Насловна / Арт и дизајн / Групна изложба „Заробена држава“ на македонски автори во Шкотска

Групна изложба „Заробена држава“ на македонски автори во Шкотска

Во галерија „Самерхол“ во Единбург, Шкотска, од 7 октомври до 30 ноември ќе биде отворена изложбата „Заробена држава“ на македонските современи автори: „Ефемерки“, Верица Ковачевска, „ОПА“ и Игор Тошевски. Отварањето ќе биде на 6 октомври со перформанс на „Ефемерки“ во 18:30 часот.

Куратор на изложбата е Џон Блеквуд.

Summerhall

Заробена држава“ донесува заедно шест уметници од Македонија, кои изложуваат во Шкотска првпат. Современата уметност од Македонија досега не била претставена во оваа земја, а избраните уметници низ своите дела: инсталации, видеа и перформанси, поставуваат некои од клучните прашања со кои се соочуваат уметниците низ Европа денес, и теми што се провокативно релевантни за шкотската култура и политика – вели кураторот Блеквуд.
Игор Тошевски (роден 1963 година, Скопје) е активен уште од средината на 80-тите години на минатиот век во Македонија и има активна меѓународна кариера, вклучително и да биде еден од претставниците на Македонија на Венециското биенале во 2011 година. За последните две децении, Тошевски ги разгледуваше прашањата на границите на слободата на изразување, сопственоста на јавниот простор и идеите за јавна заедница. Најзначаен проект од овој период е серијата „Територии“. Неговата најнова партиципативна територија ќе биде инсталирана во галеријата „Самерхол“.
ОПА – опсесивна посесивна агресија е долготрајната уметничка соработка помеѓу Денис Сарагиновски (роден 1971 година, Скопје) и Слободанка Стевческа (родена 1971 година, Скопје). Во текот на петнаесетте години од нивната соработка, дуото се фокусираше главно на функционирањето на општествената и политичката моќ, како и на одговорот на уметникот за работата на таа моќ. Како основачки членови на уметничката иницијатива Кооперација, заедно со Игор Тошевски, ОПА се обидоа да ја сочуваат современата уметност надвор од галеријата во македонскиот контекст, отворајќи прашања за улогата на уметникот во општеството, користејќи ефтина и достапна естетика и сув, суптилен хумор.

Верица Ковачевска (родена 1982 година, Скопје), која сега живее и работи во Цирих, ќе придонесе со чувствителна инсталација фокусирана на улогата на домувањето и идејата за домот во личната биографија. „Куќата во којашто пораснавме“ е серија проектирани фотографии и аудио кои ја опишуваат улогата на привременото домување во Скопје по деструктивниот земјотрес во јули 1963 година, како и влијанието што овие куќи го имаат на обновените населби и на генерациите Македонци кои пораснаа во нив. За разлика од спомените, овие куќи веќе масовно исчезнуваат.

Уметничкото дуо „Ефемерки“ го сочинуваат авторките Драгана Заревска и Јасна Димитровска. Во своите перформанси, „Ефемерки“ луцидно си поигруваат со историјата, со корените и со она што за некого би било вистинска светост.
Во Шкотска тие ќе ја отворат изложбата „Заробена држава“ со својата најнова веризја на перформансот „Контекстер версус дискурсор“ во кој си поигруваат со современата филозофија, јазикот и значењата меѓу различни системи.
Изложбата е прва позначајна поставка на современата македонска уметност во Велика Британија, а е резултат на истражувањата на кураторот Џон Блеквуд во последната декада, кое се базира на истражувањата на Ричард Демарко на современата уметност во поранешна Југославија меѓу 1972-76 година.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top