Насловна / Вести / Предизвик за градежните конструктори

Предизвик за градежните конструктори

Охрид на почетокот на месец октомври беше домаќин на 17. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија. Темата на симпозиумот беше „Природни катастрофи и конструкции“. Симпозиумот го поздрави и го отвори министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.dkgm 2017_3

Симпозиумот беше посветен на тема која отсекогаш била предизвик за градежните конструктори, а тоа е влијанието на природните катастрофи врз конструкциите. Природните катастрофи, како: земјотреси, цунами, лизгање на земјиште, поплави, суши, вулкански ерупции и сл. се предизвикани од природни сили. Предизвиканите катастрофи, како: истурање на опасен материјал, експлозии, пожари и сл. се резултат на човечки активности. Тенденциите на градежните конструктори, во случај на природни катастрофи, се да се минимизираат ефектите, а во случај на предизвикани катастрофи, со внимателно планирање и превенција, да се избегне можноста од нивно случување. За жал природните и предизвиканите катастрофи се тесно поврзани и испреплетени и најчесто една катастрофа е следена од друга, но тука е улогата на градежните конструктори да ги дефинираат можните сценарија и да преземат соодветни мерки за да ја обезбедат сигурноста на објектите.dkgm 2017_5

На отворањето на симпозиумот, Мери Цветковска, претседател на ДГКМ истакна дека: „посебна карактеристика на природните и предизвиканите катастрофи е тоа што тие практично не можат да се избегнат, зашто природните катастрофи се карактеризираат со моќ и неконтролираност. Типично за настаните предизвикани од човекот е тоа што тие произлегуваат од брзиот развој на модерните технологии и производството, чие управување содржи слаба алка, односно човек е способен да направи нешта со трагични последици, како што беше Чернобил“. Оттука, според Цветковска, „нашата намера е да ги предвидиме можните катастрофи, да ги локализираме и да ги ублажиме можните последици. Пред проектирање на секоја конструкција треба да претходи анализа на сите можни видови природни или човечки катастрофи во однос на веројатноста за настанување, можноста за иницирање на некои секундарни катастрофи, можноста за локализација, превентивните мерки кои не се поврзани со методите на проектирање, и конечно, штетите во случај на настанување“.dkgm 2017_2

Цветковска нагласи дека: „предвидувањето на видот, времето и големината на очекуваната катастрофа, дури и ако е можно, може да биде базирано само на веројатност. Нивото на развој на многу проблеми во врска со разбирањето на потеклото на природните катастрофи, па оттаму и на нивото на ефикасност во предвидувањето на времето, условите и карактерот на настанот, како и развојот на мерките за превенција и ублажување на загубите, е следено и од потребите на националната економија“. Затоа, рече Цветковска, „земајќи ја предвид безбедноста од аспект на животите и здравјето на луѓето, конструкцијата не треба да ја поврзуваме само со нејзината цена или со очекуваните загуби на материјалните добра. Оттука, посебен аспект за нас треба да биде нивото на заштита за луѓето, без оглед на веројатноста за појава на факторите кои ги предизвикуваат катастрофите, како: функцијата и големината на разгледуваниот објект, карактерот на производство, итн.“dkgm 2017_1

Целта на 17 Меѓународен симпозиум, на кој присуствуваа над 250 стручни лица од земјата и странство, беше токму тоа, градежните конструктори да дискутираат за можностите за предвидување, превентива и намалување на негативните ефекти од природните и предизвиканите катастрофи. Презентирани беа 112 научни и стручни трудови од истакнати поединци од 12 земји и три континенти, и тоа: Канада, Кина, Данска, Германија, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Македонија. Своето искуство во процена на ризикот, посебно при сеизмички влијанија, пожар, ветер и екстремни климатски влијанија, го презентираа повикани предавачи од Канада, НР Кина, Данска, Италија, Србија и Македонија.

Во рамките на симпозиумот се одржаа и две тркалезни маси. Првата тркалезна маса беше посветена на Законот за градење и потребите од негови измени и дополнувања, додека втората тркалезна маса беше посветена на имплементацијата на Регулативата за градежни производи CPR 305/2011.dkgm 2017_4

Симпозиумот беше поддржан од генералните спонзори АД БЕТОН и АД ГРАНИТ, како и од голем број градежни компании кои имаа можност да ги презентираат своите производи и активности.

 

Рамка:

Н: Признанија

Традиционално, на симпозиумот беа доделени признанија на ДГКМ за најдобри остварувања во областа на градежното конструкторство во 2015 и 2016 година, во три категории: теориско и/или експериментално истражување на конструкции, проектирање на конструкции и градење на конструкции. Добитници на наградите се:

 

Јулијана Бојаџиева за „Анализа на динамичко однесување на водозаситени некохерентни почви врз основа на елемент и 1-г експерименти“.

Стевчо Митовски за „Моделирање на конструктивните фуги кај брана „Св. Петка“.

Денис Поповски за „Експериментално и теориско истражување на ефектите од спрегањето на челикот и бетонот кај континуирани носачи од меѓукатни конструкции“.

Радмила Шалиќ за „Современ пристап за определување на сеизмичкиот хазард во Република Македонија“.

Марта Стојмановска за „Експериментално и аналитичко истражување на динамичкиот одговор на дрвени конструкции составени од вкрстено ламелирани дрвени панели“.

Марија Витанова за „Оценка на сеизмичката повредливост на типични армиранобетонски мостовски конструкции со повеќе распони во Република Македонија“.

Денис Поповски, Миле Партиков, Владимир Дамјановски и Петар Цветановски за „Основни проекти за објекти на комплексот на индустриските капацитети на Техникал текстил во ТИРЗ Штип“.

Никола Стојчевски, Мирко Малински, Андреа Серафимовски и Виктор Митевски за „Изведба на објект Државен архив на Република Македонија, Уставен суд на Република Македонија и Археолошки музеј“ – Скопје“.

Соња Черепналковска за „Клучни индикатори за ризик и за перформанси за намалување на ризикот при испитување на јакост на притисок на бетонот“.

Горан Јекиќ за „Детектирање на оштетувања на конструкции од

високоградбата преку експериментална идентификација на еден сет модални параметри“.

Зоран Милутиновиќ и Радмила Шалиќ за „Регионални хармонизирани карти на сеизмички хазард“.

Емил Кочовски, Елена Поповска, Љупче Колев и Денис Поповски за „Погон за производство на елементи за модуларно домување“.

Томе Тромбев, Љубиша Чаушевски, Златко Самарџиоски и Тони Јовановски за

„Изработка и монтажа со лансирање на челичната конструкција на три спрегнати мостови во рамките на хидротехничкиот проект devol hydro power, Република Албанија“.

Еден коментар

  1. Slobodan Dimeski

    bi trebalo da ima vo idnina ekonomicni simpoziumi so multidisciplinarno ucestvo na drustvoto za geotehnika .na gradezni konstrukcii..na zivotna sredina.na urbanisticko i prostorno planiranje.na bezbednost i zdravje .upravuvanje so krizi i t,n

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top