Насловна / Вести / Нов клинички центар, или повторно „Бит пазар“

Нов клинички центар, или повторно „Бит пазар“

Кога со Генералниот урбанистички план на Скопје од 2012 година се потврди, веќе и во претходниот ГУП, избраната локација за новиот клинички центар, во стручните фели од повеќе области се сметаше дека Скопје и Македонија добија идеална предиспозиција за решение на еден голем проблем за развој на високото државно здравство.P02 - NAMENA PDF

Untitled-1

Долгогодишната работа на Агенцијата за планирање на просторот, со стручна помош на експерти од повеќе области, како и експерти од Франција кои беа ангажирани од Владата на РМ, финализираше со изработена студија, во која со прилично детали е проектирано урбанистичкото решение во зона ССЗ 01 во реонот на Бардовци.

Избраната локација е утврдена со Генералниот урбанистички план на град Скопје, а допрецизирана со урбанистичкиот план за четврт ССЗ 01, кои се основа за изработка на детален план за новиот универзитетски клинички центар. Со новиот ГУП на Скопје, постоечкиот универзитетски клинички центар добива комерцијална намена, со што се става под знак прашање законитоста за водење управна постапка за издавање градежна дозвола за изградба на зацртаниот универзитетски клинички центар на сегашната локација.Klinicki centar (4)

Новата локација се лепи од североисточната страна на комплексот на болницата за душевни болести во Бардовци. Универзитетскиот клинички центар е планиран на чист простор во кој нема надземни градби, што значително ја поевтинува изградбата.

Особено се водело сметка за микроклиматските услови на избраната парцела, сообраќајното решение со лесен пристап до брзите сообраќајници и железничката пруга која ја допира локацијата. Практично, локацијата во реонот на болницата Бардовци, дозволува лесен пристап од сите страни на Скопје, од цела Македонија па и пошироко (Косово, Србија, Албанија, Бугарија).KPO_4088

Во денешно време, здравствените услуги се и голем бизнис, што не смее да се игнорира, а тоа секако бара и поголем простор за организација на многу придружни содржини. Избраната локација била едногласно поддржана од сите страни и се сметало дека тоа е веќе апсолвирана тема за блиска иднина. Но некој, или поточно речено политиката, реши – НЕ! Одиме со нов клинички центар во кругот на постојните клиники? И проектот тргна во друг правец.20170419_101513

Плацот на кој „треба“ да се гради Клиничкиот центар

Со оглед на застојот во неговата реализација, можеби ова е, сепак, последна можност да се спречи и исправи нелогичното решение. „Порта 3“ ја отвора оваа тема со надеж дека во отворената дебата ќе се вклучи јавноста и стручните лица од повеќе области, а со единствена цел да се докаже и потврди правилниот избор за локација на нов клинички центар на Македонија. Почнуваме со иницијаторот на оваа дебата, архитектот Владимир Пота.

         Архитектот Пота, кој неодамна јавно се огласи за ова прашање, вели дека се чувствува повикан, како стручен во областа на архитектурата, да предложи, уште еднаш, аргументирано аналитички да се размисли за избор на друга локација за изградба на новиот клинички центар.

KPO_4067

- Секако дека безрезервно ја поддржувам одлуката да се изгради нов клинички центар, но не на избраната микро локација во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Инвестирањето во изградбата на нов клинички центар не е само капитална инвестиција, таа е и столетна инвестиција за македонското здраство. Токму затоа, повикувам уште еднаш да се размисли за изнаоѓање на друга соодветна локација, – вели Пота.

Според него, долгонајавуваната изградба на новиот клинички центар сè уште е во неодредена опиплива реална фаза, која не навестува почеток на изградбата со оглед на контроверзиите со неговата  реализација.

- За ,,среќа“, овој непредвидлив тајминг дава можност да укажам на низа меѓусебно поврзани факти кои аргументирано укажуваат дека избраната локација не е соодветна за изградба на новиот клинички центар во јадрото на комплексот клиники ,,Мајка Тереза“. Убеден сум, и немам дилема, дека изградбата дополнително ќе ја следат непредвидливи, тешко промостиви проблеми од траен карактер, особено кога се предвидува и инкорпорирање на постоечките објекти во состав на новиот клинички центар – тврди Пота.

Тој смета дека тие објекти кај неупатените, создаваат лажна слика за некаква рационална оправданост, да се инкорпорираат во новиот клинички центар. Инкорпорирањето, според него, наметнува нивна реконструкција која ќе се соочи со нарушување на нивната функција, истовремено ќе значи и дополнителни финансиски вложувања за непредвидливи дополнителни работи, кои со проектната документација, кога се работи за реконструкција, објективно не е можно да се согледаат.

Кои се светските и регионални искуства при проектирање на вакви големи клинички центри?

- Практиката е здравствени комплекси од ваков вид да се градат надвор од урбаните градски простори, според принципот „доволно блиску и доволно далеку“. За пример може да послужи ВМА во Белград. За стручната јавност (уште од периодот после земјотресот 1963 г.) не е непозната и нова намерата за изградба на Клиничкиот центар, во просторот зад Зајчев рид на потегот село Злокуќани – село Бардовци. Колку што имам сознанија, овој простор урбанистички (во поново време) е опсервиран, согледан и препорачан како погодна локација за изградба на нов клинички центар со сите придружни содржини. Определбата на планерите за оваа локација е плод на стручни урбанистички анализи во изминатиот период. Недвосмислено, таа била и е единствена логична исправна одлука за изградба на новиот клинички центар. Локацијата овозможува ефикасно урбанистичко архитектонско планирање, проектирање и изградба, што во комплексот клиники ,,Мајка Тереза“ не е можно успешно да се  реализира и да се постигнат посакуваните ефекти.Klinicki centar (3)

Кои се предностите и бенефитите на просторот зад Зајчев рид, за изградба на новиот клинички центар?

