Насловна / Архитектура / Наш Ранко Радовиќ, архитект, урбанист, професор, писател, сликар… На врвот на Фуџи

Наш Ранко Радовиќ, архитект, урбанист, професор, писател, сликар… На врвот на Фуџи

Секој си носи во себе некоја сопствена слика на просторот и времето, градовите и пределите, куќите и бреговите. Си ткае и си создава цел еден нов свет, нови бои од мечти, од бајки, од паметења, од поезија… Со еден збор, секој си има  некоја извонредна и посебна географија на сништата.

Ranko Radovich, arhitekta

Јапонската планина Фуџи отсекогаш била таинствен далечен предел кој го сакаме оддалеку како име, слика, поетика… како во хаику песната на поетот Башо:

„На брегот на езерото Кавагучи сонувам,

Додека Фуџи низ маглата која плови,

Илјада свои лица покажува“

Во Јапонија четири петини се брда и планини. А Фуџијама е како лав помеѓу соседи, како цар на планините на јапонското небо. Во таа земја на исток од Истокот, Фуџи е света планина родена во оган и пламен. Фуџи уште отпорано нè има освоено со снага која ги буди и инспирира поетите, едноставно, ја симболизира Јапонија, отсекогаш.fuji-mountain

Во кусите два летни месеци се искачуваат околу 300.000 освојувачи на 3.776 метри височина, на кратерот на „огнената планина“ што се издигува над морето. Се сретнавме со задреманата планина на графиките на големиот Хокусаи, кој ѝ го подарил своето срце нежно и искрено низ  ликовниот запис „36 погледи на планината Фуџи“. Најпосле, Јапонија не е само Фуџи, но Фуџи е лик и израз на Јапонија. Искачувањето на кровот на таа далечна земја дојде како долг кој мора да се врати, па така се упативме на девет часа долго пешачење до врвот.

Неактивниот вулкан стар 600.000 години се совладува во 10 етапи, од шест правци – патеки кои водат до работ на кратерот. Се качувавме ноќе за да го дочекаме изгрејсонцето „гораико“ , единственото раѓање на сонцето. Ми раскажуваа за ерупцијата од 1707 година, кога на тогашниот главен град Едо паднало 15 см вулканска пепел, на 100 км далеку. Но ни во август планината не се ослободува од оковите од облаци. Патеката до врвот се протега обележана со знаци за кои треба и вештина и време. Темносиво тло, парчиња од магматски карпи, прашина разлеана и стопена во сликата на небото, спуштено на дното со сите свои ѕвезди.

По неколкучасовен одмор во една дрвена куќа, во еден и пол по полоќ, тргнавме на последен, сè пострмен и покривулест пат, кој наместа се претвораше во неброени скали кон врвот. До горе, пред модернизацијата на Јапонија, во Меиѓи ера од 1828 година, не стапнала ниедна женска нога. Сега ги има илјадници. А прв странец се качил на планината во јуни 1860 година. Беше нели, Англичанец и беше секако – дипломат.

fuji-mountain-top-20-mount

На изгрејсонце, околу четири часот, бев на врв на планината Фуџи. На исток, напред, полека се разденуваше. Одзади е темниот кратер длабок 220 метри со пречник од  500 метри, изгледаше стар и уморен од темнината и од сон. Ладното фаќа за раце и ги стега. И Јапонците и сите останати си ги подготвуваат апаратите. Домаќините на колибите за 30 јени со вжештено железо ги бележат дрвените стапови, дека ете, сте го дочекале изгрејувањето на сонцето во нивната земја.

Еве го сонцето

Тоа е темноцрвена голема џамлија од нашето детство, а и корал за детенцето покрај Јапонското Море. Брзо се движи над непрегледната долина на бели облаци и грее и ја осветлува се повеќе темната силуета на Фуџи. Стрмните падини од тука изгледаат како провалија без крај, а боите наоколу се изгорени, пригушени во оган. Растенија нема, снег нема, вода нема, само небото синее и се радува на утрото. Уште пред 12 векови поетот Акахито зборуваше:

„Еве лесно чекорам по брегот на Того

И гледам возвишен Фуџи,

Неговиот чудесен врв над земјата ја подига

Својата бела круна низ белината на небото“.

Се симнувам од планината Фуџи со мисли дека онака како си мечтаеме и си ја замислуваме, таа не е само на врвот – таа е во духот на Јапонија. Фуџи е во нас.

Есејот го подготви Даница Павловска Циги

Испрати коментар

Scroll To Top