Насловна / Вести / Изградба на фекална канализација до населбата Сончев град

Изградба на фекална канализација до населбата Сончев град

soncev grad - fekalna

 Министерството за транспорт и врски бара изведувач на фекалната канализација до идната елитна населба Сончев град и до населеното место Сопиште. За реализацијата на овој дел од инфраструктурата од државниот буџет е предвидено да се издвојат финансиски средства во висина од околу четири милиони евра. Со зафатот ќе се изведе канализационата мрежа за одведување на отпадните води од луксузната населба кон постоечката инфраструктура во општините Аеродром и Кисела Вода. Првиот сегмент во должина од 3,8 километри ќе почнува од Сопиште до крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“, додека втората ќе почнува од Сопиште преку регионалниот пат Р302 кон колекторот во Горно Лисиче.

 Рокот за изведба на фекалната канализација до населбата Сончев град изнесува 18 месеци. Компаниите што се заинтересирани да учествуваат на тендерот ќе треба да ги достават своите понуди најдоцна до 9 јуни, за кога е предвидено и нивното јавно отворање. Од средствата на граѓаните досега се финансираат неколку инфраструктурни проекти поврзани со луксузниот комплекс Сончев град. Минатата година започна изградбата на регионалниот пат Р2138, кој преку падините на Водно треба директно да ја поврзе оваа населба со центарот на Скопје. За оваа намена, од државниот буџет се издвоија финансиски средства во висина од 412.308.315 денари или околу 6,7 милиони евра.

 Министерството за транспорт и врски во февруари годинава обелодени дека до елитниот комплекс ќе се гради водоводна и канализациона мрежа, проект за кој од државниот буџет ќе се потрошат 566.007.218 денари или околу 9,2 милиони евра. Ако се земе предвид и трошоците за изградба на патот, тогаш за инфраструктурата на идната приватна населба ќе се инвестираат преку 970 милиони денари или над 15,9 милиони евра. Сончев град е огромен проект на турската компанија „Џеваир Холдинг“, која на јужниот дел од падините на Водно планира да изгради елитна населба за побогатите македонски граѓани. Локацијата со површина од 83,56 хектари тие ја купија за речиси 1,8 милиони евра пред една и пол година.

Испрати коментар

Scroll To Top