-Прво, слободна локација, неоптоварена од дополнителни непредвидливи зависности кои се појавуваат кога се гради во изграден простор. Потоа, комплексот ќе се наоѓа во поволна позиција во однос „ружата“ на доминатниот ветер и ќе биде природно аериран и изолиран од контаминација со загадениот воздух (утврден постојан ветер). Постои можност за реално ефикасно поврзување со магистралните, транзитните и новопроектираните правци со постоечката сообраќајна инфраструктура, булеварот „Словенија“, собраќајниот магистрален пат кон северната граница, непосредна врска со обиколницата и железничката пруга итн. Може да се планираат ефикасни, прегледни, интерни сообраќајни врски за пристапи и комуникации во новиот комплекс на Клиничкиот центар од повеќе страни, влезови и излези. Исто така и планирање на внатрешниот сообраќај, со сепарирање на сообраќајот по вид и намена, приоритети и значење, посебно сообраќајот во мирување-паркирање. Може да се планира и изградба на објекти кои ќе бидат функционален придружен сервис, како хотел – дневна болница, хотел за постоперативен престој на пациентите и нивните роднини, кои веќе се применуваат во светот со цел поевтинување на болничкиот ден. Не помалку важно е планирање на функционирањето на Медицински факултет, медицински кампус во комплексот на новиот клинички центар. Како и лоцирање и капацитет на инфраструктурни сервисни објекти (гасна енергана, термотехнички објекти, сончева електро централа, електрогенератори, копресиони станици, производство на медицински гасови, хидротехничка станица, пречистителни системи, системи за прифаќање на медицински отпад итн.). И што е многу важно, овозможено е ефикасно двострано електро напојување. Истовремено и елиминирање на бучавоста и локално загадување на воздухот и спроведување на пејзажно осмислено озеленување. Изработката на техничката документација, кога се работи на ,,чиста локација“, дава реални ефекти на добро осмислен проект со минимални отстапувања без градежно и градежно-занаетчиски предмерни количини кои не смеат да бидат повеќе од два отсто.

Искажавте многу предности на локацијата кај Зајчев рид, а што е се постојната локација?

-Ако се направи едновремена компаративна анализа помеѓу предложената локација за изградба (зад Зајчев рид) и избраната локација за изградба на новиот клинички центар, во клиничкиот комплес „Мајка Тереза“, ќе се констатира дека последнава во многу нешта е дискутабилна. Претходно цитираните бенефити за новата ликација не е можно да се применат во постоечкиот комплекс на клиники. Едновремено се наметнуваат нејасности во сегментот за ефикасно функционирање на клиниките во услови на градење во период од четири до пет години.

Кои се негативните моменти од евентуалната изградба на нов клинички центар на локацијата на постојниот комплекс клиники ,,Мајка Тереза“, денес и во услови за периодот на идната изградба?

-Најнапред би го споменал постојниот секојдневен сообраќаен метеж на улицата „Водњанска“ пред зоната на влезот во комплексот „Мајка Тереза“. Со несоодветен влез и несоодветни излези. Со постоечкиот, фреквентен, секојдневен, внатрешен сообраќаен метеж кој во постоечката просторна можност не може успешно да се сепарира, селектира и регулира според намена – ургентни медецински возила, возила за посебни намени, цивилни возила. Дополнително оптоварување на внатрешниот сообраќај ќе претставуваат возилата на градежната механизација. Нејзиното движење и нејзината работа при изведба на градежните активности, ќе создаваат дополнителна бука и загадување на воздухот во период на градење од четири до пет години. Посебно сериозно прашање е, како ќе функционира објектот на хирушките клиники при негова реконструкција и инкорпорирање со новиот објект, како и функционирањето на другите клиники во услови на изградба на објектот на новиот клинички центар. Истовремено, се наметнува потреба за реконструкција и доградба на постоечките технички придружни капацитети за новите потреби. А што де се каже за спроведувањето реконструкција на постоечката подземна инсталациона нфраструктура, како што се канализација, водоснабдување, електро снабдување, медицински гасови, топловодни водови и слично, што ќе предизвикува неочекувани испади и исклучување на останатите клиники при овие интервенции.Klinicki centar (5)

Што би требало да биде идната процедура за реализација на овој проект?

-Сметам и очекувам констатираните стручни, аналитички факти и аргументи да поттикнат на размислување, уште еднаш да се ревидираат ставовите на стручните лица и на тие што одлучуваат, да донесат правилна и единствено реална одлука за местото на градење. Реализацијата на овој значаен капитален објект заслужува многу посериозен пристап за да се постигнат очекуваните ефекти во нашето здравство. За реализирање на целокупниот проект по евентуално донесената одлука за прелокација, нужно е да се формира: озаконето стручно правно тело, некој вид институција,  составено од компетентни стручни профили кои ќе ја спроведат целокупната постапка од програмирање, проектирање, ревизии, по сите фази, како и на изградбата до предавање во употреба според предвиден канонски ред, во согласност со Законот за градење. Секој друг пристап би бил палијатив и волунтаристички за ваков значаен капитален медицински објект од завидна финансиска вредност.

 

Еден коментар

  1. Најдобра локација за изградба на еден таков комплекс дефинитивно касарната Илинден. И од аспект на комуникација, позиција, имото-правни односи и др.

Испрати коментар до Viktor Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top