Насловна / Вести / „Ничија земја“ на 15. издание на Биеналето на архитектурата во Венеција

„Ничија земја“ на 15. издание на Биеналето на архитектурата во Венеција

Во историскиот воен локалитет „Арсенале“ вчера свечено беше отворен македонскиот павилјон во рамките на 15. издание на најпрестижниот светски настан од областа на архитектонското творештво – Биеналето на архитектурата во Венеција.nicija zemja (3)

На свечената промоција на годинашниот национален претставник, проектот „Ничија земја“ на проектантското студио „Стоун дизајн“, пред присутните се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

„Република Македонија во изминатите години оствари повеќе впечатливи претставувања на Венециското биенале на архитектурата, кои нè етаблираа на глобалната архитектонска сцена и понудија свежи и иновативни творечки остварувања. Во таа смисла, уверена сум дека проектoт „Ничија земја“ ќе ги доближи уште повеќе актуелните архитектонски тенденции и креативните идеи на македонските автори до европската и до светската јавност и ќе биде голема провокација за посетителите на овој настан кои ќе имаат можност да се запознаат со вредностите на македонската култура и уметност“, рече Канческа-Милевска.

Комесар на проектот „Ничија земја“ е д-р Иванка Апостолова, а е дело на четворицата млади архитекти од Скопје: Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски, кои ги имплементираа суштинските начела профилирани во годинашната тема на Биеналето „Извештај од фронтот“.nicija zemja

„Проектот има силна индивидуална и сугестивна димензија на архитектонскиот јазик, во функција на создавање на една единствена, заедничка, просторна претстава – град за сите, земја ничија или сечија… Тој соодветствува со нашата реалност и нè поттикнува сите нас да се запрашаме, дали можеме лесно да се препознаеме во улогата на мигрант, емигрант и крајно жител на земја ничија и сечија“, истакна министерката за култура.

На отворањето на македонскиот павилјон присуствуваше и конзулот на Република Македонија во Венеција Ашим Зекировски.

На годинашното Биенале, кое ќе се одржува од 28 мај до 27 ноември, националната архитектура ја претставуваат вкупно 61 земја, а за првпат учествуваат Казахстан, Нигерија, Филипини и Јемен. Селектор на главната архитектонска изложба е реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на Прицкеровата награда за архитектура.

Испрати коментар

Scroll To Top