Насловна / Градежништво / Геотехнички истражувања за причините за настанатите деформации на Аквадуктот во Скопје

Геотехнички истражувања за причините за настанатите деформации на Аквадуктот во Скопје

geing

Основна цел на геотехничките истражувања е да се дефинира меѓусебната интеракција на природната геолошка средина и инженерските конструкции. При самото истражување на теренот, потребно е да се добие увид на неговите физичко-механички и јакосно-деформабилни карактеристики во длабочина до која се очекува да се манифестира влијанието на објектот.
Овој проблем не е можно да се согледа, анализира или разреши без примена на соодветни истражни методи, кои во принцип секогаш се поврзани со повеќе научни дисциплини. Геотехничките истражувања и испитувања ги вршат специјализирани организации и стручни лица од областа на геотехниката, кои секогаш треба да го постават проблемот интердисциплинарно и во соработка со инженери од областа на геологијата, геофизиката и градежништвото.
Природната средина скоро секогаш е недоволно позната, а нејзиното однесување е тешко предвидливо и има многу неизвесности. Трагите од сите влијанија низ геолошката историја се вклучени во сегашниот изглед, својствата и состојбата на теренот како природна средина.
Од многуте вакви случаи со кои се среќава геотехниката, овде е презентиран скопскиот Аквадукт кој е значаен за Македонија како културно историски споменик. Објектот се соочува со големо оштетување на конструкцијата, како и накривување на столбовите. Овој археолошки локалитет се наоѓа кај населба Визбегово, во непосредна близина на градот Скопје, во Република Македонија. Периодот на неговата изградба до скоро не бил познат и се смета дека е граден во текот на 15 век, кога градот Скопје започнал интензивно да расте заедно со новите градби – куќи, амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода.

geing (2)
Според податоци од тоа време (1514 година), аквадуктот содржи 55 сводови кои се потпираат на масивни столбови со квадратна основа, 42 отвори за олеснување на ѕидната маса, а вкупната негова должина изнесувала 386 метри. Аквадуктот за последен пат бил обновен по скопскиот земјотрес во 1963 година, кога биле поправени три сводови и два столбови кои се целосно срушени од јачината на земјотресот.
За добивање на подлоги за преземање на мерки за санација и рестраврација на објектот, извршени се Геотехнички истражувања и испитувања, Анализа на материјалите извршени од страна на Институтот ИМС од Белград (хемиска анализа на малтерот, минеролошка и петролошка анализа и анализа на физичко-механичките карактеристики на користените материјали – камен и цигла) и Динамичка и статичка анализа на стабилност.

geing (3)
Од страна на Д.Г.П.У. „ГЕИНГ“ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. Д.О.О – Скопје, се извршени геотехнички истражувања и испитувања во месец март 2014 година. Истражувањата имаа за цел да ги детектираат причините за деформациите на овој објект од геотехнички аспект, дефинирање на литолошката градба на теренот, со посебен осврт кон физичко-механичките и јакосно-деформабилните карактеристики на застапените почвени материјали.
За подетално прикажување на состојбата на подлогата врз која е изграден Аквадуктот, применети се следниве геотехнички истражни работи:
• Инженерскогеолошко и хидрогеолошко картирање на теренот;
• Изведба на истражни дупнатини;
• Изведба на SPT – тест;
• Картирање на јадрото од истражните дупнатини;
• Изведба на CPT – тестови;
• Мерење и регистрирање на појава и ниво на подземна вода;
• Изведба на истражни бунари;
• Картирање на истражни бунари;
• Земање оптимален број на примероци за лабораториски испитувања;
• Лабораториски испитувања (класификациони и јакосно деформабилни опити);
• Изведба на геофизички сеизмички испитувања.

geing (4)
Врз основа на извршените геотехнички и геофизички истражувања и испитувања на предметната локација, со посебен акцент на деформираната зона од Аквадуктот, како причини за појава на деформациите констатирани се релативно слабите деформабилни карактеристики на почвениот слој во кој е извршено фундирањето. Исто така, како причини за оштетувањата се малата длабочина на фундирање на објектот, водозаситеноста на теренот, локалната тектоника и промените во простирањето на површинскиот глиновит слој. Овие причини доведуваат до различното оштетување (накривување) на столбовите на аквадуктот. Поради тоа, посебно внимание треба да се посвети на промените на физичко-механичките карактеристики на глината во различните временски услови и на ефектите од бабрење на глината.
Во конкретниот случај геотехничките истражувања во целост дадоа одговор на причините за настанатите оштетувања на објектот. Воедно, добиените резултати претставуваат влезни параметри за понатамошните фази за проектирање на санационите мерки на објектот, а посебно мерките за спречување на понатамошните деформации на објектот.

Подготвиле:
Софија Калковалиева, дипл.инж.геотех.
Весна Настова, дипл.инж.геотех.

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top