Насловна / Вести / Предавање на полскиот куратор Себастијан Цихочки во МСУ

Предавање на полскиот куратор Себастијан Цихочки во МСУ

Во сабота (20 мај), во Музејот на современата уметност во Скопје со почеток во 19 часот ќе се одржи отворено предавање и дискусија со Себастијан Цихочки, водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава, Полска, насловено „Ова е уметност и уметноста е многу нешта“*.

Јавното предавање на Себастијан Цихочки е во рамките на 6-тиот Интернационален симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции, фикции и други заеднички именители“, организиран од Проектен простор Прес ту егзит од Скопје.© 2016 Scott Rudd www.scottruddevents.com scott.rudd@gmail.com

Како што е наведено од кураторот, во 70-тите години на минатиот век, Јиржи Лудвински (Jirzi Ludwiński), полски уметник, теоретичар и критичар, го најавил доаѓањето на пост-уметничкото време. Тој забележал дека трансформацијата на уметноста е резултат на преземање на сосема нова форма; онаа што критичниот јазик на неговото време не беше во можност да ја критикува. Лудвински тврди дека пост-уметноста има неспорно поголем потенцијал отколку активностите што се традиционално признаени како уметнички. Тој напишал: „Сите претходни концепции кои се однесуваат на уметноста се откажани, дури и она на авторството. Она што е важно се тензиите креирани преку колективен труд на многу индивидуи, што придонесуваат за донесување на систем кој пулсира со живот, како некое гигантско дело на природата. Уметност = реалност“.
Таквите пост-уметнички времиња најавуваат ера во која високиот „коефициент на уметноста” (како феномен кој теоретичарот Стивен Рајт го опишал повикувајќи се на предавањето на Марсел Дишан „Креативен чин”, 1957) е присутен во многу области од животот; кога работата на уметникот не секогаш се материјализира во форма на уметничко дело; кога и самата уметност се создава во размер 1:1, наместо да производува модели за ситуации и нешта.
Како може да се измери коефициентот на уметноста во еден уред кој собира магла и кој ги снабдува со вода жителите на пустината во Чиле? Колку уметноста е присутна во процесот на соработка меѓу турски пчелар и кошница на пчели во текот на производството на психоактивен мед? Прашањето што навистина вреди да се постави е: Постои ли повеќе уметност во или вон ѕидовите на музејот?

* Насловот на предавањето го парафразира насловот на изложбата: „Ова е изложба, и изложбата е многу нешта“ во S.M.A.K. во Гент (1994), опишана како „забавна палата, урнебесна соба, дисконт магацин, музеј без ѕидови, пустелија и кабинет за куриозитети на прекрасното и безначајното“.

Себастијан Цихочки (Sebastian Cichocki) е куратор, писател и уметнички критичар. Тој е водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава и куратор на Sculpture Park во Bródno дистриктот во Варшава. Во периодот 2005-2008 година бил директор на Центарот за современа уметност Kronika во Битом (Полска). Гравниот фокус на истражувањето на Цихоцки е пост-уметничкото и 1:1 размерните практики, концептуалните рефлекси во уметноста, ленд артот, теоријата на нештата и книгата како форма на изложба. Тој е куратор на голем број самостојни и групни изложби, вклучувајќи го претставувањето на Monika Sosnowska (2011) и Yael Bartana (2013) во  полскиот павилјон на Биенале во Венеција. Има реализирано голем број експериментални изложби во форма на книги, либрета, како и резиденциски програми и предавања. Цихоцки живее и работи во Варшава.

6. Интернационален симпозиум „Кураторски размени“ е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.
Симпозиумот е куриран, организиран и реализиран од страна на историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачите на Проектниот простор Прес ту егзит, Јане Чаловски и Христина Иваноска.
Овогодинешниот симпозиум е организиран во соработка со: Музејот на современа уметност, Социјалниот центар „Дуња“ и Клуб ГЕМ, а поддржан од: Министерство за култура на Република Македонија, Австриска амбасада, Амбасада на Кралството Шпанија и Aмбасада на Република Полска.

Испрати коментар

Scroll To Top