Насловна / Архитектура / Благородна идеја претворена во мегдан за реализација на профитабилни идеи

Благородна идеја претворена во мегдан за реализација на профитабилни идеи

Последниве неколку години сведоци сме на изградбата на најпространиот објект направен во самостојна Република Македонија, на „другата страна од реката Вардар”, плоштадот Скендербег.
Мотивот да напишам едно вакво мислење за овој објект во Скопје е повеќеслоен. Прво и најзначајно е дека Скопје доби нов-проширен јавен простор во центарот на градот. А тоа е многу важна работа за еден град, особено за Скопје. Втората причина е по не знам кој пат да помислам дали нешто недостасува или е одвишок на овој објект за да биде интернационален објект, објект за сите, објект-мост кој ќе поврзе две „поделени” територии. И третата точка што ме мотивираше е да разберам како тројцата проектанти – архитекти Бетим Зеќири, Бекир Адеми, и Бесиан Мехмети (ги напишав по возрасен редослед) се справија со сите политичко-технички причини за оваа идеја да стане реалност.

2
Дефинитивно како одговор на „проектот” Скопје 2014 почна да се размислува за изградба на простор кој ќе ја прошири пешачката зона во старата скопска чаршија, и ќе направи логичен пешачки след, ќе поврзе пешачки проширувања во градот и тоа, плоштадот Македонија, па плоштадот Карпошово востание , и на крајот да се стигне до новосоздадениот плоштад-мост Скендербег.
Поимот „проширен ЈАВЕН ПРОСТОР” треба да биде „камен темелник” за секој кој во иднина ќе добие задача да работи јавна „зграда” а особено во централното градско подрачје.
Набљудувајќи го поширокиот контекст во кој се создаваше овој објект генерално може да се заклучи дека се работи за една благородна идеја која создава ново место во градот Скопје во кој дефинитивно сè повеќе јавните простори се претворија во мегдан за борба каде ќе се реализираат профитабилни идеи, или идеи кои се производ на некаква непрогресивна идеологија.

7
Анализирајќи го објектот по вертикала лесно може да се заклучи дека редоследно се надградува по теркот на некогашна стоковната куќа Мост (1977 година) или сегашен Универзитет на Југоисточна Европа со што несомнено објектот Дауш пашин амам (изграден на крајот на XV век) го остава во дупка од која тешко ќе може некогаш да исплива. Некако овој објект ја губи природната доминантност, со оглед на тоа дека е можеби еден од неколкуте најважни објекти на оваа страна од градот. Од друга страна, со овој плоштад Скопје добива нова супер визура на Скопското Кале, на новата Филхармонија, на МОБ.
На плоштадот се пристапува преку постоечкиот простор пред некогашната стоковна куќа Мост од која со два сосема коректни и храбри архитектонски елементи скали/рампа (во Рем Колхаски манир, лесно совладливи, со сосема природна висина и наклон) и рампа (странична, можеби најдолгата еднолиниска панорамска рампа во градот) овозможуваат лесен пристап до отворениот дел – тераса која на Скопје од ваков тип му е потребна во секој дел од градот, а особено потребна во едно вака густо и сега веќе неконтолирано градско јадро.3

Овој плоштад се претвора во место каде немаш директен контакт со автомобили кои се насекаде, место кое има желба да биде тивко, изолирано од целата бучава во градот.Ескалаторите и лифтот кои водат до плоштадот нема да ги коментирам, бидејќи сè уште не се во функција.
Кога ќе се качиш горе на плоштадот Скендербег од оваа западна страна, секако остануваш горе (некое време) да ги видиш овие нови визури кои ги овозможува висината на плоштадот, да застанеш и да размислиш пред повторно да се симнеш и влезеш во нова скопска бркотница на коли, велосипеди, мотори и луѓе-продавачи. Не треба посебна програма/содржина на еден плоштад за да те примами да го посетиш, едноставно на Скопје му е потребна тишина, а таа ја има на овој плоштад.6

5
Контактот на плоштадот со постоечките објекти на северната страна е мана која или проектантите не го разбраа тој дел или не го разбраа угостителите, можеби ни јас… многу скалишни јадра (вкупно шест, кои сосема пречат на брзата пешачка улица која ја поврзува „Мавровка” со чаршијата. Угостителите сè уште ги поставуваат масите за љубители на храна на истите позиции на кои беа пред да се направи новиот плоштад, се однесуваат како воопшто да не се случило ништо, можеби е тоа само еден протест што беа принудени одново да ги преработат вентилациите кои небаре Гауди ги обликувал се со цел мирисот од ќебапи да го насочат кон итака загаденото скопско небо.
Авторите, инаку тројца супер талентирани архитекти, дефинитивно се во трка со современите трендови во архитектурата, особено што нивните политички клиенти не знам од кои причини, но несомнено ја поддржале идејата на архитектите, иако не сум сигурен дали во целост ја разбрале.

4
Паметам една изјава која ми ја цитираше еден од авторите, а е искажана од нарачателите на проектот, а тоа дека на поставеното прашање „Дали сте сосема сигурни дека овој проект е добар за ова место” по потврдно да, проектот „непречено” продолжува да се реализира по замислата на архитектите. Слушајќи го ова само споредив како течеше проектанскиот процес за создавање на погрешниот проект” СК2014, на другата страна на Вардар, оној тажен дел кој немилосрдно се банализираше проектанскиот процес на архитектите. Се пополнуваше празниот простор телефонски со разни објекти, камења, бронзи, како да сакаа целиот да го наполнат, да не можат луѓе воопшто да пристапат. За уништувањето на реката Вардар нема ни да споменувам.
Новите плоштади во светот се само отворени слободни места без никакви измислени содржини, едноставно спремни за живи настани, настани кои се случуваат денес, настани кои нема да се повторат утре. На пример, потребно е слободен простор организацијата Црвен Крст да оддржи вежба за справување со елементарни непогоди…
На плоштадот Скендрбег не би можел да не ги искоментирам графичките претстави по ѕидовите на објектот, мозаиците на источната и северната страна(иако градовите се коректни) на плоштадот Скендербег. Зарем мораше да се брендира националност на самиот објект, зарем не можеше да биде пример на интернационален објект кој секој ќе може да се препознае во него. Зарем мораше да има поделби дека е албански, а не турски или бошњачки, за македонски не ни прашувам.1
Тие се еден погрешен одговор на потребата овој објект да добие некаков симбол, па дури и да е ваков директен националистички начин.
Од објектот може многу да се научи, а иднината ќе покаже дали тој отворен простор ќе ја задржи суптилноста на местото кое е создадено или ќе се претвори во магацин на маси и столици дополнети со лоша транзициска музика.

Автор: Дејан ИВАНОВСКИ, дипл.инж.арх.

Еден коментар

  1. Plostadov e najgolemo ruglo vo Makedonija… Da se gordeeme sto vakov primitivizam se ceni i nagraduva kaj nas!

Испрати коментар

Scroll To Top