Насловна / Вести / Денес протест против загадувањето на воздухот

Денес протест против загадувањето на воздухот

Денес, во 17 часот, пред бараките на администрацијата на Град Скопје, неколку еколошки организации ќе организираат протест на кој ќе го истакнат револтот од енормното загадување на воздухот.protest-zagaduvanje

„Сакаме да го искажеме нашето незадоволство од релаксираноста и од незаинтересираноста на надлежните институции, а од Град Скопје и општините да побараме итни мерки, како и долгорочен план за решавање на оваа еколошка и здравствена катастрофа. Сите досегашни мерки и стратегии понудени од институциите и од Град Скопје не дадоа резултат. Потфрлија и нивните ветувања дека ќе се дознаат загадувачите, ќе се најдат причините, ќе се преземат сите неопходни законски мерки и граѓаните на Скопје ќе бидат поштедени од понатамошно труење. Скопје и понатаму неконтролирано се урбанизира, се промовира автоцентричниот пристап – автомобилите имаат првенство пред јавниот превоз, велосипедите и пешаците. Се затвораат очите на надлежните институции пред очигледното и документирано незаконско работење на скопските индустриски објекти, дивите депонии, како и домаќинствата кои во време на економска криза и ниска свест, користат крајно сомнителни суровини за загревање“, велат организаторите на протестот.

Протестот го организираат еколошките граѓански иницијативи „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Ајде Македонија“, „Сакаме Аеродром да дише“, „Но пасаран“ и „Во одбрана на Дебар-маало“.

Изминатите неколку дена, ветерот и дождот целосно го намалија загадувањето на воздухот, но утринава во Скопје, Битола, Тетово, Велес и во Куманово има високо ниво на застапеност на канцерогените ПМ10-честички во воздухот. Во скопската општина Лисиче, повторно мерната станица покажува многу високо ниво на аерозагадување.

Во најавата за протестот се вели дека според Светска банка, имаме најголемо аерозагадување од канцерогени ПМ-2,5 честички во Европа со годишен просек од 39,4 микрограми на еден кубен метар.

„Според Светска банка, во просек четворица Македонци дневно, односно 1.350 годишно умираат поради загадениот воздух. Според Институтот за јавно здравје, во 2015 година, секое второ дете имало респираторни здравствени проблеми. Според Светската здравствена организација, загадениот воздух има влијание врз репродуктивниот систем кај жените и носи ризици за дефекти при раѓање, смрт на новороденчиња, ризик од канцер. Кај возрасните граѓани (над 60 години), загадениот воздух предизвикува мозочни оштетувања и „тивок“ мозочен удар што може да предизвика вистински мозочен удар, деменција, депресија и други негативни здравствени ефекти“, се вели во повикот за протест на социјалните мрежи.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top