Насловна / Вести / RCS Систем на носечки шини: Самоподигнувачки систем на носиво скеле со оплата

RCS Систем на носечки шини: Самоподигнувачки систем на носиво скеле со оплата

Примена на системот RCS C во Македонија

Примената на новите трендови во градежништвото е условена, пред сè, од изведбата на сè покомплексни градежни објекти во овој регион. Следствено на тоа, за првпат во Македонија, RCS C самоподигнувачкиот систем на носиво скеле со оплата е применет при изградбата на објектот „Антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции на територија на Р.Македонија“, кој се изведува на врвот на планината Водно. Системот RCS и за оваа комплексна конструкција која има одреден наклон по висина, специфична геометрија во основа, промена на димензиите во основа на горните нивоа итн., се покажа како идеално, мултифункционално и технички издржано решение. Исто така, практичноста, ефикасноста и безбедноста при работата на ситемот RCS C, овозможи овој објект да се изведува според предвидената динамика и покрај екстремната висина и тешките временски услови на самата локација.3

           PERI RCS (Rail Climbing System) е производ на фирмата PERI-Германија. Фирмата интензивно работи и инвестира во иднината, ги запазува сите нови трендови за изведба на градежни објекти со сè покомплицирана геометрија и, секако, е фокусирана на изнаоѓање најдобри решенија за проектите по целиот свет. Системите на подигнувачки скелиња, гранка од производствената програма во која фигурира системот RCS, значајно го подобруваат квалитетот на изградбата, ги намалуваат трошоците и истовремено го зголемуваат нивото на сигурност при зравјето и работата на сите инволвирани во изведбата на објектот.

2

PERI RCS (Rail Climbing System) претставува систем кој е комплетиран со комбинација на различни поволни страни на повеќе системи на лизгачки платформи кои наоѓаат широка примена во градежништвото. Прилично е широк спектарот на проектите во кои ситемот RCS претставува најекономичното решение во поглед на тоа што е доста флексибилен и може лесно да се приспособува на специфичните побарувања при изведбата на градежните објекти. Системот на подигање (лизгање) по шини може да се користи како носиво скеле при подигање на оплата за армирано-бетонски ѕидови кај екстремно високи објекти или како заштитни панели за обезбедување на работните површини при изведбата на нивоата кај високите објекти.

1

RCS систем на носечки шини

4

Примена на Peri RCS системот како носиво скеле (лево) и заштитни панели при работа (десно)

Системот PERI RCS најширока примена има кај високите објекти, било да се работи за повеќекатници, пилони на мостовски конструкции или телекомуникациски кули. Принципот  на работа на системот во основа функционира така што во текот на подигнувањето постојано е врзан за бетонската конструкција преку подигнувачки „папучи“. Подигнувачките „папучи“, во зависност од конструкцијата, може да бидат поставени на армирано-бетонските ѕидови или во дебелината на плочата од меѓукатните конструкции. „Папучата“ е со висококвалитетни завртки фиксирана за конус и анкер плоча кои се вградени во армирано-бетонската конструкција според проектот за оплата од претходното ниво на бетонирање. Пред сè, благодарение на шините што служат како водилки при подигнувањето, истото се одвива доста брзо и сигурно како во поволни временски услови така и во услови на засилен ветер. Притоа, покрај тоа што служат како водилки за подигнување на комплетниот систем, носечките шини го пренесуваат корисното оптоварување на ѕидот, а во одделни случаи овозможуваат премостување на отворите во ѕидовите со цел да имаме непречено подигнување на самото скеле. Носечката шина е основата на RCS системот, во попречен пресек е двоен U 200 профил, а се произведува со стандардни должини од 1,48 м до 9,98 м. Специјално изработени конектори овозможуваат доста едноставно наставување на носечките шини во должина, со што се постигнува проектираната должина на самите платформи. Шините се стандарден елемент на системот PERI VARIOKIT, и благодарение на дефинираните отвори на секои 125 мм, платформите од RCS системот можат да се приспособуваат на секоја катна висина на објектите.

Самоподигнувачки механизам

PERI RCS – системот за подигање на шини во секој момент може да се направи мобилен со самоподигачки механизам, при што се елиминира потребата од користење на кран при самото подигање на работните платформи. Хидрауличните цилиндри за подигање на скелето тежат по 25 кг, според што тие се лесни за пренесување и многу брзо се монтираат на потребното место. Контролата на подигањето се врши преку оперативна табла која заедно со моторот и пумпата е интегрирана во вид на количка, а со цел нивниот транспорт по скелето да е лесен и едноставен.

