Насловна / Архитектура / Најголемиот пасивен објект во Обединетото Кралство

Најголемиот пасивен објект во Обединетото Кралство

Оваа година се наврши првата годишница од отворањето на Центарот за медицина при Универзитетот во Лестер, а кој се смета за најголемиот пасивен објект во Обединето Кралство. Станува збор за објект во кој ќе се одвива и наставниот процес и апликативните истражувања во доменот на медицината, а со цел не само да се оспособат новите генерации на лекари туку и преку истражувачката работа да се подобри борбата против хроничните заболувања.External

Објектот вреден 42 милиони фунти, се смета исто така за најголема инвестиција во доменот на медицинското образование и апликативно истражување во земјата во последната деценија. Притоа, 32 милиони фунти биле одвоени од страна на универзитетот за изградба на објектот, додека преостанатите 10 милиони фунти се собрани преку апел за донации.Processed with VSCOcam with s3 preset

Центарот за медицина е испроектиран на површина од 13000 метри квадратни и обезбедува сместување за 2000 студенти и 400 вработени. Архитектонскиот концепт на објектот е базиран на двокатен објект во кој се сместени главните простори за образование: два амфитеатри, поголемиот со капацитет од 300 лица и помалиот со капацитет од 150 лица, во комбинација со простори за неформално учење. Рамниот кров на двокатниот објект претставува своевиден подиум од кој се издигаат три меѓусебно поврзани „кули“ со различна височина, во коишто се наоѓа комбинација од лаборатории, наставни простории и канцеларии.Processed with VSCOcam with s3 preset

Во согласност со барањата на стандардот „пасивхаус“, објектот побарува само 15 kWh/m2 годишно за згревање и 116 kWh/m2 за годишна потрошувачка за примарна енергија. Со оглед на тоа што стандардот е базиран на концептот за намалување на термичките загуби преку обвивката на објектот, конструкцијата на објектот го отсликува овој пристап. Како резултат на ова, првите два ката на објектот што го формираат подиумот, главно, се изведени како традиционален надворешен сендвич ѕид со надворешен ѕид од тула, меѓупростор исполнет со 30 см термоизолционен материјал и внатрешен ѕид од бетонски блокови. Надворешниот и внатрешниот ѕид меѓусебно се поврзани со ниско кондуктивни спојници, со цел да се намалат термичките мостови, додека од внатрешната страна ѕидовите се измалтерисани со гипсан малтер како би се подобрила воздушната непропустливост на опшивката на објектот. За разлика од ова, „кулите“ се изведени по принципот на висечка фасада при што како фасадна обработка се користени плочки од тула. За да се намалат термичките загуби низ отворите на објектот, прозорците се со тројно застаклување. И покрај различниот пристап во обработката на надворешните ѕидови, објектот го задоволил стандардот „пасивхаус“, при што надворешните ѕидови постигнале У-вредност од 0,13 W/m2K. Квалитетот на испроектираната и изведената фасада, исто така, овозможил објектот да го помине и тестот за воздушна непропустливост на објектот, при што биле измерени загуби од 1 м3 на час по 1 м2 од површината на објектот при притисок од 50 Паскали.Processed with VSCOcam with s3 preset

Концептот „пасивхаус“ е базиран на примената на механички систем за вентилација кој исто така се користи за загревање на објектот. Свежиот воздух од надворешноста на објектот поминува низ изменувач на топлина кој ја користи топлината на загадениот воздух што се исфрла од објектот за примарно загреавање на свежиот воздух од надвор, за потоа тој дополнително да се догрее до бараното ниво пред да се дистрибуира низ објектот за загревање на просториите. Како резултат на ова, во зимскиот период објекот функционира како затворен објект со механичка вентилација. Дополнително, на приземјето е вградено подно греење, за кое топлината се добива од градскиот систем за греење на Лестер.4_Foundations showing depth for ground air heat exchanger 3_Foundations with ground air heat exchange pipe

Во другите периоди на годината, корисниците на објектот можат да ги отворат вентилационите панели лоцирани до прозорците и со тоа да овозможат природна вентилација на просториите. Отворањето на вентилационите панели се регистрира од системот за управување во објектот којшто го сопира системот за механичка вентилација и греење.Processed with VSCOcam with s3 preset Processed with VSCOcam with s3 preset

Во текот на летото објектот е заштитен од прекумерно загревање и преку термичката маса на конструкцијата на објектот, при што армирано-бетонската носива конструкција и долната страна на меѓукатните плочи се оставени видливи за да ги намалат промените во внатрешната температура на објектот. Притоа, акумулираната топлина во овие конструктивни елементи се црпе во текот на ноќта преку уредите за контрола на воздухот. Дополнително, долната страна на меѓукатните плочи на првиот и вториот кат во просториите со најголемо ниво на користење, во себе содржат седум километри вградени цевки за ладење низ кои тече студена вода за да се извлече топлината од нив.

За дополнително намалување на потрошувачката на примарна енергија, под објектот е вграден 1,6 километри долг систем за црпење на топлинска енергија од почвата, кој функционира по принципот земја–воздух и се користи за загревање и ладење на објектот. Потрошувачката на електрична енергија е потпомогната преку инсталација на 115 м2 соларни ќелии за производство на електрична енергија.Processed with VSCOcam with s3 preset 1_ExteriorfromUniversityRoad

Софистицираниот пристап кон градежните инсталации на објектот, примената на концептот „пасивхаус“ и примената на обновливи извори на енергија, придонеле за создавање на еден исклучително комплексен, но еколошки објект. Еколошките аспекти на објектот дополнително се потенцирани преку примената на зелен кров и зелен ѕид, сертификатот „пасивхаус“, А класа сертификат за енергетско однесување на објектот (EPC) и одлична оценка, според Методологијата за еколошко оценување на Заводот за градежно истражување (BREEAM).

Варен Џукс (Waren Jukes), директор на Асоцијацијата на архитектите за реализацијата на овој проект истакна: „Стекнувањето на пасивхаус акредитацијата е исклучително достигнување за објект од оваа големина и комплексност. Ова е кулминација на петгодишната работа на нашиот тим, и ние сме многу горди дека успеавме да реализираме објект од овој вид со најмала потрошувачка на енергија во земјата. Она што ние успавме да го постигнеме, укажува дека е можно да се достигнат предизвиците за намалување на потрошувачка на енергија во рамките на изградбата на комплекс“.1280x720-UoL-Centre-of-Medicine4

Центарот за медицина при Универзитетот во Лестер претставува исклучителна архитектонска реализација во доменот на објектите наменети за терцијално образование, кое ќе биде запаметено според достигнатото ниво на енергетска ефикасност, а и ќе послужи за споредба на успешноста на сите оние слични објекти коишто ќе следуваат не само во Обединетот Кралство, туку и пошироко. Преку овој објект, универзитетот во Лестер не само што придонел кон развојот на архитектурата, туку создал просторни предуслови во коишто ќе се оспособат и идните генерации на лекари, но и ќе се подобри борбата против хроничните заболувања преку истражувачката работа која ќе се одвива во него.

Проектантски тим:

Клиент: Универзитет во Лестер (University of Leicester)

Архитект: Associated Architects

Инженер за инсталации: Couch Perry Wilkes

Консултант за воздушна непропустливост: HRS Services

Консултант за Пасивхаус: WARM

Градежен инженер: Ramboll

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top