Насловна / Вести / Еколошки потенцијал на идните патишта

Еколошки потенцијал на идните патишта

Неверојатно или не, но ефективноста на дебатата на тема заштита на животната средина се крие во типот на органот, или групата органи, од кои се води. Емотивно ослободена од утробата, што за ratio не е природно живеалиште, речиси да останува без шанси за отворање на кутивчето со панацеја по која напатената Планета одамна запомага. Форсирана разумно и од глава го подрасчистува патот за практични иницијативи кои можат да прераснат ако не во самата панацеја, тогаш секако во нејзина носечка компонента.01

Зората на новиот милениум е дефинитивниот пункт на преплетување на висините на еколошките сметки, кои индустриската и неколкуте технолошки револуции со децении ги испорачуваат. Антрополошкото воодушевување од сопствената умешност во самонаметнатата трка за што повисок животен квалитет, уживаше речиси аутистичен ексклузивитет сè до шокантното сознание дека кон природата не е доволно да сме добри, туку е неопходно да сме крајно понизни. И доколку овие тешки зборови и дијагнози асоцираат на нуклеарен отпад, забавете и отворете шише со „кисела“ вода. Одговорот ви се наоѓа токму под прстите…

02 Пластичен отпад

Цивилизација на пластиката

Индустриската револуција и масовното производство се прародителите на пластиката за широка потрошувачка. А таа како благодарно потомство штедро „возвраќа“. Се чини дека ниту еден витален стопански сектор не останал имун на можностите што употребата на пластичните маси ги отвора. Агрономијата, автомобилската и прехрамбената индустрија, градежништвото, комуникационата и информатичката технологија, ја омасовија оваа био-недеградабилна материја чиј период на распаѓање се движи во класата 4500 години! Степенот на алармирање е подигнат на највисоко ниво, благодарение на студиски докажаните врски помеѓу несоодветното складирање на пластичниот отпад и здравствените аномалии кај современиот човек, кои се развиваат во лепеза од канцер на градите, репродуктивни потешкотии, гентални абнормалности, па сè до опаѓање на квалитетот на машката семена течност.

Поставувањето на оваа проблематика на емоционална подлога, носи опасност од пародиско витоперење на проблемската суштина и посегнување по конвенционални забрани. Рационалната причинско-последична семиотика почива на пошироко и пообјективно согледување. Не воведувајќи ја во дилема потребата за итно дејствување, таа оправдано ги рефундира стравувањата од зголемувањето на негативните еколошко-здравствено-финансиски ефекти во случај на фронтална забрана на широката употреба на пластиката и производите од неа. Ваквиот однос продолжетокот на напуштањето на кризната состојба го изместува од неизвесниот приод со пластика vs без пластика, претпоставувајќи му ја разумната варијанта за нејзино рециклирање и малку поинаква, а со тоа и поширока реупотреба.

03

Производство на пластика на глобално ниво

Масовноста на еден материјал во производите за широка, секојдневна потрошувачка, ги комплицира прашањата за негово складирање како отпад и преработка за иста или други намени. Особено кај оние чие отпадно третирање во која било форма поседува изразена контрапродуктивна еколошка димензија. Вклучувањето на индустриски гранки во рециклажниот процес, кои со тој материјал немаат изворна односно традиционална врска, понекогаш претставува јасен показател за компликациското ниво. Продорот на текстилната индустрија на полето на повторната употреба на преработениот пластичен отпад на одреден начин тоа го потврдува, поместувајќи ја целата проблематика во насока на „конечното решение“. Овој пример, од друга страна, покажува дека носечка филозофија во спротивставувањето на отпадното складирање на еден материјал, треба да биде неговата масовна реупотреба, односно детектирањето на масовните продукти во чиј состав истиот масовно и на научна база би можел да се вклучи.

04 Уситнета пластика

Иситнета пластика

„Пластични“ патишта

Појавата на силно експериментално тежиште на Индискиот потконтинент има логично објаснување: екстремно топлата и влажна клима наметнува потреба за модификација на составот на индиските патишта, со цел зголемување на нивната физичка резистентност и долготрајност. Постоечките студии укажуваат дека додавањето на рециклиран и обработен пластичен отпад – полимер – во битуменската смеса за идниот пат, го намалува процентот на трајни деформации на патниот застор во форма на колотрази, пукнатини и ломови. Убавината на приказната се крие во докажаната можност за реупотреба на масовниот домашен пластичен отпад од типот пластични кеси и друга ПЕТ амбалажа. Таа претходно се измива, иситнува и агломерира до одредена густина на гранулите. Експерименталните напори се движат во две насоки одредени од „влажноста“ на постапката за инкорпорирање на рециклираниот отпад, т.е. процесниот чекор на додавање на полимернот материјал во битуменската маса.

