат дека беше поспектакуларен и посмел со предвидениот стаклен превез, некои воопшто не го прифатија, други мислат дека културниот центар е многу голем. Но генерално, сите се согласуваат дека новиот објект е убав. Со посебен архитектонски јазик создаден е вистински руски кварт во центарот на Париз, кој хармонично се вклопува во уникатниот градски пејзаж. Ансамбл на објекти кој е во хармоничен сооднос со другите објекти, културни споменици на Франција, во непосредна близина на мостот што го носи името на рускиот император Александар Трети. Создаден е „монолитен, мирен и тих“ комплекс, како строгиот Успенски сабор во московскиот Кремљ, ремек-дело од раниот московски период, каде што традиционално биле крунисувани московските цареви. Објект кој, според зборовите на рускиот амбасадор во Франција Александар Орлов, треба да биде „симбол на историската, културната и духовната блискост помеѓу Париз и Москва“.2

„Каква среќа да се учествува во овој проект!“, вели архитектот Вилмот. Возбудлив, но исклучително чувствителен. Култен хит, геополитика и културна естетика не е лесна задача. Задолжителни правила, канони, но со „париски“ желби и намери. Фасада покриена со камен и пет куполи обложени со листови злато и платина со мат ефект. Бајка поставена на исклучителна локација!

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top