Насловна / Архитектура / Павел Балабанов (1942-2017) – Создавач на архитектура со трајни вредности

Павел Балабанов (1942-2017) – Создавач на архитектура со трајни вредности

… Ако не небото постои проектирање, ти ќе го создадеш најубавиот небесен град. Не ги заборавам годините исполнети со ентузијазам, идеи и можност да учам од тебе, за што сум ти вечно благодарна…

pavel balabanov

Беше скромен во барањата и потребите за себе, но за среќа нескромен во споделувањето на идеите и знаењето, вложувајќи се максимално во сè што работи. Беше тивок во однесувањето и комуникацијата, но оние што многу го почитуваа можеа да го препознаат секој негов крик и врисок обвиен со тишина. Преполн со разбирање, толеранција, трпение… како само ретките допрени од возвишената енергија можат да бидат, и да останат такви, во времиња и невремиња, успевајќи секој нов ден да го започне со нов стремеж и поттик за нови дела.

             Архитект Павел Балабанов е роден 1942 година во Охрид. Почина на 19 мај 2017 година. На Архитектонскиот факултет во Белград, во ателјето на професор Станко Мандиќ, дипломирал во 1969 година. Од 1970 до 1992 година работел во Завод за урбанизам и архитектура – Охрид, како самостоен и главен проектант, раководител на проектантски и работни тимови, при проектирање на сите видови објекти.

ou kliment ohridski 2

ОУ „Климент Охридски“ во Охрид

ou kliment ohridski

Проектите за двете осумгодишни училишта „Климент Охридски“ и „Христо Узунов“, ја најавиja појавата на едно значајно име во македонската архитектура во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Во 1980 година Павел Балабанов ја добива републичката награда за најуспешно архитектонско остварување во Македонија за основното училиште „Климент Охридски“ во Охрид. Со добивањето на сојузната награда за архитектура во Југославија на весникот „Борба“ за 1980 година, за истиот објект, се потврдило создавањето на архитектура со трајни вредности, архитектура која храбро се наметнала на охридското поднебје. borbina nagrada

Во тоа време, во Белград, со неверување била примена веста дека наградата за архитектура е доделена на архитект чие име не кружело во орбитата на успешните. Во архитектонска смисла, вредноста на ова училиште е во добрата организација на сите простори кои им служат на учениците, но и во одлична диспозиција на ниски волумени исткаени од цигла, камен, лим, дрво и керамика, во односот на бело и темно, во ритамот и звучноста на масите што на наједноставен начин го градат и преградуваат просторот. Архитект Балабанов сигурно владее со просторот и знае што може да се добие со примена на долги и кратки низи, ниски и полни архитектонски творби. Тоа чувство за мерка, пропорција и висина, намерно, како да се стекнало на едно место, како би можело да прејде на околината, планините во заднината и езерото во долниот дел. Во специфичните услови на стариот град како културно наследство, разложената конфигурација на теренот и панорамските вредности на градот, објектот е успешно интегриран во просторот.

stokovna kukja oteks

Стоковна куќа „Отекс“ во Охрид

- Задачата имаше своја убавина, но криеше и опасност. Просторот што го користев е традиционално врзан за наука, култура и образование. Тука работел просветителот Климент Охридски. Се трудев да не ги копирам старите форми и материјали, но сепак да остварам континуитет со традицијата. Сметам дека само формите и материјалите не нè врзуваат за наследството. Треба да се насети самата содржина, духот на поднебјето, да се искористи душата на местото, филозофската порака на околината. Објектот сам по себе не е ништо. Дури во интеграцијата со просторот станува корисен за луѓето – рекол Балабанов за весникот „Борба“.

delovna zgrada agroplod

Деловна зграда „Агроплод“ во Ресен

Во долгата листа на изработени и изведени објекти на кои работел архитект Павел Балабанов, спаѓаат проектите за деловната зграда на фабриката „Агроплод“ во Ресен, проектот за кампот „Ливадиште“ во Струга, кампот „Крани“ во Преспа, понатаму следат зградата на Заводот за урбанизам и архитектура во Охрид, стоковната куќа „Билјана“ во Охрид, стоковната куќа „Отекс“ во Охрид. За ресторанот и дискотеката „Парк“ во Охрид, го добива специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989 година. Бил член на повеќе комисии за оцена на конкурсни трудови.

restoran park

Ресторан „Парк“ во Охрид

Во 1992 година, заедно со двајца најблиски колеги, Балабанов ја основа архитектонската работилница „Балабан и партнери“, во која се ангажира до 2012 година со различен број соработници. Основна дејност на компанијата е проектирање, инженеринг и изградба, а опстојува со реализација на преземени обврски во проектирање, ревизија, надзор и изградба. Со негово советодавно и менторско учество помладите колеги имаа можност да учествуваат при проектирање на повеќе бензински станици, основни училишта, повеќе колективни станбени згради, резиденцијални комплекси, голем број индустриски хали, угостителски објекти, изложбено-продажни салони и огромен број семејни куќи.

zavod za urbanizam ohrid

Завод за урбанизам во Охрид

Запрашан за најомилено свое архитектонско „чедо“, го издвојува ресторанот „Парк“, од причина што креативниот процес бил највозбудлив.

- Професијата архитект сама по себе е предизвик, а реализацијата на која било зададена програма предизвикува силни чувства, од болка до радост. Но во последниве години предизвик и преокупација ми е одржувањето на кондицијата на компанијата, отворена за млади архитекти и инженери – остварувањето на нивните креативни пориви и чување на реномето на архитектонската и инженерската професија – ќе рече архитект Балабанов пред неколку години, објаснувајќи ги личните долгогодишни искуства за тоа што значи да се биде архитект, не заборавајќи во ниеден момент дека, пред сè, треба да се биде и остане човек.

Лилјана Јоноска

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top