Насловна / Арт и дизајн / Хонг Конг: Вертикален град – еден сосема друг контекст

Хонг Конг: Вертикален град – еден сосема друг контекст

Конечно ги доживеав зборовите на Артуро Сориа и Мата, шпанскиот урбанист од средината на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век: „Не е битна дистанцата, туку времето за кое таа дистанца ќе ја поминеш“. Глобалните конекции денес совладуваат не само дистанци, туку газат преку контексти, ја зашеметуваат перцепцијата и ја искривуваат реалноста.arhitektura na gustina - stanben blok

Сликата за градот се претвори во далечна меморија која под дебелиот слој на прав не го спознава повеќе топосот; градот се трансформира во приказна која, колку и да ти е позната, секогаш можеш повторно да ја прочиташ.guzva po ulici

На патот кон југоисточна Азија контекстите се променија многу бргу. Првата дестинација беше Истанбул каде отседнавме 11 часа; само еден ден пред бомбашките напади на Таксим. Tокму таму решивме да поминеме поголем дел од времето. Во мислите се спремавме за нашата прва средба со еден од најгусто населените градови на планетата: една од областите што лежи на копнениот дел од Хонг Конг, на полуостровот Коулун (Kowloon), се нарекува Монг Кок и има густина од 130.000 жители на километар квадратен.skaj lajn na Hong Kong pogled kon Kowloon od Vrvot na Ostrovot Hong Kong1

Скај лајн на Хонг Конг: Поглед кон Коулун од врвот на островот Хонг Конг

Гинисовата книга на рекорди ја прогласи таа област како најгуста на планетата Земја. Во малото кафуле близу Таксим во Истанбул, во очекување на нашиот лет, оддалечени само 200 метри од азискиот континент, ментално се подготвувавме за нашето физичко соочување и повторното менување на контекстот.

Четири часа по прелетување над Тибетската висорамнина и белите куполи на врвовите на Светот, нашиот авион слета на аеродромот Чеп Ла Ког, Хонг Конг, во 17 часот по локално време.priroda vs grad (2)

Природа vs град 

Првото нешто што човек ќе го забележи е и последното нешто што ќе го запамети за Хонг Конг. Неговата вертикалност. Фотографиите и останатиот материјал што дигитално и печатено стојат на располагање, неправедно ја пренесуваат сликата за градот. Тој е создаден врз изохипсите на стрмоглавата топографија, дивото зеленило и преплетот помеѓу плаветнилото на Јужното Кинеско Море и комплексната географија на малите острови и живописното копно.Hong_Kong_International_Airport Chep La Kog

Меѓународниот аеродром Chep La Kog во Хонг Конг

Градот наликува на фасцинантна милонга во која танцуваат Рио, Њујорк и Токио. Градот се раѓа помеѓу густата џунгла за повторно таму да изчезне, напојувајќи се од неа со духовност и некој суптилен мистицизам. Корените на Хонг Конг се видливи, ги прекриваат фундаментите на градот, растат од нив, растат во нив, креираат безброј испреплетени приказни кои се полни со меморија.

Во општиот „mayhem“ каде главните протагонисти се изградената градска структура и природно израснатата структура, која од која поурбана, се претопуваат концептите за функционалност. Зеленилото и целата природа создаваат соигра помеѓу физичкото и духовното.arhitektura na gustina, hong kong stanben blok

Архитектура на густина – станбен блок во Хонг Конг

Островот Хонг Конг, еден од најгустите и најинтересните делови од градската структура, топографски ја оформува градската виста со својата висинска разлика од околу 500 метри над морската површина. Во своето подножје распостелени ги откриваме квартовите како што се Централ и Ван Чаи, каде што се изградени фасцинантните висококатници од познатиот Хонг Конг скај-лајн.

Тргнувајќи пеш од Централ, уличниот профил се стеснува и станува сè поинтересен, отворени кафе барови со шанкови кои излегуваат директно на улица, суши барови, па се до ултра луксузни монобренд продавници. Градот започнува со своето искачување веднаш зад аголот на улицата Queen’s број 100, каде што неочекувано навлегуваме во јавен систем на ескалатори, наречени mid-levels escalators, кои со своите 20 ескалатори и три подвижни ленти ни дозволуваат да совладаме 150 метри висинска разлика.botnicka gradina

Ботаничка градина

Движењето низ овој систем е вистинска урбанистичка екскурзија, на повеќе места се отвораат излези кои формираат мали јавни простори или пак влезови кон јавни или приватни објекти. Качувајќи се кон највисоката точка со овој јавен транспортен систем, градот го открива сето свое богатство. Од највисоката точка, наместо јавен траспорт, по испреплетените пешачки патеки стигнавме до градската ботаничка градина која е поставена на висока тераса и е дом на огромен број врсти флора. Градината, суптилно имплантирана во градската матрица, служи и како мини траспортен хаб, кој за многу кратко време нè пренесе на друг дел на градот.

Градот е полн со контрадикции, со градска густина од 22.193 луѓе на км2  со која се приближува на Мумбаи, БДП $45.090 во 2010 година, вредност слична на она на Лондон и Њујорк, процент на криминална стапка слична на онаа на Цирих, а седум пати помала од онаа на Њујорк (0,7 убиства на 100.000 луѓе годишно) креира сценографија која Богдан Богдановиќ би можел слободно да ја толкува во својот „Мал Урбанизам“, а Ле Корбизје да влече инспирација за Ville Radieuse…topografija

Топографија

香港 како што на кинески се нарекува Хонг Конг, а во буквален превод значи „опојно пристаниште“ (fragrant harbor), се наоѓа на вливот на Бисерната Река (Pearl River) во Јужното Кинеско Море. Својата северна граница ја дели со Република Кина со нејзината провинцијата Гуангдонг. Хонг Конг, САР, Кина, е автономна територија со системот наречен „една држава, два система“.

