Насловна / Архитектура / Португалија сè попосакувана дестинација

Португалија сè попосакувана дестинација

Зимата и зимските празници отсекогаш биле период кога, веројатно, повеќето луѓе, во сè поретките мигови на спокој и одмор, успеваат да мечтаат по малку и за некое подобро утре, кое годината што почнува ќе им го донесе – долг живот, добро здравје, и многу радост, успех и среќа. Веројатно, тоа е нешто што и нè поттикнува да истраеме во најтешкиот месец во годината – јануари, по прекумерното трошење за подароци и уживање во пребогатата новогодишна трпеза. За жал, исполнувањето на желбите, определбите и новогодишните резолуции секогаш е индивидуално, но не секогаш е загарантирано.GEDSC DIGITAL CAMERA

Се разбира, умешноста на добар претприемач е да ги исполни соништата на своите идни клиенти и на тој начин да овозможи реазлизација не само на нивните, туку и на сопствените желби. Во услови на глобална компетитивност кога земјите, правните и физичките лица се борат за опстанок, се чини дека политиката и определбата на една земја можат во добра мерка да помогнат во исполнувањето на туѓите и сопствените желби. Португалија не е исклучок во оваа смисла.

Како и повеќето земји во светот, земјата беше серизоно погодена во периодот на глобалната економска криза, од крајот на првата декада на 21-от век, и беше вклучена во групата на најмногу задолжени земји во рамките на Европската Унија (Португалија – Ирска – (Италија) – Грција – Шпанија). Со приближно 10,6 милиони жители, ова земја на Иберискиот Полуостров во 2010 година се најде со очекувано бруто задолжување од речиси 85 проценти од бруто домашниот производ, над 10-процентна невработеност и пад на вредноста на берзата од скоро 10 проценти. Но, Португалија не е и без свои компетитивни предности.GEDSC DIGITAL CAMERA

Во услови на глобални политичко-економски превривања и несигурност, Португалија се смета за петтата најбезбедна земја во светот. Станува збор за земја која била првата глобална империја во светот во текот на 15-от и 16-от век, со длабоко восопоставена независност и континуитет коишто датираат од 1139 година со прокламирањето на Алфонсо Хенрикес за Крал на Португалија, со јасно дефинирани граници, без внатрешни етнички или политички превирања, стабилен систем на управа, долгогодишна членка на Европската Унија и на шенгенскиот визен режим.

Ако кон ова се додаде солидната инфраструктура и систем на здравствена заштита, богатото културно наследство и природни убавини, како и прекрасната клима, без сомнение може да се заклучи дека станува збор за атрактивна дестинација за оние што сакаат да најдат некое поспокојно место за добар живот.GEDSC DIGITAL CAMERA

Се чини дека политиките и програмите на португалската влада во изминатите години се потрудиле атрактивноста на Португалија како дестинација значително да се зголеми, а со тоа и приходот во државната каса преку кој властите малку полесно можат да се справат со последиците од глобалната економска криза од крајот на првата декада на 21-от век. Во оваа смисла, веројатно најзначајни се две програми: програмата за „златна виза“ и програмата за невообичаени жители.

Програмата за „златна виза“ била промовирана во октомври 2012 година и е насочена кон привлекување на добростоечки приватни инвеститори кои потекнуваат надвор од границите на Европската Унија, а на кои преку инвестирање во земјата им се овозможува брзо стекнување на жителство, а со тоа и легален пристап до најголемиот број на земји во ЕУ и безвизно патување во земјите членки на шенгенскиот систем. Дополнително, по шест години, носителите на „златна виза“, доколку сакаат, можат да се стекнат и со португалско државјанство. GEDSC DIGITAL CAMERA

Како резултат на ова, во периодот 2012 – 2016 година биле издадени нешто помалку од 3.200 „златни визи“ на инвеститори и нешто повеќе од 4.800 „златни визи“ за членови на нивните семејстава, при што скоро 78 проценти од нив се со потекло од Кина. За набљудувачите од надвор, во моментов е тешко да се каже со сигурност во колкава мерка овој интерес на Кинезите е резултат на административните промени во Макао кон крајот на минатиот век. Имено, од изнајмувањето на овој пристанишен град од Кина во далечната 1557 па сè до неговото враќање во 1999 година, Макао бил под португалска управа. При ова, од 1557 до 1887 градот бил суверена кинеска територија под кинеска власт но управувана од Португалската империја, за од 1 декември 1887 година да биде Португалска колонија се до официјалното враќање на сувереноста на градот на Кина на 20 декември 1999 година. Слично на Хонг Конг, Макао во рамките на Кина најмалку до 2049 година ќе има високо ниво на автономија. GEDSC DIGITAL CAMERA

Со оглед на одреденото ниво на неизвеснот околу тоа што ќе се случи при враќањето на Хонг Конг од Обединетото Кралство на Кина, во период на транзиција во Обединетото Кралство беше забележан зголемен интерес за инвестиции во недвижности од жителите на Хонг Конг, така што интересот за инвестирање во Португалија можеби има слична мотивација, или пак може да биде одраз на формирање на економски подобростоечки слој во Кина со аспирации за инвестирање и/или населување во Европската Унија.

