Насловна / Арт и дизајн / Отворено предавање на Елке Красни и аудио-тура со Ивана Сиџимовска во рамки на симпозиумот „Кураторски размени: Институционалното како јавно“ организиран од „Прес ту егзит“

Отворено предавање на Елке Красни и аудио-тура со Ивана Сиџимовска во рамки на симпозиумот „Кураторски размени: Институционалното како јавно“ организиран од „Прес ту егзит“

На 30 септември (петок) и 1 октомври (сабота) во организација на историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачи на проектниот простор Прес ту егзит, Христина Иваноска и Јане Чаловски, ќе биде организиран вториот дел од петтиот по ред интернационален годишен симпозиум под наслов „Кураторски размени“, кој е реализиран во соработка со: Клуб ГЕМ (Скопје), Социјалниот центар „Дуња“(Скопје), MAD Kitchen (Скопје) и Modesty (Токио), а поддржан е од Министерство за култура на Република Македонија, Совет на Град Скопје и Австриска амбасада во Скопје.

Симпозиумот ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства, кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација. Намерата на симпозиумот е да даде увид во различни дискурзивни презентации и проекти кои преиспитуваат до кој степен институциите, јавноста и уметничката практика коренспондираат со развојните концепти за критичко курирање. Улогата и се по забележителното влијание на кураторот во контекст на културната продукција воопшто, како и условеноста на неговото дејствување во и вон институционалните рамки, ќе бидат подложени на критичко размислување и анализа со секоја презентација и работна сесија.

На тој начин, симпозиумот ќе се обиде да адресира различни методологии и услови кои ја дефинираат кураторската практика како канал за социјални и политички критики и како практика изразена како логичен континуитет во процесот на поттикнување на културните, како и социо-политичките промени во современото општество.

Па така во петок  со почеток од 10.30, 12.00, 13.30, 15.00 и 16.30 часот, на платото пред Музејот на град Скопје, закажана е аудио-тура со македонската уметничка и урбана истражувачка од Берлин, Ивана Сиџимовска под наслов  „Раскажувајќи го Скопје“.

Истиот ден со почеток во 19 часот во клубот ГЕМ во Скопје (над кафулето Менада) отворено предавање ќе одржи Елке Красни, австриската кураторка, културна теоретичарка, урбана истражувачка и писателка под наслов „Инволвирано: Урбани кураторски практики“ проследена со отворена дискусија.hands-on-urbanism-elke

Во сабота со почеток во 11.00 часот, па се до 14.00 во Социјалниот центар „Дуња“ (ул. Рајко Жинзифов 22, Скопје) Елке Красни ќе одржи отворена работна сесија во чиј фокус се урбаните културни практики со фокус на прашањето: Што е потребно за да се биде инволвиран? На работилницата заеднички ќе се работи на поимот на вклучување, кој обединува мисли и чувства.

Елке Красни ќе направи вовед во концептот за инволвираност наспроти историите и теориите за урбаните интервенции, привремено експерименталната архитектура, социјално ангажирани уметнички практики, како и критички просторни практики. За својата презентација Красни појаснува: „Инволвирањето значи и споделување и вплеткување. Кои се импликациите и компликациите од ваквото споделување и вплеткување, односно инволвираност? Урбаното курирање е инволвирано во материјалните, социјалните, културните, политичките и економските урбани состојби. Урбаното курирање е дел од динамиката на урбана трансформација.

Затоа, урбаното курирање е вмешано, и воедно искомплицирано од состојбите во реалниот свет, во услови на глобализиран неолиберализам, постколонијализам, меѓународна миграција, нееднаков развој и урбани кризи. Инволвираната практика, оттука, условува критичко истражување, материјалистичка анализа, трансверзална соработка. Инволвираната практика се базира врз повеќе различни распределени урбани сознанија, во мноштво. elke-krasny_portrait_2014_grst

Елке Красни

Елке Красни (Elke Krasny) е кураторка, културна теоретичарка, урбана истражувачка и писателка. Таа е професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена, Австрија. Нејзината теоретска и кураторската работа е цврсто вкоренета во општествено ангажираната уметност и просторна практика, урбана епистемологија, постколонијална теорија и феминистичка историографија.

Во нејзината концептуално насочена и истражувачка кураторска практика, таа ги преиспитува вкрстувањата меѓу уметноста, архитектурата, образованието, феминизмот, контекстот, просторните политики и урбанизмот. Нејзина цел е да даде придонес во иновациите и дебатите во овие области, преку соединување на експериментални пост-дисциплинарни сојузи меѓу истражувањето, учењето, кураторството и пишувањето.doku-ivana-sidzimovska

Уметничкиот дел од докторското истражување на Сиџимовска „Раскажувајќи го Скопје. Скопје 2014: Хегемониски и спекулативни наративи“, е поврзан со неолиберални симболични урбани реконструкции, со фокус на преобразбата на градот Скопје односно ефектите на урбаното обновување врз јавниот простор. Создадена на основ на граѓаните и нивните субјективни приказни, замислени ситуации и искуства на урбаното, кои ги споделиле при прошетка со авторката, се создава шпекулативен наратив на градот, во кој се проектираат идеи за повторна проценка, преформулирање и поинакво толкување на реконструкцијата.

Во комбинација со повеќе сонични опсервации, снимани на бинаурален начин, оригиналните интервјуа со граѓаните се процесираат, преведуваат и развиваат во форма на интерактивна сонична прошетка.ivana-sidzimovska

Ивана Сиџимовска

Ивана Сиџимовска е визуелна уметница и истражувачка на урбаниот простор. Има завршено додипломски студии на Факулетот за ликовна уметност на Педагошки оддел во Скопје и магистерски студии на Факулетот за ликовна уметност Берлин – Вајзенсее, оддел Просторни стратегии. Нејзината уметничка практика и истражување вклучува трансдициплинарна работа помеѓу уметност, архитектура и урбана социологија, и најчесто е поврзана со работа во јавниот простор, притоа употребувајќи различни методи, медиуми и техники. Oд 2012 година таа е докторски кандидат на Баухаус Универзитетот Вајмар, Факултет за дизајн и медии.

Испрати коментар

Scroll To Top