До 1980 година Хонг Конг бил британска колонија. По преговорите помеѓу Велика Британија и Република Кина се постигнува заемна декларација која на 30 јуни 1997 година ја прогласува територијата за суверена, односно како специјален административен регион.mong kok

Монг Кок

Истиот принцип го ужива и Макао, кој се наоѓа веднаш западно. Хонг Конг е еден од трите најголеми финансиски центри во светот, заедно со Њујорк и Лондон, а важи за број еден туристичка дестинација. Лимитираното земјиште за градење и инфраструктура го создава градот како водечки центар за модерна архитектура, кој поседува најголем број висококатници во светот, според проверени извори 7.681 објекти, односно 380 објекти повисоки од 150 метри и со тоа на прво место пред Њујорк (236 објекти) и Токио (139 објекти).

Во тој контекст, градот го поседува најспектакуларниот хоризонт (sky-line), со најсилна визуелена импресија; погледот кон пристаништето Викторија, островот Хонг Конг, препознатлив насекаде. Триесет и шест од стоте највисоки згради во светот се наоѓаат во Хонг Конг, додека фактот што најмногу луѓе, во еден град, кои живеат над четиринаесеттиот кат се наоѓаат токму таму, со цело право му се доделува приматот највертикалниот град на светот.

Арт Базел

Приказната за овој величенствен конгломерат од природа, густа изграденост, културолошки диверзитети, фантастична ифраструктура и спој помеѓу ориентот и окцидентот нема да биде целовита ако не се спомне Art Basel. Најголемата саемска манифестација која ја слави современата уметност и еднаш годишно, во Азија, токму во Хонг Конг ги собира најголемите галериски имиња на едно место. Настанот трае пет дена, а нашата одлично скроена агенда беше спонтано приспособена за да не го пропушти.art basel opsto1

Во Заливот Викторија, во Хонгконгшкиот центар за конвенции и изложби, на два ката во две огромни сали, Арт Базел беше критична точка на уметноста во целиот свет. Најголемите колекционери и имиња од критиката беа присутни со цел да се направи резиме на светската уметничка сцена.anish kapoor lisson gallery

Аниш Капор

Помеѓу големите беше забележан Роман Абрамович, како и оскаровецот Леонардо Ди Каприо кој во сенка, со капа и скриено лице внимателно ги разгледуваше експонатите. Галеријата „Давид Цвирнер“ (David Zwirner) објави за Форбс дека ги распродаде сите уметнички дела со кои се претстави на јавноста на овогодишниот Арт Базел ХК, меѓу кои пет слики од Михаел Бореманс со цена од 250.000 до 1,6 милиони долари.jean michel basquiat

Жан Мишел Баскијат

Галеријата „Гагосијан“ која од пред две години отвори своја бранша во Хонг Конг, вечерта пред Арт Базел, отвори изложба, прва од овој тип, на Жан Мишел Баскијат а на својот штанд претстави дела од Џеф Кунс: две нови дела со наслов „Gazing Balls“. Со своето дело „Stellar Green Pearl“ од 2014 година големо изненадување ни приреди британско индискиот автор Аниш Капур, како и делата на јапонскиот современ автор Такаши Мураками, Британецот Демјан Хирст, Кит Харинг, Роберт Раушенберг, Аи Веивеи и многу други.takashi murakami

Такаши Мураками

На повеќе штандови можеше да се најдат дела од Енди Ворхол, принтови, како и туш на платно, па дури и голем формат масло на платно, заедничка слика на Енди Ворхол со Жан Мишел Баскијат со наслов „Stomach“ со цена од 1,9 милиони долари.Stomach by Warhol and Basquiat

Заедничката слика на Енди Ворхол со Жан Мишел Баскијат

Jaume Plensa - Anna B in blue

Хауме Пленса

Галеријата „Ричард Греј“ се претстави со фантастични дела од шпанскиот вајар Хауме Пленса од Барселона, имено делото „Ана Б во сино“ извајано во базалт со височина од 2,1 метри имаше одличен одзив од публиката. „Скулптурата не зборува само за волуменот, зборува за нешто внатрешно во нас самите, кое без скулптура не може да се опише“, авторот се обиде со зборови да ги долови своите дела.Not Vital - Head Nr3

Нот Витал

Галеријата „Бен Браун“ нè фасцинираше со дело од швајцарскиот уметник Нот Витал и неговата скулптура Head Nr.3 која се продаде за 150.000 британски фунти веднаш по завршување на Арт Базел.publika go nabljuduva Picasso

Во турканицата од посетители, во потрага до повеќе информација, се туркавме со новинари од Форбс, Вог, Њујорк Тајмс, Обзервер и за миг контекстот повторно се промени. Овој настан нè понесе низ интернационалниот свет на современата уметност, и ни откри еден сосема друг аспект. Вертикалниот град беше точка на вриење во уметничките води.gagosian gallery new york

Дел од презентирањето на галерија „Гагосијан“

Откако се вративме од Хонг Конг, повторно ги препрочитувам списите и базите на податоци преку кои се обидов да го запознаам градот пред патувањето натаму. И повторно ги примам тие информации како за еден град кој никогаш порано го немам доживеано. Со градот секогаш можеш повторно да се запознаеш, повторно да се заљубиш… Се прашувам дали се работи за глобална амнезија која сликите за градовите во нашиот ум ги преплетува во некој дистописки или технократски колаж, налик на оној на Фриц Ланг. Во Хонг Конг бевме и никогаш не бевме.

Пишува и фотографии: м-р Иван Мирковски, дипл.инж.арх.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top