Насловна / Вести / Чиста десетка за Microsoft

Чиста десетка за Microsoft

tehnologii

Главна ИТ вест летово е секако новиот оперативен систем на Microsoft, наречен Windows 10. По условно кажано неуспехот со оперативниот систем Windows 8 и неговата „закрпа“ Windows 8.1, конечно копно на повидок. Windows 10 е вистински хит. Критиките се спорадични, а пофалбите не престануваат.

tehnologii (5)

Ако сте Windows корисник и не сте во тек со случувањата околу Windows 10, сигурно сте се запрашале што значи апликацијата Get Windows 10, која на први јуни 2015 година се појави во долниот десен бар (system tray) на мониторот (на компјутерите со оперативен систем и лиценца кои се квалификувани за надградба на новиот оперативен систем). Преку апликацијата Get Windows 10 (GWX) корисниците можат да се запознаат со новините и со условите за надградба, да проверат дали ги исполнуваат техничките услови за надградба како и да резервираат копија од оперативниот систем.

И конечно, на 29-ти јули годинава, Windows 10 стана достапен, па Microsoft ги повика корисниците да направат надградба. Одзивот беше експлозивен. Само во првите 24 часа, над 14 милиони уреди се надградија со Windows 10 (бројката во иднина се очекува да достигне една милијарда уреди). Рецензиите низ цел свет засега се позитивни, со одредени забелешки кои се однесуваат пред сè на приватноста, но од техничка гледна точка засега нема сериозни проблеми со функционирање на останатите апликации.tehnologii (4)

Фамата околу Windows 10 трае уште од септември 2014 година, кога Microsoft официјално го најави новиот оперативен систем по што започна бета тестирањето. Практично од самиот почеток, бета тестерите не ги штедеа суперлативите, најавувајќи дека Windows 10 ќе биде оперативен систем што ќе се памти. Дополнително, Microsoft направи одличен потег со тоа што го понуди Windows 10 бесплатно за надградба првата година, со што дополнително ја загреа атмосферата.tehnologii (3)

Windows 10 има модерен, концизен и логичен изглед со приспособен Метро стил. Старт менито на задоволство на мнозинството е задржано. Воведена е можност за повеќе работни околини (workspaces) по пример на Линукс-базираните ОС. Windows 10 содржи нов интернет-прелистувач наречен Microsoft Edge со нов рендер енџин и минималистички изглед. Internet Explorer се уште постои, но акцентот е ставен на неговиот наследник. Покрај Edge, новина е и персоналниот асистент Cortana кој ни помага да ги организираме нашите обврски, контакти и информации. Апликацијата One Note, која претходно беше во сoстав на MS Office пакетите, сега е вклучена во самиот оперативен систем. Windows 10 содржи многу други апликации на задоволство на корисниците како што се: Mail, Maps, People, Windows DVD Player и многу други апликации.

tehnologii (2)

Критиките, од друга страна, одат пред сè на адреса на приватноста. Доколку при надградбата одбереме Express settings, ќе му дозволиме на Windows 10 да собира информации за нашата локација, пребарувани термини и слично кои ги испраќа на Microsoft. Овие сетинзи можат подоцна да се променат. Корисниците на Home верзиите се оневозможени да одлучуваат кои Windows Update пакети да бидат инсталирани, додека Pro корисниците имаат можност за одлучување дали и што да се инсталира.

Квалификувани за бесплатна надградба се сите корисници на легален (genuine) Windows 7, 8 или 8.1 оперативен систем во Home, Pro и Ultimate верзијата. Самата надградба се врши автоматски преку сервисот Windows Update. Пред самата надградба да се активира, се препорачува да се направи бекап на податоците или барем истите да се стават на друга партиција. Личното, но и искуствата презентирани на Интернет генерално покажуваат дека надградбата се врши беспрекорно. Барем во мојот случај Windows 10 ги задржа буквално сите апликации (меѓу другите и Gemalto) и поставки како што се Интернет, кратенки, запомнети лозинки и слично, со што ми овозможи да продолжам да го користам компјутерот како и претходно.

Мора да се напомене дека надградбата на оперативниот систем е реверзибилен процес, што значи дека по потреба можеме да се вратиме на претходниот оперативен систем. Сите поставки на претходниот систем се зачувани во Windows.old фолдерот. Токму поради постоењето на двата оперативни системи (претходниот и Windows 10) се препорачува т.н. „чиста инсталација“ (clean installation) која подразбира инсталација со форматирање на компјутерот. Дел од корисниците посочуваат дека со чиста инсталација се добива значително забрзување на компјутерот наспроти надградбата. Сепак, за да нема проблеми со лиценцата, се препорачува прво да се направи надградба на оперативниот систем со што ќе се изврши автоматска активација на Windows 10, а дури потоа да се направи чиста инсталација бидејќи на тој начин нема да има потреба од повторно регистрирање на оперативниот систем.tehnologii (3)

Техничките спецификации кои ги побарува Windows 10 се: 32 или 64-битен процесор со минимум 1 Гхз во 32-битна или 64-битна изведба, 1 Гб (2 Гб) работна меморија, графичка картичка со Direct X 9. Windows 10 ќе биде одржуван сè до октомври 2025 година. Од друга страна, оваа година заврши поддршката на оперативните системи Windows 7, односно продолжената поддршка ќе продолжи до 2017 година, но корисниците мора да имаат инсталирано сервис пакови на оперативниот систем.

Microsoft континуирано е во центарот на вниманието последниве години. Неуспехот со Windows 8 со Метро интерфејсот, слабиот пазарен удел на полето на оперативни системи за мобилните телефони, лошиот почеток на Microsoft Surface, беа пресудни за да се пушти алармот. Во 2014 година дотогашниот извршен директор Стив Балмер ја напушти компанијата, а на негово место дојде младиот Индиец Сатја Недела од кого се очекува многу. Практично, Microsoft се наоѓа во одличен момент за да ги промени работите. Windows 10 изгледа одлично, функционира брзо и логично, но се чини најголемата придобивка е во тоа што наместо три различни Windows платформи, Microsoft сега има еден софтвер за сите сегменти: десктоп и лаптоп компјутери, таблети и мобилни телефони. Она што се очекува во иднина е оперативниот систем и апликациите што ги користиме да имаат една лиценца која ќе важи за повеќе различнии типови на уреди, кои ќе бидат целосно синхронизирани меѓу себе и комплетно компатибилни. На тој начин, корисниците би биле целосно функционални во секоја прилика без разлика дали покрај себе имаат лаптоп, таблет или мобилен телефон.

Чиста десетка за Windows 10 и за Microsoft. Стабилноста на системот и изгледот навистина воодушевуваат. Се чини, Windows 10 ќе остане на нашите компјутери уште долго време.

 

 

2 Коментари

  1. браво за текстов

  2. Pri nadgradba od windows 8.1 na windows 10 se.sooviv so dva problema….drajverite za.sounf karticata gi imase zaboraveno odnosno ne instalirano pa morav manual instalacija da pravam i drajverite za wifi uredot ne se kompatibilni t.e. mora da napravam disable na karticata pa enable za da raboti wifi to….

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top