„Влажна“ постапка

Овој приод подразбира мешање на рециклираниот полимер со битуменот, на температура од 180ºС, пред додавањето на минералниот агрегат како врзивен материјал. Токму поради тоа, добивањето на високо компактна смеса е од особена важност, што се постигнува со употреба на наменска апаратура при температура од 130-150ºС. Веќе во следниот чекор, на вака подготвената смеса се додава минералниот (камен) агрегат заокружувајќи го процесот на добивање на т.н. пластично-битуменски композит, кој е подготвен за теренска употреба на нешто пониска темпераура од 110-130ºС. Вообичаеното количество на полимер кое притоа се користи, се движи во „троскок“ од 6%-8%-10% од вкупната битуменска маса.

За да приказната не остане без нуспојави, се погрижил токму користениот пластичен отпад кај кого е забележана појава на апсорпција на дел од испарливите битуменски материи, но и хемиска деградација како резултат на следните фактори:

-       температура при полимерно-битуменското мешање (повисоки температури – поинтензивна деградација);

-       површински карактеристики на рециклираните пластични партикули (погруба површина – побрза деградација);

-       големина на пластичните партикули (помалите деградираат побргу но и помалку);

-       периодот на чување на композитот на температура при која е извршено полимерно-битуменското мешање (подолга изложеност – поинтензивна деградација).

Бидејќи степенот на вака постигнатата хомогеност на полимерно-битуменската смеса и понатаму останува во граничната зона на експериментално поставената цел, целокупната постапка е поведена во алтернативна насока, со замена на рециклираниот пластичен отпад со иситнета отпадна гума.05 Додавање на пластика на камениот агрегат

Додавање на пластика на камениот агрегат

„Сува“ постапка

Во овој случај, рециклираниот и иситнет (1,18-4,36 mm) полимер се додава во минералниот агрегат кој претходно е загреан на температура од 170ºС, пред нивното конечно соединување со битуменската смеса. На овој начин, гранулите на агрегатот во период од 30-45 секунди буквално се обложуваат со омекната пластична маса која овозможува нивно подобро врзување со битуменскиот материјал, а со тоа и зголемена механичка отпорност на патниот застор. Вака „кристализираниот“ агрегат се меша со битуменската маса, која претходно е загреана на слична температура од 150-165 ºС.

Поради „рокадата“ на процесните чекори, експерименталното количество од употребен пластичен отпад во овој случај е срамнето со агрегатот наместо со битуменот, и изнесува 10% односно 15% од масата на употребениот минерал.

Полимерна база

Почетниот обем на полимерната база сосема логично произлегува од доминантните типови на пластичен отпад во рециклажните процеси застапени на територијата на Индија, при што детектирањето на потенцијалните полимерни „кандидати“ е сведено на:

-       полиетилен со ниска и висока густина (LDPE – Low Density Polyethylene & HDPE – High Density Polyethylene), од пластична амбалажа, особено од пластични шишиња;

-       полипропилен (PP), од пластични сламки и амбалажа за кондиторски производи;

-       поливинил-хлорид (PVC), од водоводна инсталација и опрема;

-       полиетилен терефталат (PET – Polyethylene Terephthalate), од амбалажа за вода и негазирани пијалаци;

-       акрилонитрил бутадиен стирен (ABS – Acrylonitrile Butadiene Styrene), од електронска опрема, особено преносни компјутери и мобилни телефони.

Комерцијалната изводливост на полетиленската база, дополнително е „цензурирана“ врз основа на физичките и хемиските карактеристики на полимерите од готовите производи, првенствено во однос на нивната густина и точка на топење. Од тие причини, постапките за експериментално добивање на полимерно модификуван битумен (РМВ – Polymer Modyfied Bithumen) водени се исклучиво со полиетилен со ниска и висока густина (LDPE & HDPE) и полипропилен (PP), како и со веќе споменатата иситнета отпадна гума.

06 Изградба на „пластичен“ пат

Изградба на „пластичен“ пат

Изворната предност на оваа постапка ја дава нејзината достапност со веќе постоечката технологија. Тоа не е пречка полимерниот новитет да дозволи зголемување на точката на омекнување на битуменот, неговата растегливост и општата носивост на конечниот патен застор. Констелацијата од подобрувања е заокружена со намалената оксидација како последица од редукцијата на порите во битуменската маса и чувствителноста на атмосферските води. Доколку на ова се додаде и финансискиот фактор – зголемување на вредноста на отпадната пластика, која за многу средини има и социјална димензија, и задржување на конструктивните и трошоците за одржување на патот – мини-револуцијата на патиштата на иднината може, по сè изгледа, да почне.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top