Без оглед на мотивите, воведувањето на системот на „златна виза“ во изминатиот период ѝ има донесено на Португалија нешто помалку од две милијарди евра, од кои над 1,7 милијарди биле инвестирани во имоти. За стекнување со „златна виза“ преку инвестирање во имот, потребно е да се купи недвижен имот кој чини најмалку 280 до 500 илјади евра, во зависност од тоа дали станува збор за нов или објект стар најмалку 30 години, како и од густината на насленост во местото во кое се купува имотот. Притоа, најмалиот износ на инвестирање е во објект постар од 30 години лоциран во делови на земјата со ниско ниво на населеност (помалку од 100 лица на квадратен километар).GEDSC DIGITAL CAMERA

Во однос на инвестирање во недвижен имот, аналитичарите ја сметаат Португалија за релативно сигурна и стабилна дестинација, со оглед на тоа што не е дестинација на прекумерна градба каде има огромен вишок на имоти, како на пример со Шпанија каде во екот на голобалната економска криза на преминот на првата и втората декада на 21-от век се зборуваше за над еден милион непродадени станбени единици, коишто доведоа до енормни намалувања на цените на недвижниот имот.

За разлика, се смета дека во Португалија побарувачката е поголема од понудата, особено во најатрактивните локалитети за инвеститорите, како на пример Лисабон и Алгарв, при што цените на недвижниот имот се значително пониски од оние во Шпанија и Франција, но истивремено може да се добие до 15 процента добивка од инвстирање во имот во најатрактивните региони, особено за оние што ги рентираат своите имоти по ден. Дополнително, за оние што имаат имот, а не се вработени во земјата, за околу 150 евра месечно може да се обезбеди пристап до државниот систем за социјална и здравствена заштита.GEDSC DIGITAL CAMERA

Втората програма воведена во 2009 година се однесува на невообичаените жители и првенствено е наменета за лицата од земјите на Европската Унија. Според оваа програма, пензионираните лица од ЕУ можат под одредени услови да живеат или во свој или пак во изнајмен имот во Португалија, и во првите 10 години воопшто да не плаќаат данок на пензијата што ја примаат од земјата на своето потекло. Дополнително, евентуалните приходи оставрени во Португалија се подложни на данок по намалена стапка од само 20 проценти. На овој начин се привлекуваат лицата од земјите на ЕУ со високи даночни стапки, барем дел од својот живот да го поминат во Португалија под поволни даночни услови. Се разбира, секогаш кога станува збор за вклучување во вакви или слични навидум атрактивни финансиски можности, треба да се бара соодветен стручен совет.GEDSC DIGITAL CAMERA

Покрај престолнината Лисабон, провинцијата Алгарв се смета за најпопуларната дестинација во Португалија. Лоцирана на најужниот дел од државата, провинцијата Алгарв е најјугозапданиот дел на Европа со 150 километри долг атлански брег, добра клима и прочуени терени за голф, но сепак во близина на Лисабон, но исто така и до Севиља во Шпанија, а преку аеродромот Фаро поврзана со клучните дестинации во Европа и светот. Веројатно, една од најзначајните туристички дестинации во провинцијата Алгарв е Виламура, која се смета за еден од најголемите единствени туристички комплекси во Европа.

Станува збор за старо рибарско место прочуено по прозиводството на рибја паштета, но и со значителна историја која оди до римскиот период, познатата римска бања којашто била користена од морепловците, и која до ден-денес е сочувана преку археолошкото наоѓалиште и придружен музеј. Ова рибарско место се истакнувало со добра лагуна која денес е прерасната во една од најпознатите марини во земјата и пошироко. Самиот колмпекс на Виламура се наоѓа на 28 километри оддалеченост од аеродромот во Фаро, и се протега на површина од околу 2.000 хектари збогатена со зимзелена шума и исушени мочуришта, и е со капацитет од 35 илјади легла за туристите и локалното население сметсени во вили, апартмани, како и хотели со 4 и 5 звездички. Покрај големата марина, Атлантскиот Океан и долгите песочни плажи, одморот и рекреацијата ги поткрепуваат четири голф клубови, куглана на трева, стрелиште, школа за јавање, но и приватна писта за оние со сопствен авионски превоз, како и меѓународно казино со неколку ноќни клубови. Виламура е туристичка дестинација, а не типично португалско место, каде странските јазици повеќе ќе ги слушнете отколку португалскиот, и каде што, како што вели локалното население, Португалците главно доаѓаат само на прошетка и на кафе.

Ова е веројатно одраз на локалните цени кои се „приспособени“ на економската моќ на подобростоечките голфери од поразвиените земји на Европската Унија, веројатно на чело со Британците, за коишто провинцијата Алгарв е особено популарна дестинација не само за годишен одмор, туку и за пензионирање или пак за втор дом.

Виламура особено е позната по виската еколошка совест и определба на компанијата што е сопственик на комплексот. Само на стотина метри од брегот на Атланскиот Океан и долгите песочни плажи отпочнува невообичаената комбинација на палми и борови, која се протега низ градот. Добро одржуваните објекти од разни епохи со гордост ги покажуваат своите години и укажуваат дека ваков комплекс не може да се создаде преку ноќ. Она што го поврзува постарото и поновото е искрената архитектура, добриот детаљ и егземпларното партерно уредување, и тоа особено она на јавните сообраќајници карактеризирани со едносмерен сообраќај во крајбрежниот дел, вешто интегрирано паркирање и видно внимание кон урбаната опрема.

Се разбира, за оние што сакаат да инвестираат во Португалија за да се стекнат со жителство или да уживаат во придобивките од својата пензија без да плаќаат данок барем за 10 години, провиницијата Алгарв и Виламора, веројатно се многу интересна и посакувана дестинација. За нас другите, веројатно најдобар е португалскиот пристап да се дојде на прошетка и на кафе, а за архитектите и урбанистите и да се види особено убавото партерно уредување.

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top