Насловна / Градежништво / Нејзиното височество плута – 2

Нејзиното височество плута – 2

1
Област на примена

Плутата е веројатно еден од најстарите материјали кој се користи во градежништвото за изолација на градежни конструкции, како топлинска и звучна изолација, но и во специфични случаи како изолација против вибрации. Сите овие три форми на изолација, карактеристични за плутата како нејзина тријада (тројство), заедно со другите нејзини позитивни својства, ја вбројуваат во групата врвни изолациски материјали.

По однос на топлинска изолација и критериумите што овој вид материјали треба да ги имаат, специфичните карактеристики на плутата во споредба со другите изолациски материјали, на некој начин претставуваат синтеза на најдобрите карактеристики коишто другите материјали ги имаат. Од тој аспект, плутата успешно се применува во рамни и коси покриви, зелени покриви, простории на мансарди, подови во меѓукатни конструкции, надворешни фасадни ѕидови како систем КСиНТИ (Компактни системи за надворешна топлинска изолација) или во двојни т.н. сендвич ѕидови, подови на тло итн.

2
На полето на звучна изолација, кога плутата е изложена површински како мерка за апсорпција на звукот и намалување на времето на реверберација (намалување на ехото) во различни средини, таа истовремено обезбедува и топлинска изолација. Исто така, плутата употребена како мерка за изолација на пливачки подови од ударен звук, значително придонесува за намалување на топлинските загуби.

3
Технолошка обработка на сурова кора од плута

Во минатиот број на „Порта 3“ го опишавме начинот на кој се лупи кората од дрвото плута даб, што понатаму се користи како основна суровина за производство на широка палета на производи од плута. По шестмесечно стабилизирање на отворен простор, кората дополнително технолошки се обработува со варење во неʼрѓосувачки челични танкови. Целта е да се отстранат органски честички вградени во порите и да се овозможи плутата да добие идеална содржина на влага за обработка. Со оваа постапка се отстрануваат и испарливи органски состојки преку водата што врие.

При опишаниот процес внатрешноста на клетките на плутата се шири (експандира), им се подобрува внатрешната структура, што истовремено влијае и на намалување на микрофлора. Кога парчињата од кора се извадени, нивниот обем е зголемен за околу 20%. Покрај тоа што стануваат подебели, структурата им е поправилна и полесно се обработуваат. Поради добиената преголема влажност, нивното сушење и стабилизирање се врши во стерилни простори со добра вентилација. По два дена, тие се подготвени за натамошна обработка. Се дробат во гранули кои се сортираат од 3-10 mm за агломерирана плута наменета за звучни изолации и гранули од 5-22 mm за плута за топлински изолации. Сортираните гранули во тек од 17-30 минути, се загреваат во автоклави со помош на пареа од 300°C до 370°C. Притоа, од гранулите се ослободува природно врзивно средство, suberin, односно се врши агломерација на плутата со сопствена смола. Агломерираната гранулација се форматира во блокови или во форма на цилиндри. Понатаму, блоковите се сечат во плочи со димензии 1000 х 500 mm и дебелини од 10 до 300 mm, а цилиндрите во ленти со дебелина од 2 до 6 mm и должина до 70 m.

Пред форматирање на плутата во опишаните форми, на гранулите може да се додадат различни лепила, природен или синтетички каучук. Производите добиени на тој начин се познати како производи од композитна плута.

456
Предности поради кои експандираната плута се користи во градежништвото

Изолациските својства на плутата се должат на фактот што минијатурните клетки, од кои таа се состои, се исполнети со воздух. Овие клетки се многу помали од клетките на други вообичаени материјали, факт кој придонесува да се потврдат исклучителните изолациски својства на плутата.

Од физика е познато дека пренос на топлина се одвива на три начина: директно (со кондукција), со струење (конвенција) и со зрачење (радијација).

Интензитетот на пренос на топлина со кондукција е во директна зависност од количината на цврст материјал од кој се состои клеточната структура, која кај експандирана плута за топлинска изолација е многу мала.

Пренос на топлина со конвекција зависи од големината на клетките, која во случај со малите клетки на плутата, нема големо влијание.

