Насловна / Вести / Нефункционални и руинирани чешми низ центарот на Скопје

Нефункционални и руинирани чешми низ центарот на Скопје

cesmi - centar_1

 На скопјани им пречи недостигот или дефектните чешмички во централното подрачје, иако, искуствата се врзуваат и за целата градска територија. Но, се чини во Центар има најголема фреквенција на пешаци, па оттаму се јавува и потребата за поредовен третман и сервисирање на постојните мали фонтани. Скопјани ги поздравија новите чешми со регулатор, за порационално трошење на водата, но дел сметаат дека ги има премалку и треба да се распоредат според концентрација на луѓе во центарот.

„На некои им е искривен или демолиран горниот дел, други се со слаб притисок, трети воопшто не работат, а четврти, практично, се скриени на нефреквентни локации. Плус, зошто исчезна чешмата за свежа вода на кејот кај ГТЦ? Дали поради терасите на кафулињата? Колку вкупно чешмички има во Центар и кој се грижи за нив?“, прашува жителка од Кисела Вода. Таа потенцира дека, можеби, ќе дојде ново африканско лето, па чешмите повторно ќе бидат магнет за жедни и испотени минувачи.

ЈП „Водовод и канализација“ е одговорно за одржување на 161 чешмичка низ цело Скопје. На територијата на Центар се поставени 18 – една на заден влез од Клиника, две на улицата „Народен фронт“, две на „Салвадор Аљенде“, по една кај „Мала станица“, во „Урбан парк“, спроти Собрание, зад „Краш“ на улица „Македонија“. Исто така, од претпријатието посочуваат и чешмичка на „Рекорд“, на улица „9 Мај“, две на кеј на Вардар, кај полициската станица „Беко“, кај кружниот тек на „Гологанов“, уште една пред црквата „Св. Спас“ и две околу црквата „Св. Димитрија“. Не пишуваат колку од нив редовно функционираат.

„Сезоната на користење на чешмичките е од втората половина на април до септември, соодветно со потребите на граѓаните и временските состојби. По извршувањето на проверката на состојбата со доводот и одводот на вода и монтажата на вентилите, до крајот на овој месец чешмички ќе бидат пуштени во употреба. Формиран е наменски тим кој ќе врши секојдневни проверки, контроли и интервенции на сите чешмички кои се во наша надлежност“, велат од „Водовод“. Потсетуваат за временските вентили од 2011 за разумно и рационално користење на водата, но се соочуваат со вандалско однесување од граѓани кои ги оштетуваат, ги крадат и манипулираат со вентилите за млаз. Апелираат, скопјани малку поодговорно да ги користат чешмичките.

Од ЈП „Водовод и канализација“ апелираат и граѓаните да се активираат за да се пронајдат и препознаат дефектните чешмички. Доколку скопјани забележат некаков проблем со функционирањето на која било чешмичка, можат да пријават на бесплатниот телефонски број 0800 22 555 (само од фиксен телефон) или на телефонот 3073-010 (од фиксен и мобилен).

cesmi - centar_2

Испрати коментар

Scroll To Top