Насловна / Вести / Камикатсу – мал град со голема амбиција или како да се постигне целосен „нула отпад“!?

Камикатсу – мал град со голема амбиција или како да се постигне целосен „нула отпад“!?

Урбаните места најмногу се соочуваат со предизвици поврзани со животната средина, а воедно носат и обврска и потреба од иновативен пристап при решавање на проблемите. Секој заслужува да живее во здрава животна средина, а за тоа е неопходно човекот да живее во хармонија со природата, постојано да изнајдува начини за подобрување на квалитетот на живот и да го редуцира своето влијание врз глобалната животна средина.kamikatsu (2)

Најблиску до овој начин на живот како можеби единствен начин за почиста иднина, е концептот на „нула отпад“. „Нула отпад“ е визија за одржлив животен стил ослободен од отпад, без горење и депонии. Основите цели на овој концепт се: намалување на количината на отпад, повторна употреба и рециклирање.

При управување со отпад да нема штетни емисии во земјата, атмосферата и водата, без отпад во животниот циклус на производите (превоз, потрошувачка, складирање) и без употреба на отровни материи во процесот на производство, како и во самите производи. Оваа практика на управување на отпад треба да се базира на секојдневниот живот, па затоа малиот град Камикатсу, во Јапонија, кој е предводник во „нула отпад“, е пример за најдобра практика.

Целта на овој концепт е заштита на животната средина и заштита на животот и здравјето на луѓето. „Нула отпад“, значи рационално и одржливо користење на природни богатства, избегнување и максимално намалување на количеството на создадениот отпад, искористување на употребливите состојки од отпадот и одржлив развој со зачувување на природните ресурси.kamikatsu

Во 2003 година, јапонскиот град Камикатсу изјави амбиција за третирање на отпадот според принципот на „нула отпад“. Оттогаш, жителите на ова место ја прифатија,  и секојдневно ја применуваат најдобрата програма за рециклирање во светот. Денес, оваа заедница е на добар пат да елиминира цели сто проценти од својот отпад и да биде целосно ослободена од отпад. На почетокот на деведесеттите години на 20 век, овој град се соочувал со проблеми поврзани со отпад.  Со отпадот се справувале со горење и носење во депонии, а со зголемената употреба на пластиката во домаќинствата, се зголемила и грижата за здравјето заради испуштањето на штетни отрови во воздухот. Токму тогаш, иницијативата „нула отпад“ го обележува својот старт, со цел да создаде одржлив животен стил. Оттогаш, отпадот за нив станува ресурс кој може да се искористи.

На почеток, граѓаните го складирале отпадот во девет категории, а до денес овој број порасна на 34 различни категории за поделба и складирање на отпад. Денес не можете да најдете камиони за ѓубре во овој град, бидејќи граѓаните самостојно го носат отпадот на место наменето за собирање и одделување на отпад и го делат според соодветните категории. Секоја кутија за складирање е означена според целта и намената, а покажува и информации каде ќе биде рециклиран тој отпад, во што ќе се претвори (повторно ќе се употреби)  и колку ќе чини. Минатата година, граѓаните се обврзаа да постигнат целосен нула отпад до 2020 година (досега стапката на рециклирање изнесува 80 проценти, што претставува највисока во светот).

Покрај зачувување на природната средина за идните генерации, градот понатаму има амбиција да ја подигне еколошката свест кај индивидуалците, да не произведува отпад за горење и ставање во депонија, со тоа што ќе се користи методот на повторна употреба и модел на рециклирање, и ќе воспостви комуникација со заедниците ширум светот што ја делат истата свест и желба за почиста иднина. Градот има и продавница во која граѓаните можат да донесат предмет кој не го употребуваат и да земат од продавницата она што им се допаѓа – бесплатно.

Во градот има фабрика каде што се прават чанти и облека од стари и носени алишта. Овие установи, како и Центарот за складирање на отпадот, се водени од локална непрофитна организација Zero Waste Academy. Исто така, значаен е и податокот дека сиот органски отпад, односно сè што е од природно потекло, е воден од страна на секое семејство каде се рециклира 100 проценти. Голем број од жителите на ова мало место, поседуваат сопствени фарми и користат сопствено  природно ѓубриво, додека останатите купуваат локален компост.kamikatsu (3)

Главната поделба на отпадот е запалив и незапалив. Кога ќе се земе предвид ограничениот островски простор, прифатлив начин за исфрлање на отпадот е со палење. Благодарејќи на брзиот технолошки развој, денес Јапонија ја има најсигурната и најчиста технологија на палење на отпад во светот.

Промена е можна, потребна е иницијатива, желба и акција, започувајќи од индивидуалната свест, преку граѓанска иницијатива и поддршка од властите до општествена свест за ова значајно прашање. Ганди рекол: „Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“, а граѓаните на ова мало место, неговите зборови ги преточија во активно дејствување за промена, со што претставуваат инспирација за целиот свет.

Пишува: Марина Верушеска

Испрати коментар

Scroll To Top