5

Конус, анкер плоча, висококвалитетна завртка, папуча и носечка шина (од лево кон десно)

RCS C систем на носиво скеле за оплата на армирано-бетонски ѕидови

Во пракса, најчеста апликација на системот RCS е неговата верзија RCS C, односно систем од носиво скеле за оплата на армирано-бетонски ѕидови во кој е интегриран механизмот за лизгање на оплатата. Притоа, самиот систем кој е дефиниран на претходно наведениот начин, претставува целосно сигурен концепт за бетонирање на екстремни висини. Механизмот за лизгање ја држи ѕидната оплата во работна положба и овозможува истата лесно да се поместува во хоризонтален правец, со што се обезбедува и до 90 см простор за армирачките работи. Самата оплата за ѕидовите исто така функционира како заштитна бариера на нивото кое се изведува, а со самото тоа обезбедува здрава и потполно безбедна работна површина. Системот е така осмислен, што работната платформа има можност да се монтира од првото избетонирано ниво додека долните „помошни“ платформи се додаваат после постигнувањето на доволна висина од армирано-бетонската конструкција. Независно дали при оплатирањето на армирано-бетонските ѕидови се применува композитната оплата PERI VARIO GT24 или панелната оплата PERI TRIO, подесувањето во сите правци се обезбедува преку главните профили со кои оплатата е поставена на носивото скеле. Поместувањето на оплатата во хоризонтален правец се врши преку хоризонтални лизгачи, додека подесувањето на оплатата во попречен правец на армирано-бетонскиот ѕид се обезбедува преку косник кој го потпира главниот профил. Подесување на оплатата е овозможено и во паралелен правец на армирано-бетонскиот ѕид со стандардни елементи за фино подесување.

7

Оперирање (подигање) со хидраулика

Гледано во попречен пресек, системот RCS C претставува рамовска конструкција со три работни  нивоа. Секоја платформа се држи на две такви рамки. Комуникацијата помеѓу нивоата е овозможена преку отвори во самите платформи и скали со заштитни огради. На најгорното ниво или ниво „0“ се наоѓа оплатата и тоа служи за армирање и оплатирање на армирано-бетонските ѕидови. Висината на долните нивоа од системот е условена од катната висина на обејктот, меѓутоа благодарение на претходно наведените карактреистики на носечките шини може да се изврши приспособување според која било потребна висина. Средното ниво или ниво „-1“ служи при подигнување на работните платформи. На ова ниво е поставен хидрауличниот механизам, а хидрауличните цилиндри се монтираат на носечките „папучи“. Хидрауличната преса (количката) има можност симултано да контролира и управува со 4 цилиндри односно истовремено може да се подигнуваат два сета платформи. Подигнувањето се врши во чекори од по 50 см, што е максимално извлекување на клипот на хидрауличниот цилиндар. Механизмот на автоматско заклучување кое го има носечката „папуча“ овозможува платформите да се ослонат на истата за времето кога клиповите на цилиндарот се враќаат во првобитната положба и се припремаат за нов циклус на подигнување од 50 см.

8

Елементи за поместување на оплатата во сите правци

Подигнувањето на платформите од 50 см во просек трае помалку од 1 минута. После подигнувањето на еден пар платформи, хидрауличните цилиндри се префрлаат на следниот пар и на тој начин сукцесивно се врши подигнувањето на платформите по целиот обем на конструкцијата. Најдолното ниво или ниво „-2“ е ниво од кое се врши демонтажа на цилиндрите после завршеното подигнување и нивно префрлање на нивото „-1“ од платформите кои треба да се подигнуваат поради тоа што во дадениот момент тие се наоѓаат на иста работна висина. Исто така, од нивото „-2“ се врши демонтажа на најдолната „папуча“ која повеќе нема статичка улога во системот, се отстранува металниот конус од бетотнот (носивиот дел за „папучата“) и се врши затворање на отворот во армирано-бетонскиот ѕид со стандардни бетонски чепови. Сите завршни работи како евентуално молерисување, санација или затворање на отворите од анкер штрафовите кои ја држат оплатата, исто така се изведуваат од нивото „-2“, притоа непопречувајќи ги армирачките и бетонските работите кои се изведуваат на горните нивоа. Секако, многу е важно да се напомене дека сите нивоа на платформите имаат од надворешната страна ограда во висина од 2 м, изработено од цевки со пречник 48,3 мм. Притоа, со поставување на заштитна ограда по целата висина на работните платформи се обезбедува сигурна и здрава работна средина која значително може да придонесе да се зголеми продуктивноста на самите вработени. Комфорот и безбедноста при работата можат дополнително да се зголемат доколку работните платформи се обложат со метални или дрвени панели, што од надворешна страна често може да се користат за маркетингшки цели.

9

Изглед на RCS C системот

Техничка поддршка во текот на изведбата на објектот

Правилната примена на системот RCS на градежните објекти во голема мера зависи од добрата соработка на стручниот кадар на PERI со изведувачот на самиот објект, и таа е неопходна уште од најрана фаза, фазата на проектирање на техничкото решение, понатаму продолжува со испораката на потребната опрема, техничката поддршка во текот на монтажата и се до завршетокот на проектот. Проектот за оплата која го вклучува системот RCS, мора да ги согледа сите специфичности на градежниот објект до самиот врв, со цел да се предвидат сите препреки при подигнувањето на носечките шини. Техничката документација од проектот за оплата ги содржи сите упатства за предмонтажа на сегментите, нивното укрупнување и склопување во системот. Притоа, за цело време на изведувачите на објектот на располагање им е квалификуван PERI инструктор за системот RCS, кој асистира околу ефикасна и безбедна имплементација на системот.

11

Префрлањето на работниците и хидрауличниот механизам на следниот сет платформи е целосно безбеден

10

Работа и распоред на работниците при подигнување на RCS C системот со хидраулика

Составил:

Стеван Митревски, дипл.град.инж.

Никола Радовановиќ, дипл.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top