Насловна / Вести / Мировен марш за чист воздух на 21 септември

Мировен марш за чист воздух на 21 септември

За Светскиот ден на мирот, О2 Коалицијата за чист воздух заедно со Меѓаши овој четврток (21 септември) ги повикуваат сите иницијативи, граѓански организации, независни активисти, политички партии и поединци да излезат на Мировен марш за чист воздух.

Протестниот марш почнува од 17 часот пред владината зграда, каде јавно ќе се соопштат барањата на 13-те организации кои ги доставија до Министерството за животна средина.Miroven-mars-za-cist-vozduh

„Потоа ќе се обратат неколку од нашите активисти и во 17:30 чaсот ќе тргнеме кон Карпош 3, каде што ќе им дадеме поддршка на Граѓанските иницијативи Ние сме Карпош 4, Стоп на загадувањето, Воздух сега! и Карпош 3, кои ќе достават свои барања и петиција до Општина Карпош за зачувување на зелениот појас долж реката Вардар (градска четврт 3.04) кој доколку се урбанизира според предвидените незаконски донесени плански документи ќе значи уште еден тежок удар за и онака прекумерно загаденото Скопје“, стои во повикот за маршот.

Иако според Уставот на РМ здравата животна средина му е загарантирана на секој граѓанин на нашата земја, еко-организациите забележуваат дека во последниве години сите се сведоци дека во реалноста тоа не е така.

Потенцираат дека има енормна стапка на загаденост, незапаметен број на заболени лица, како и на смртни случаи, директно предизвикани од загадениот воздух во критично загадени општини во Македонија.

„Загадувањето во Македонија се должи на многу причини, од кои главните се: противзаконското работење на индустриските погони (без инсталација на соодветни филтри и без придржување до пропишани стандарди), непланското уништување на урбаното зеленило, незаконската и агресивна урбанизација, неспособноста за управување со отпадот, застарените решенија за транспорт, греење итн. Заеднички именител за сите овие е неспроведувањето на законите во РМ. Токму затоа особено се надеваме дека маршот искрено ќе го поддржат народните избраници од кои очекуваме да не го користат за добивање на политички поени“, соопштуваат од О2 Коалиција за чист воздух.

Од народните избраници очекуваат да се обврзат и да се залагаат за исполнување на барањата кои ги доставија до институциити, а без притоа да се кријат зад изговорите „економски развој“ и „странски инвестиции“.

Испрати коментар

Scroll To Top