Зрачењето исто така зависи од големината на клетките: минорната големина на клетките на плута е причина, огромен број пати тие да се загреваат, ја апсорбираат топлината и повторно да ја зрачат, односно вкупното зрачење е минорно. Како резултат на сите овие три факти, вкупниот пренос на топлина кај плутата е минимален (што се гледа и од ниската вредност на коефициентот l во Табела 1).

tab 1

Главни приоритети на производите од експандирана плута во однос на другите слични производи се:

  •           Имаат висока топлинска инерција
  •           Обезбедуваат висок квалитет на внатрешен воздух во простории (класа А+)
  •           Имаат мала потрошена енергија при нивното производство
  •           100% се природен производ
  •           Истовремено можат да функционираат како топлинска, звучна и анти-вибрациска изолација
  •           Се карактеризираат со висока димензионална стабилност
  •           Поднесуваат температури меѓу -180°C и +120°C
  •           Практично трајноста им е неограничена по однос на зачувување на техничките

карактеристики (официјални тестови покажуваат трајност помеѓу 40 и 45 години)

  •           Ги придушуваат амплитудите на температурните осцилации но истите и ги задоцнуваат (многу добро својство за летен режим)
  •           Релативниот коефициент на дифузија на водена пареа им е низок
  •           Отпорни се на притисок (добри механички својства)
  •           Во случај на пожар не ослободуваат токсични гасови
  •           Не реагираат на хемикалии
  •           Глодарите не ги напаѓаат
  •           100% рециклирачки и можат повторно да се употребат во други апликации

Покрај напред наведените својства, производите од плута леснo и брзo се вградуваат, лесно се одржуваат, од здравствен аспект површинската финална обработка не дозволува задржување на прав, поради што не помага при размножување на бактерии и габички, комфорот што плутата го обезбедува како составен дел во производите ја ублажува психичката напнатост кај присутните лица итн.

Како резултат на дел од напред наведените карактеристики во однос на еколошкиот момент и животната средина, водечката европска компанија за производство на плута, AMORIM од Португалија, за своите производи од експандирана плута се здоби со сертификат „Зелен градежен производ топ-10 за 2013“ (BuildingGreen Top-10 Product for 2013), доделен од страна на најголемиот северноамерикански Директориум на производи за одржливо градежништво. Исто така, AMORIM освои  прво место на ЕКО ТЕСТ од германско списание „Wohnen & Renovieren“ а поседува и документ за класа А+ за емисии во внатрешен амбиент, според француската VOC регулатива за емисија на штетни гасови.

7 8 9
Агломерирана
плута за облагање на подови и ѕидови

Подовите од плута сè повеќе и повеќе добиваат актуелност заради своите карактеристики, со оглед на тоа што обединуваат два битни моменти: естетика и низа поволни технички својства. Ако пред неколку години подовите од агломерирана плута излегоа од мода, од неодамна тие станаа неодминлив производ во доменот на извонредно дизајнирање на ентериерот. Истовремено, тие ја демантираа идејата дека тврдите подови се причина за создавање голема бучава и студена средина.

Од медицински аспект, еластичноста на плутата во подови овозможува вакви подови да ја релаксираат напнатоста во ʼрбетниот мозок и зглобовите во телото на лицата што престојуваат, со чувство на пријатнен допир дури и кога се оди бос по подот (важен факт во некои култури).

Со портфолио на португалската „Бизнис единица за подни и ѕидни облоги“, коешто  комбинира широк спектар на технички решенија, се направи револуција во традиционалниот концепт на подови од плута, со комбинација на уникатните својства на плутата со други материјали  (дрво, кокос, винил) и примена на други, целосно иновативни визуелизации (инкорпорирање на најновите дигитални печатарски технологии). Оваа технологија овозможува секој тип на дизајн да може да се реплицира врз плута со невиден степен на реализам.

10
Трајноста на облогите од плута (ѕидни и подни панели) е позната долга низа години. Некои докажани случаи на издржливост се:

- Подови од плута монтирани во 50-тите години од минатиот век во Библиотеката на Техничкиот факултет за шумарство (Escuela Técnica Superior de Ingenieros de Montes) во Мадрид, и покрај огромна фреквенција на посетители, сè уште се во добра состојба;

- И денес постојат крила во болницата „Санта Марија“ (Santa Maria Hospital) во Лисабон, каде што подовите од плута, дури и со децении користење при екстремно висок сообраќај, се во добра состојба;

- Многу згради во Лисабон, во упореба од 40-тите и 50-тите години од минатиот век,  до денес имаат оригинални подови и ѕидни облоги од плута.

11
Шпанскиот архитект Хорди Бонети Арменгол (Jordi Boneti Armengol), задолжен за градба на Sagrada Familia од Antonio Gaudí, вели: „Отсекогаш плутата ја сметав како одличен материјал и ја употребувам во голем број свои проекти. Кога користев плута, резултатите беа добри, а од економска гледна точка тоа е исто така интересна опција“.

Во идниот број на „Порта 3“ подетално ќе се запознаеме со дел од градежните конструкции со изолациски материјали од експандирана плута.
tab 2д-р Петар Николовски, дипл.инж.арх.

2 Коментари

  1. Александар

    Кој продава плута во Македонија?

  2. I mene me interesira istoto, podni i zidni paneli pluta, kade mozat da se najdat?

Испрати коментар до Author Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top