Насловна / Вести / Изложба на уметнички дела откупени на вториот конкурс на Министерството за култура

Изложба на уметнички дела откупени на вториот конкурс на Министерството за култура

Izlozba na otkupeni dela2016

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, попладнево беше отворена изложба на дела откупени со  вториот конкурс на Министерството за култура за откуп на уметнички дела и скулптури од галериски формат за 2015 година.

На конкурсот се откупени 59 дела од 52 автора, од кои 43 ликовни остварувања, а 16 се скулптури. Избрани се од стручна комисија во состав: Викторија Васева-Димеска, Конча Пиркоска, Сафет Ахмети и Маја Неделкоска-Брзанова.

Отворајќи ја изложбата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека со новиот конкурс постојаните поставки и депоата на националните музеи, како и просторите на државни институции, ќе се дополнат и збогатат со дела на еминентни автори кои, како што рече, со своето творештво оставија траен белег во македонската ликовна уметност. Потсети дека конкурсот за откуп е стимулативна мерка од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 чија цел е и да се поттикне домашното уметничко творештво и афирмацијата и статусот на македонските уметници.

Izlozba na otkupeni dela20161

На првиот конкурс за 2014, и на овој, втор конкурс за 2015, откупени се вкупно 113 ликовни дела и скулптури од галериски формат, за што од буџетот се одвоени 13.389.000 денари.

– Откупивме дела на автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, и кои осознавајќи го сопствениот вредносен код ги надминаа границите на нашата држава и го освоија европскиот културен простор, но особено радува фактот што не изостанаа и делата на младите македонски уметници со изразен творечки идентитет, рече Канческа-Милевска која ги повика уметниците да аплицираат и на следниот, трет конкурс за откуп.

Меѓу 43-те автори чии дела се откупени на овој конкурс, се: Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Томо Владимирски, Томо Шијак, Иван Велков, Драгутин Аврамовски Гуте, Александар Јанкуловски Цане, Роберт Јанкуловски, Александар Станковски, Ирена Паскали, Антони Мазневски…, а меѓу авторите на скулптури се:  Васко Василев, Јордан Грабуловски, Александар Ивановски Карадаре, Жарко Башевски, Исмет Рамиќевиќ, Ибрахим Беди, Илија Аџиевски, Бранко Јакшиќ…

Испрати коментар

Scroll To Top